5 најинтересни споменици на светите браќа Кирил и Методиј во Русија

Дмитриј Часовитин/Global Look Press
На 24 мај целиот словенски свет го празнува Денот на светите рамноапостолски браќа Кирил и Методиј кои се сметаат за основоположници на словенската писменост. Низ целиот свет постојат голем број споменици на овие словенски просветители. Само во Русија има над десет. Редакцијата на Russia Beyond на македонски за вас направи избор и ви ги претставува петте најинтересни.

Москва

Веројатно ова е најпознатиот споменик на Кирил и Методиј од сите што постојат во Русија. Беше откриен на 24 мај 1992 година. Споменикот се наоѓа на Славјанскиот плоштад во центарот на Москва каде на Денот на словенската писменост и култура (така овој празник се нарекува во Русија) секоја година се организираат празнување посветени на овој Ден. Автори на споменикот се скулпторот М.И. Кликов и архитектот Ј.П. Григорјев.

Мурманск

Токму во овој мал град на северот на Русија се појавил првиот во Русија споменик на светите Кирил и Методиј . Интересна е историјата на неговото појавување. На 24 мај 1986 година по иницијатива на мурманските писатели за првпат во СССР бил одбележан Денот на словенската писменост и култура кој потоа станува и државен празник. Во 1988 година во Бугарија се појавува идејата да се подари споменик на Кирил и Методиј, кој ќе претставува копија на бугарскиот монумент што се наоѓа пред зградата во која е сместена Националната библиотека во Софија. Во 1990 година споменикот беше готов. На 3 март 1990 година него го освети бугарскиот патријарх Максим, кој потпиша и акт за негово предавање на претставниците на Мурманск. По еден и пол месец, на 22 мај 1990 година, на скверот пред зградата на Мурманската областна научна библиотека се случи церемонијата на откривањето на споменикот.

Владивосток

Споменикот на свети Кирил и Методиј во Владивосток е единствениот монумент на Солунските браќа на Далечниот Исток. Тој беше свечено откриен на 1 јули 2006 година. Споменикот се наоѓа на главниот видиковец на градот – врвот на Орлиното ридиште, од каде се отвора прекрасен поглед на заливот Златен Рог и на самиот град. Во овие краишта Кирил и Методиј се сметаат и за заштитници на студентите, кои често за времето на сесијата доаѓаат тука и бараат помош во положувањето на испитите. Ритуалот завршува со ѕвон на камбаната во камбанаријата со златна купола и со крст, која се наоѓа непосредно зад споменикот.

Ханти-Мансијск

Во Ханти-Мансијск споменикот на Кирил и Методиј беше поставен на 23 мај 2006 година кога во овој сибирски град се одвиваа Серуските денови на словенската писменост и култура. Интересно е што правото за откривање на споменикот не им беше дадено на официјални лица, ами на учениците од православната гимназија и од неделната школа на храмот Во името на воскресението Христово, на чија територија и се наоѓа споменикот.

Самара

Во овој град кој се наоѓа на брегот на реката Волга, споменикот на Кирил и Методиј беше откриен и осветен на 23 мај 2004 година. Тој е третиот во Русија споменик на рамноапостолските браќа по Мурманск и Москва. Автор на овој споменик, како и на московскиот, е скулпторот В.И. Кликов. Тој е најголемиот споменик на словенските просветители во Русија: две бронзени фигури со височина од 3.5 метри се поставени по страните на крстот кој е висок речиси 6 метри, а кој се наоѓа на територијата на Кирило-Методиевскиот собор.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња