Извор: krasaderevni.ru
Од октомври 2015 година во Русија официјално се одржува избор за најубаво село. Првиот и засега единствен победник на ова натпреварување е трговското село Вјатское во Јарославската област (околу 300 километри од Москва).
Благодарение на приватните инвеститори ова некогаш сиромашно и депресивно село во 2007 година е претворено во културно-историски комплекс со десетина музеи, три хотела, ресторан, кино и концертна сала и со потребната туристичка инфраструктура.
Бројот на реконструираните камени историски објекти во Вјатское е поголем одошто во поголемиот број други села, поради што оваа населба е наречена „село кое сака да стане град“.
Но, најважни промени доживеаја неговите жители, од кои речиси половината сега се ангажирани на нови работни места во музеите. Вјатское, во кое живеат околу 500 луѓе, годишно го посетуваат речиси 100 илјади туристи. Тие тука доаѓаат поради малите црквички, интересните пејзажи и реконструкцијата на секојдневниот живот на трговците во музеите.
Извор: Lori/Legion-Media
Степа, планини, јурти, стада камили и стар будистички манастир – тоа е она околу што се врти животот на потомците на племето Гучит, кое се населило во бурјатското село Ацагат (70 километри од Улан Удеа, главниот град на Бурјатија).
Нивните предци биле номади. На овие простори дошле во 17 век од сибирската тајга и поставиле стотина јурти во Ацагатската долина, каде воздухот е исполнет со мирис на светата трева аја-ганха кој долго останува во ноздрите.
Успокоителната атмосфера на ацагатскиот будистички манастир со 1,000 фигури на Буда претставуваат интересен контраст во однос на динамичниот туристички комплекс „Степски номад“. Локалните жители ги служат гостите со традиционални „бузи“ (пељмени варени на пареа), чај со млеко од јак и сол (како што го пијат степските номади), со локалниот колач боова и со вотка. Исто така можете да гаѓате со стрела, да јавате брзи коњи и да учествувате во егзотичните обреди на автохтоното население на Бурјатија.
РИА Новости/Алексеј Куденко
Самиот факт дека селото Есо се наоѓа на кратер на изгаснат древен вулкан меѓу извори на топла вода, реки кои никогаш не замрзнуваат и планински врв го прави ова место исклучително привлечно. Во овие краишта, кои денес се на списокот на светското наследство на УНЕСКО, некогаш се доселиле малите автохтони народи на Камчатка – Итеолмените, Евенките и Корјаците, кои и денес живеат тука.
Есо е зафрлено место: од камчатската престолнина Петропавловск Камчатск го делат 500 километри, а од Москва 6.500 километри. Но, доколку решите да го посетите ова место, нема да зажалите. Тука можете од прва рака да го запознаете животот на староседелците, нивните ритуални песни и танците кои доведуваат до состојба на транс. Можете да се искапете во термалните базени под отворено небо, да го запознаете животот на вулканите, па дури и да сретнете мечки (овој крај е нивната природна средина, но не грижете се, тукашните мечки не напаѓаат луѓе).
Секоја пролет во селото Есо се одржува главниот туристички настан на годината на Камчатка. Тоа се трките со кучешки запреги „Берингија“ на траса долга илјада километри. Овој настан се споменува и во Гинисовата книга на рекорди.
Извор: Валериј Клам
Селото Аскат е скриено од цивилизацијата во Алтајските планини и е оддалечено од Москва 3.600 километри. Својата привлечност ја добива пред сè благодарение на своите жители. Од 120 луѓе 40 се уметници кои со своите дела и со својата вештина ги исполнуваат четирите уметнички галерии и центарот за национална култура „Лукоморје“.
Туристите го посетуваат Аскат за да купат рачно изработени производи од локалните мајстори: фустани и кошули со древен магиски вез и керамички окарини кои можат да ги направат само неколкумина во Аскат. Туристите исто така доаѓаат за да медитираат на брегот на тиркизната река Катуњ, да ја доживеат творечката атмосфера на ова уникатно место и да поминат ноќ во лековит сон во колиба од слама.
Извор: Lori/Legion-Media
Селото од Калушката област (220 километри од Москва), кое во деведесеттите години од минатиот век речиси беше изумрено, новиот живот го доби благодарение на фестивалот „Архстојание“. Меѓународниот фестивал на ленд-арт и на пејзажна архитектура го исполни опкружувањето на селото со надреалистички објекти, а нивите на кои се одгледува компир, реката Угра и тукашните шуми се претворија во место кое го посетуваат илјадници љубители на современата уметност и на жителите од градовите кои сакаат да минат време во природа далеку од виртуелниот свет. Онаму кадешто селаните некогаш ги пасеа кравите и кадешто одгледуваа зеленчук, подигнати се хотели со капсули, Патеката на Мебиус, Мрзеливиот Зигурат, Космички Ум и уште стотици уметнички објекти кои на посетителите им се достапни во текот на целата година. Наесен и назима ленд-артот во селото Никола-Ленивец во снежниот руски пејзаж изгледа како глетка од друга планета.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче