Основан во 1838 година, Новоросијск (1.491 километар јужно од Москва) е голем индустриски град и најголемо поморско пристаниште на Црно море. Градот во текот на целата година е забрзан деловен центар, а животот тука не забавува дури ни кога ќе се заврши сезоната на одморите. Големи количества товар секој ден пристигнуваат на пристаништето благодарение на градскиот залив кој на брегот на Црно море е доволно длабок и доволно долг дури и за големите бродови.
Иако климата е мошне блага (назима заливот никогаш не замрзнува), над градот повремено налетува торнадо или силен ветар. Овие бури можат да достигнат брзина од 105 километри на час и да предизвикаат разорување и привремен колапс. Во септември 2017 година бурата собори десетина стебла, оштети покриви и автобуски станици. Мештаните се научени да живеат во вакви жестоки услови, но дури и тие понекогаш си остануваат дома.
Во градот живеат над 300.000 луѓе (вклучувајќи и голема заедница Грци). Меѓу нив е и иноваторот на полето на сајбер-безбедноста Евгениј Касперски. За Новоросијск во секој случај не може да се каже дека е здодевен град. И покрај забрзаната атмосфера, градот на туристите им нуди огромни можности за забава, како што се нуркање, едрење или ноќни клубови.
Локалното население исто така го сакаат кејот покрај морето каде може да се види вкотвениот брод-музеј „Михаил Кутузов“, некогаш дел од Црноморската флота, кој учествувал во два вооружени конфликта: во арапско-израелската војна од 1967 и од 1973 година. За време на викендите кејот и околните плажи се места на кои можат да се видат жителите на Новоросијск во релаксирано издание.
Новоросијск е еден од руските градови-херои: во 1943 година мала единица локални војници и морнари успеале да повратат околу 30 квадратни километри територија која ја окупирале нацистичките сили и овој реон го бранеле 225 дена сè дури градот не го ослободила Црвената армија. Споменикот на таканаречената „Мала земја“ го чува сеќавањето на нивниот подвиг и е една од најпопуларните знаменитости во градот.
Регионот околу Новоросијск е познат како еден од руските вински региони. Винарницата Абау-Дјурсо, која ја има основано рускиот цар Александар Втори во 1870 година, не е далеку од градот и сè уште ги произведува прочуените трпезни и пенливи вина кои денес се служат на приемите во Кремљ.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче