1. Трамвај, метро и други пријатели на туристот
Извор: PhotoExpress
Јавниот превоз е извонреден начин да се обиколи Москва за помалку од еден долар. Постои еден билет за сите видови превоз: метро, автобус, трамвај и тролејбус. Едно возење чини само 0.7 долари.
На туристите од странство им се нудат многубројни екскурзии со автобус. Тие тргнуваат од Црвениот плоштад, траат околу 2.5 до 3 часа и чинат 10 до 15 долари. Маршрутата е направена така што автобусот се движи по историските улици и ретко кога излегуваат на магистралите со густ сообраќај.
2. Екскурзија со брод и светла на вода
Извор: TAСС/Сергеј Фадејчев
Речниот транспорт во Москва не запира ни назима. Туристичките јахти од затворен тип со греење и со прозорци со панорамски поглед на брегот се опремени со неопходниот прибор за кршење мраз. Маршрутата минува покрај главните знаменитости на стара и на советска Москва, од Сталиновите облакодери до Кремљ и Новодевичиј манастир. Доколку сакате, можете да излезете на палубата и да се фотографирате со одразите на ноќното осветлување на водата во позадина.
Екскурзијата трае 2.5 часа. Билетот за возење со јахта изнесува 10 долари, а уште толку ќе потрошите за комплетна вечера за едно лице во ресторан.
3. Релјефна архитектура и видици од височина
Извор: Ресторан „Бел зајак“
Москва се наоѓа во Источноевропската низина, една од најголемите рамнини на светот. Та не е позната по стрмните речни брегови и по ридестите патчиња, но сепак не остава впечаток на рамен, визуелно неинтересен град. Релјефот тука го создаваат згради со различни висини. Хармонијата на стаклени облакодери и еднокатни палати од времето на царска Русија создава илузија на шаренило и на нагло менување на висината.
Оваа слика може да се види од покривот на која било висока зграда. Ваквата слика ви ја откриваат и рестораните на покривите на московските многукатници.
За оние кои се сити од боршч и од пељмени, а кои сепак сакаат да ја видат Москва од птичја перспектива постои уште една варијанта. Посетете ги двата највисоки градски видиковци – Останкинската кула (висока 330 метри) и облакодерот во бизнис-центарот „Москва сити“ (висок 240 метри). Билетот и за двете места чини околу 15 долари.
4. Пруга над градот или уште еден необичен начин
Извор: Alamy/Legion-Media
Московската едношинска железница влегува во списокот најнеобични видови јавен превоз во Русија. Ова „метро во воздухот“ кое минува над патиштата и тротоарите беше отворено во 2004 година на североистокот од Москва. Линијата на едношинската железница опфаќа шест станици и се протега од метро-станицата ВДНХ до Тимирјазевскаја. Возењето по целата линија трае околу 20 минути.
Пругата е подигната на столбови високи 4 до 6 метри, така што од вагоните се гледа величествениот советски проект на изложбениот комплекс ВДНХ, линијата на железницата минува низ неговиот северен дел, на Музејот на космонаутиката, Останкинската кула и индустриските делови на северот на Москва. Билетот чини помалку од еден американски долар.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче