Погледнете ја неверојатната напуштена советска заоставштина! (ФОТО)

Анастасия/@nakifaria
Мозаици високи колку четирикатници, електрани, градови-сеништа, постсоветски градби на кои изгледа целиот свет заборавил.

Заоставштината на огромната земја која повеќе ја нема во текот на неколку децении е радикално намалена. Старите домови на културата, пионерските логори, електраните и другите објекти на Советскиот Сојуз ги уништија забот на времето или багерите. Нешто, сепак, е зачувано. Остатоците на исчезнатото време предано ги обиколува правникот од Москва Анастасија Рјаковска, бележејќи ги со фотоапаратот несекојдневните глетки.

„Јас не се занимавам професионално со фотографија, тоа го правам за своја душа. Долго време фотографирав луѓе, меѓутоа тоа повеќе не ми прави задоволство. Имав криза во текот на која година дена не го зедов апаратот в рака. Меѓутоа, потоа се запознав со фотографи на напуштени места, таканаречени urban explorers”, вели Анастасија за порталот Russia Beyond.

Тоа било за неа многу инспиративно, така што почнала да патува со нив во оддалечени и помалку познати места. „Пред секое патување исцрпно го проучуваме регионот во кој одиме. Полето на нашиот интерес е големо, напуштени дестинации, несекојдневни природни пејзажи, историски споменици. Со појавата на дроновите ги има сé повеќе“, вели Анастасија.

По долгото пребарување на интернет и социјалните мрежи, се прави список на места кои се внесуваат на картата и подоцна ги обиколуваат. Такви места засега само во Русија има илјадници.

„Најмногу ми оставија впечаток постсоветските објекти кои личат на заоставштина на голема цивилизација која денес практично не се цени. Да речеме, на своите профили на социјалните мрежи се залагам советските мозаици да се вметнат под посебна уметност и да се стават под заштита на државата. Многу импресивни површини под мозаик достигнуваат висина која може да се мери со четирикатни згради, а во градовите ширум Русија нескриено пропаѓаат“, смета таа.

Во Русија денес има многу советски домови на културата и училишта наместо кои ништо не е изградено: „Чувството на тага преовладува додека шеташ меѓу пустите училници и салите на домовите на културата излепени со советски плакати и сфаќаш дека сето тоа ќе се урне и ќе исчезне“.

Омилениот регион на Анастасија без сомнение е Кавказ, затоа што на ниедно друго место во светот нема толку природни убавини, особено не на едно место.

„Колку е скапоцен само Дагестан во кој се наоѓаат и стариот град Дербент и Сулачкиот кањон кој е подлабок од познатиот Гранд кањон во Америка и величествената дина Сари Кум, и Чиркејската хидроелектрана на реката Сулак која по убавината не заостанува зад браната „Хувер“, вели таа.

А Карадашката клисура може да се спореди со познатиот кањон Антилопа во САД.

Далечниот Исток на листата на најомилени дестинации на оваа Московјанка го зазема второт место. „Приморскиот крај, Сахалин, Магаданскиот регион... Впечатоците што ги понесов од далечните патувања се посилни од било што што досега сум доживеала. Доволно е само да фрлите поглед на напуштениот светилник Анива на Сахалин и пустата населба Кадикчан во која живееле неколку илјади луѓе (Магаданска област)“, истакнува Анастасија.

„Додека шетав меѓу празните четирикатници во Кадикчан и влегував во напуштениот спортски центар, киното или продавниците, емоциите што ме преплавија не беа само најстрашните, туку и најсилните во мојот живот“.

Во овој момент, без оглед на пандемијата на новиот коронавирус, Анастасија е повторно на пат.

„Во текот на два и пол месеци планиравме да отидеме до Владивосток и да се вратиме назад во Москва со кола“, објаснува таа.

„На картата имаме обележани околу илјада места кои треба да ги посетиме, вклучувајќи ги оние напуштените, без кои очигледно не се може“, признава Анастасија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња