Најнеобичната тролејбуска линија на светот

Lori/Legion-Media
Туристки од Германија, наместо со такси, патувале до Јалта со тролејбус речиси 100 километри низ планина и по брегот на морето, па своето искуство од патувањето го споделуваат со читателите на „Руска реч“.

Штом допатувавме со авион од Москва во Симферпољ и излеговме од аеродромот, веднаш почнаа да ни приоѓаат еден куп таксисти со понуда да нè однесат во кој било град на полуостровот, во Алушта, во Севастопољ или во Бахчисарај. Но, ние однапред решивме да искусиме една необична знаменитост на Крим – најдолгата тролејбуска линија на светот од Симферпољ до Јалта.

На секои 20 минути тролејбусот со број 52 тргнува на јужниот брег од Крим и ова патување чини само 129 рубли (околу 2 евра). Првата станица е во близина на аеродромот. За три часа тој треба да помине 96 километри низ градот Симферпољ преку Кримските планини и по должината на Црноморското приморје. Кримскиот тролејбус е единствен на светот што сообраќа низ планина.

 Lori/Legion-Media Lori/Legion-Media

Ова е најевтиниот начин од Симферпољ да се дојде на туристичкиот јужен дел од Крим, но затоа е и најбавен. Што ќе им е тоа на туристите? Затоа што на овој начин тие спокојно и детално можат да ги набљудуваат и луѓето и природата која попатно се менува.

Набрзина купивме билети во малиот бел киоск покрај станицата. Тролејбусот беше речиси празен. Само една постара двојка чекаше тој да тргне. Возачот беше жена. На Крим и во цела Русија, кој знае зошто, тролејбусите главно ги возат жени. Таа најпрво ги избриша прозорците, а потоа ги провери билетите, по што тролејбусот тргна. Нашето патување започна.

Александар Рјумин / ТАССАлександар Рјумин / ТАСС

Низ Симферпољ

Од аеродромот патот води директно во центарот на Симферпољ. Додека низ прозорецот ги разгледувавме брдата во далечините, на другата страна од коловозот градежните машини ја прошируваа и ја асфалтираа улицата. На станиците влегуваа нови патници: работници, ученици со ранци и баби со торби.

Се движиме полека, без брзање го преминуваме мостот над железничките шини. Во близина на зградата на железничката станица нема жива душа. Пероните се празни. „Кај нас ништо не сообраќа“, ми вели еден патник. „Наутро само два-три меѓуградски електрични воза и толку“. Патничките возови се укинати по референдумот во 2014 година.

Ја минавме автобуската станица, каде, напротив, има многу народ: луѓето брзаат, јадат, викаат, купуваат билети и во последен час влегуваат во автобусите. Нашиот тролејбус сега веќе е преполн. Наспроти нас седнаа двајца ученици, но влегоа и две баби. Учениците станаа и им ги отстапија местата, на што тие им се заблагодарија. Потоа следуваа бескрајни разговори за времето, за патиштата и за претстојниот викенд.

Се движиме по главната и најдолга градска улица која се нарекува Киевскаја. Симферпољ е неочекувано сив град: шаренила од плакати, реклами, луѓе и градилишта, а самите згради се сиви. Насекаде наоколу има песочен прав што ја разнесува доцниот есенски ветар. Учениците наспроти нас јадат бела чоколада. Тролејбусот излегува од центарот на градот и влегува во едно село.

Lori/Legion-MediaLori/Legion-Media

Тролејбусот сообраќа по оваа линија над 50 години. Првиот дел од линијата кој се движел од Симферпољ до Алушта е отворен во 1959 година, а продолжението до Јалта во 1961 година. И сега патувањето трае исто онолку, колку што траело и тогаш. Сменети се само возилата. Пред 40 години по Кримските планини сообраќале модели од марката „Шкода“, а денес тоа се руски тролејбуси, на пример новиот „Авангард“ со низок под од Вологодската фабрика.

Низ планините

Одеднаш на видикот се појавија планини. Тролејбусот полека и спокојно се извива низ серпентините. Од десната и од левата страна има карпи и шуми. „Кој знае колку печурки има тука и колку високо треба човек да се качи за да ги набере?“, си помислив јас.

Во еден момент патот стана стрмен, а тролејбусот почна да „стенка“. Некаде среде Кримските планини наидовме на голем крст. Сме се качиле на контлоната, односно на највисоката точка на тролејбуската линија која се нарекува Переваљно. Се наоѓа на 752 метри над нивото на морето. На ова место е подигнат споменик на тролејбусот. Ова место е границата над која првите руски тролејбуси не можеле да се движат. Во меѓувреме тролејбусот сосема се преполни. Повеќе нема место ни за стоење. Понатаму се спуштаме кон морето.

Lori/Legion-MediaLori/Legion-Media

Спуштање кон морето

Морето започнува веднаш по Алушта, првото одморалиште на нашиот пат. Жената што возеше ја замени нејзина колешка. Во тролејбусот турканицата стана речиси неподнослива зашто на станиците на локалните жители им се придружуваат сè повеќе туристи. „Каде е станицата Ботаничка градина?“, прашува една патничка. „Во Никита, ќе ви кажам“, одговара некој. Му се приклучува некој друг: „И јас таму излегувам, ќе ви покажам“. До Никитската ботаничка градина има уште неколку километри, но вознемирените туристи уште многу пати прашуваат да не ја одминале станицата.

Lori/Legion-MediaLori/Legion-Media

Во Европа ретко каде има толкав метеж во јавниот сообраќај. Поради тоа на Европејците им се интересни ситуациите во автобусите, во возовите или во тролејбусите што ги иритираат Русите. Тоа е исто како во вагоните без купиња: ќе се возите една недела од Москва до Владивосток, но затоа ќе можете да се запознаете со локалното население, во зависност од тоа колку знаете да зборувате руски. За запознавање на земјата не е доволно да се возите со такси до хотелот или да одите на екскурзии.

Од Алушта до Јалта има 33 километри и патот води по должината на стрмниот брег на Црно море. Понекаде наидуваме на тезги со сувенири, со зеленчук, овошје и вино. Во секоја населба патот ту се оддалечува од брегот и оди нагоре, ту повторно се спушта и му се приближува на морето. Кримската тролејбуска линија малку потсетува на „воз на смртта“.

 Lori/Legion-Media Lori/Legion-Media

Минуваме покрај Масандровскиот дворец, младинскиот камп „Артек“ и покрај Ботаничката градина, и секаде излегуваат и влегуваат туристи. Многумина носат фотоапарати и очила за сонце. Од левата страна низ прозорецот на тролејбусот ги гледаме кримските гратчиња, а долу големото и сјајно море. Од десната страна има лозја, а покрај нив се наоѓаат домовите на нивните сопственици.

Ја поминуваме и последната надолнина покрај винарницата „Масандра“ и доаѓаме до Јалтинската автобуска станица. Повторно нè пресретнуваат еден куп таксисти. Ние сме „туристи-почетници“ на Крим, но за време на „тролејбуското патување“ дознавме дека одморот на Крим ќе биде преполн со убави пејзажи и добри, опуштени луѓе.

Александар Рјумин / ТАССАлександар Рјумин / ТАСС

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.