Москва ќе добие „метро-лајт“

Максим Блионв / РИА Новости
Во престолнината на Русија на 10 септември ќе биде отворена Московската централна кружна железничка линија, слична на германската S-Bahn и на лондонската Overground линија. Новите вагони ќе имаат безжичен Интернет и ќе можат да превезуваат 400.000 патници дневно, што за 15% ќе го растовари метрото во Москва и за 20 минути ќе го скрати просечното возење со градски превоз.

Идејата да се изгради ваква кружна линија не е нова. Таа за првпат била спомената од министерот за финансии на Руската Империја Сергеј Вите пред нешто повеќе од сто години. Императорот Николај Втори на специјалниот совет на 7 ноември 1897 година наложил да се започне со изградба на „Малата кружна железничка линија“, како што се нарекувала тогаш, а самата изградба започнала во 1903 година. Станиците биле проектирани во стилот модерна. Ќерамидите за покривите се носеле од Варшава, додека ѕидните часовници биле нарачани од познатата швајцарска фирма „Павел Буре“. Во станиците била воведена струја и биле поставени холандски и руски печки.

Москва, 1939. Илустрација: Анатолиј Гаранин / РИА НовостиМосква, 1939. Илустрација: Анатолиј Гаранин / РИА Новости

И покрај очекувањата, патничкиот сообраќај не заживеал веднаш. Имало малку патници зашто билетите биле мошне скапи. Потоа политиката на цените била преиспитана, по што Московската централна кружна железничка линија („Московское центральное кольцо”, МЦК) сè до 1917 година ги развезувала низ Москва работниците и службениците.

Но, превозот на патниците бил запрен веќе во дваесеттите години од минатиот век, кога во реоните низ кои поминувала оваа железничка линија бил воведен трамвајскиот и автобускиот сообраќај, а пругата била користена исклучиво за превоз на товар.

Во советско време во повеќе наврати се говорело за тоа дека МЦК повторно треба да стане еден вид градски превоз за патниците. Но, линијата била преоптоварена со превоз на товар, а и поради специфичната конструкција не можело брзо и лесно да се премине на патнички вагони.

Москва, 1941. Војници на Црвената армија заминуваат на фонт. Илустрација: Аркадиј Шајхет / TAССМосква, 1941. Војници на Црвената армија заминуваат на фонт. Илустрација: Аркадиј Шајхет / TAСС

Градските власти дури во 2011 година го усвоија проектот за интеграција на Московската кружна линија во мрежата на патничкиот сообраќај на руската престолнина. Кога проектот ќе биде реализиран во целост, МЦК ќе биде нешто слично на Overground во Англија, S-bahn во Германија, Stadtbahn ви Австрија, RER во Франција, Passante во Италија и HEV во Унгарија.

Погодностите на новиот градски превоз

МЦК ќе ги користи возовите „Ласточка“ кои ги има проектирано компанијата Сименс специјално за руските пруги. Овие возови се користеа на Олимпијадата во Сочи, а сега се користат во Подмосковје на Ленинградската и на некои други линии. Секојдневно по пругата ќе сообраќаат 130 двојки возови „Ласточка“. Вагоните се поголеми одошто во метрото, односно се пошироки и има повеќе места, а предвидени се и тоалети, клима-уреди и екрани, како и превоз на детски колички и велосипеди. Композициите ќе имаат безжичен Интернет и штекери за полнење мобилни уреди. Секоја композиција ќе има 5 вагони и ќе може да прими по 1.250 патници. Возењето ќе се плаќа со картичка исто како и во метро, односно ќе постои Единствен билет (за еднократно возење) и „Тројка“ (билет со можност за дополнување).

МЦК ќе има вкупно 31 станици. Илустрација: Евгениј Бијатов/РИА НовостиМЦК ќе има вкупно 31 станици. Илустрација: Евгениј Бијатов/РИА Новости

МЦК ќе има вкупно 31 станица. Секоја од нив ќе биде поврзана со станица на надземен градски превоз, додека 17 станици ќе имаат врска со метро-станици. Од нив 11 станици ќе имаат затворени премини до метро-станиците. Проектантите на метроата ваквите премини ги нарекуваат „суви нозе“. На 10 станици ќе биде овозможено преседнување на приградските железнички линии. Градските власти најавуваат дека преседнувањето ќе трае најмногу 8 минути. Возовите ќе се движат во интервал од 5 до 6 минути во шпицот и 10 до 15 минути во останатиот дел од денот. МЦК ќе работи исто како и метрото од 6 часот наутро до 1 часот по полноќ.

Според прогнозите, Московската централна кружна железничка линија треба да го намали оптоварувањето на кружната линија на метрото за 15% и за 40% да ги растовари московските железнички станици, зашто жителите од Подмосковје нема да мораат да патуваат до нив за да влезат во метро, туку ќе преседнуваат на МЦК. Ова, според проектантите, за 20 минути ќе го намали просечното патување со градскиот превоз.

Новите вагони ќе имаат безжичен Интернет и ќе можат да превезуваат 400.000 патници дневно. Илустрација: Сергеј Савостјанов/ TАССНовите вагони ќе имаат безжичен Интернет и ќе можат да превезуваат 400.000 патници дневно. Илустрација: Сергеј Савостјанов/ TАСС

Со оглед на тоа дека неколку милиони московјани најбргу ќе стасуваат до своите домови со возовите на МЦК, се смета дека до крајот на оваа години надземните возови на престолнината ќе можат да примат 400.000 патници дневно, а годишно ќе превезуваат 300 милиони луѓе.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.