Историја во фотографии: Запознајте ги тајните на Бајкалското езеро

Јуриј Кавер/Sputnik
Најдлабокото езеро на светот е и истовремено и најголемо слатководно езеро на светот кое според големината може да се спореди со Белгија или со Холандија. А, го опкружуваат пејзажи со извонредна убавина.

Почеток на 20 век, Руската морнарица го добива својот прв мразокршач кој го носи името според езерото: „Бајкал“. Тој по водите на езерото плови сè до 1918 година.

1900. На оваа фотографија можете да го видите првиот воз кој патувал по брегот на езерото, минувајќи по Транссибирската магистрала. За жал, денес не може со воз да се мине толку блиску до езерото, но тоа сепак може да се види од воз. Имено, еден дел од пругата околу Бајкалското езеро бил поплавен за време на изградбата на Иркутската хидроелектрана. Денес тоа е пруга која не води никаде.

1905. Карпата „Хобот“ (Сурла) на Шаманскиот 'рт. Порано била свето место на кое биле вршени шамански ритуали, а денес е едно од изгубените блага на Бајкал. Карпата била крената во воздух за време на ископувањата во советското време. Но, според гласовите, тоа била целна акција против окултизмот.

1959. Бајкалско изгрејсонце. И покрај популарноста на оваа дестинација и многубројните хотели во близина на езерото, и понатаму може да се ужива во вакви исконски глетки. Исто така лесно се стасува до оддалечените локации во близина на Бајкалското езеро, каде можете да уживате во самотијата и во глетките на недопрената природа.

1964. Бајкалското езеро има уникатна клима. Тоа дури има и свои сопствени ветришта. Назима не се сурови како во централен Сибир, ниту се неподносливо врели налето. Водата, сепак, е прилично ладна и единствено време кога можете да пливате без да се тресете од студ е август.

1966. Селото Лиственичное (денес Листвјанка) е населба која е најблиска до езерото. Во 1725 година човекот по име Николај Кислицин решил зимата да ја мине на брегот на Бајкалското езеро. Подоцна на ова место се подигнати неколку куќи.

1969. Летно возење со чамец по Бајкалското езеро. Езерото нуди голем број активности за туристите: шетање, планинарење, екскурзија по пештерите, јавање, возење кајак и возење со хеликоптер, како и други зимски волшепства.

1970. Деца на брегот на Бајкалското езеро назима. Езерото е долго околу 636 километри и се наоѓа помеѓу два руски региони: Иркутската област и Република Бурјатија (со главен град Улан-Уде).

1982. Бајкалската фока или нерпа е симбол на езерото. Зарем не се слатки? Освен нерпата, во Бајкалското езеро живеат околу 2.600 животински видови! Не заборавете да го пробате локалниот специјалитет: бајкалски омул.

1983. Геолозите сè уште не можат да се сложат во врска со прашањето за настанувањето на Бајкалското езеро. Но, се сложуваат дека тоа е старо околу 25 милиони години. Првиот Русин кој го открил езерото бил козакот Курбат Иванов, а тоа се случило во 1643 година.

1989. Уште едно мистериозно место е Шаман-камен на островот Ољхон во средината на езерото. Постои прекрасна легенда за оваа карпа. Локалниот јунак кој се викал Бајкал, имал ќерка Ангара, што е исто така име на реката која се излева од езерото. Ангара се вљубила во младиот Енисеј и избегала од дома. Енисеј е исто така име на река која се влева во Ангара. Кога дознал дека ќерка му избегала, збеснатиот Бајкал на неа го фрлил Шаман-камен.

1990. Кога во текот на зимата целото езеро е замрзнато, луѓето на него играат хокеј, се лизгаат или се скијаат. Пред крајот на зимата секоја година се организира маратон по езерото.

Прочитајте уште така: Кој ги црта мистериозните кругови на Бајкал?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња