„Најголемата руска авиокомпанија Аерофлот (во нејзин состав влегуваат компаниите Аерофлот, Росија и Победа) во април оваа година забележа пад на превозот во споредба со истиот период минатата година за 95 отсто“, изјави Виталиј Савелев, прв човек на Аерофлот.
Заедно со другите руски авиокомпании бројот на патниците во април падна за 91.8 отсто, јавува новинската агенција ТАСС, повикувајќи се на Федералната агенција за воздушен сообраќај Росавијација. Вкупниот пад на прометот на руските авиокомпании од почетокот на оваа година до мај, во споредба со истиот период лани, изнесува 44.6 отсто.
„Руските компании до крајот на оваа година би можеле да забележат загуба во износ од 550 милијарди рубли или 7.7 милијарди американски долари“, изјави за „Ведомости“ Сергеј Зајцев, експерт од меѓународната консалтинг-компанија „Bain & Company“.
За патничките авиони да не стојат на аеродромите руските компании започнаа да ги користат за превоз на товар, како во одделот за товар, така и во патничкиот салон. Ваква дозвола во април добија седум руски авиокомпании, се соопштува на сајтот на Росавијација.
Со цел зголемување на побарувачката, авиокомпаниите во јуни ги намалија цените на летовите за Русија за 23 отсто, се наведува на порталот на Асоцијацијата на туристичките оператори на Русија (АТОР).
„Авиокомпанијата Победа (фирма ќерка на Аерофлот) воведе попуст на билетите од 60 отсто, меѓутоа многу патници се плашат дека во другите градови ќе се инфицираат од новиот коронавирус, па се откажуваат од летовите, иако веќе купиле билети“, вели раководителот на Аерофлот Савелев.
И покрај тоа, авиокомпанијата оваа година планира да превезе 30 милиони патници (половина од минатогодишната бројка), меѓу другото благодарение на летовите кон руските одморалишта. Фреквенцијата на летовите за Крим на 6 јули го достигна нивото од 2019 година, се наведува на сајтот на меѓународниот аеродром во Симферпољ. Сочи од почетокот на јуни го посетиле сто илјади туристи.
„Владата не очекува руските авиокомпании да банкротираат, меѓу другото благодарение на финансиската поддршка“, изјави претставникот на претседателот на РФ за заштита на животната средина, екологија и транспорт Сергеј Иванов.
Сепак, една од руските компании, Utair, ја запре отплатата на кредитите.
Коронавирусот ѝ нанесе штета на целокупната авиоиндустрија, така што и укинувањето на ограничувачките мерки во поглед на летовите нема да ги отстранат последиците од новонастанатата вонредна ситуација, со оглед на тоа дека за комплетна обнова на авиосообраќајот и на прометот на патници ќе биде потребно време, се вели во соопштението на компанијата. Меѓутоа, авиопревозникот засега не споменува банкротство.
Претседателот на Русија Владимир Путин на состанок со раководителот на Аерофлот рече дека засега е тешко да се предвиди кога европските земји ќе ги отворат границите за руските туристи.
„Не е јасно што ќе прават нашите партнери во многу земји од светот, вклучувајќи ја и Европа, тие не можат ни меѓу себе да ја решат ситуацијата. Непознато е кога ќе ги отворат своите граници и територијата за граѓаните од трети земји, вклучувајќи ги и руските државјани, дури ни за време на летните одмори“, рече Путин.
Претседателот на РФ Владимир Путин и првиот човек на „Аерофлот“ Виталиј Савелев
Алексеј Никољскиј/SputnikРосавијација, пак, ја продолжи забраната за летови кон Русија за странци до први август. Новинската агенција „Интерфакс“, повикувајќи се на свои извори, пренесе дека РФ нема да дозволи меѓународни летови, сè дури не се нормализира епидемиолошката ситуација во сите региони во земјата. Русија прво ќе ги отвори границите за земјите од ЗНД, а потоа за земјите од Европската Унија.
Сепак, некои авиокомпании веќе вршат меѓународни летови, без оглед на затворањето на границите. На пример, Аерофлот продава билети за товарни летови од Москва кон Франкфурт на Мајна, кон Париз, Лондон, Њујорк, Рим, Сеул, Тел Авив и кон уште некои градови.
Претставникот на авиокомпанијата Михаил Дјомин за „Ведомости“ рече дека оваа компанија може да превезува луѓе на товарните летови, но не на сите, ами на оние на кои е дозволен влез, да кажеме, на дипломати, Руси со двојно државјанство или со дозвола за престој во странска држава.
Руската авиокомпанија S7 соопшти дека на својот сајт од 7 јули продава билети за Аликанте и за Ница. Освен тоа, овој авиопревозник има добиено дозвола за чартер летови од Шпанија и Франција. Летовите се дозволени само за граѓани од земјата на одредиштето, земјите од Европската Унија и од Шенгенскиот договор.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче