Зима, мечки и опасности: три мита за Сибир

Alamy/Legion-Media
Судејќи според стереотипните верувања, во Сибир владее вечна зима, а по улиците шетаат мечки, така што доаѓањето тука е мошне опасно. Но, стварноста е сосема поинаква. Russia Beyond Македонија ви ги претставува трите најраспространети мита за Сибир.

Ана Груздева е автор на бројни текстови за патувања на нашиот сајт и потекнува од Сибир. Таа избра три најзастапени стереотипи за Сибир и погледна на нив од агол на некој кој при споменувањето на зборот „Сибир“ веднаш помислува на зима, на мечки и на логорите од ГУЛАГ.

Сибир зазема речиси 10% од светското копно и се протега сѐ до монголската граница на југ и до ладните брегови на Северниот Леден Океан на север. Тоа е земја на осуденици и на херои, наоѓалиште на нафта, а исто така и на рудници на јаглен и на злато. Освен тоа, ова е и територија со најголеми шумски масиви на светот. Во Сибир доаѓаат оние што се во потрага по авантуристички одмор, луѓе што сакаат да го истражат непознатото, како и зависници од адреналин, кои возбудата ја наоѓаат на високите планини и во заборавените села покрај Транссибирската пруга.

Вечна зима

Извор: Денис Кожевников / ТАССИзвор: Денис Кожевников / ТАСС

„Во Сибир е многу ладно“. Ова е најчестиот стереотип за Сибир кој е исто толку распространет во другите делови од Русија колку и во странство. Нема резон да се дискутира дали е тоа точно, со оглед на тоа дека веќе во октомври од орманите се вадат зимските чизми, топли капи и ракавици. Но, сибирската зима не трае вечно. Полскиот фотограф Рафал Милач има дојдено во Сибир неколку пати додека работел на својот проект „Седум соби“, па во една пригода има изјавено: „Кога првпат дојдов беше лето. Во Новосибирск зедов зимски чевли, а температурата беше 40 степени според Целзиус. Мислев дека во Сибир ќе биде ладно, па морав да одам во продавница и да купам летна облека“.

Мора да се земе предвид фактот дека Сибир зазема огромен дел од Евроазија. Доколку во јуни дојдете во најсеверниот дел на Краснојарскиот крај, на пример во местото Диксон, ќе видите многу снег, а исто така и замрзнатото Карско Море и луѓе како носат топли виндјакни. Тоа е така зашто сте дојдени на Арктикот. Но, ако исто во јуни го посетите Краснојарск, кој се наоѓа многу појужно, ќе видите како се сончаат студенти покрај брегот на Енисеј, семејства со деца кои на островот Татишев, главен градски центар за рекреација, возат велосипеди или ролери. Доколку не ги покриете рамената, ќе ве изгори сонцево. А, пак, доколку заминете на Алтај, ќе ви биде ладно како напролет, зашто сте опкружени со планини.

Многу луѓе што се родени во Сибир ги сакаат долгите зими, без оглед на тоа што температурите паѓаат до -20 или -30 степени според Целзиус, но тие уживаат во скијањето, во лизгањето или во возењето сноуборд. Минатата година учесниците од проектот „Јас сум од Сибир“ организираа кампања под назив „Белите сибирски плажи“, со цел да покажат дека зимските забави на Сибир се поубави и поинтересни од летните.

Мечки

Извор: Shutterstock/Legion-MediaИзвор: Shutterstock/Legion-Media

„Мечки шетаат по улица“. Ова е следниот популарен мит за Сибир. Секако, таму има огромни ненаселени пространства со тајги каде што живее кафеавата мечка, па не можеме да одречеме дека овие кривоноги месојадци не ни се соседи. Сепак, тоа се разликува од регион до регион.

Така, ако се упатите на планинарење по Западен Сајан, или ако тргнете на прошетка низ малите села опкружени со тајга во регионот на Тофаларија во Иркутската област, или ако дојдете до Чарската пустина, голема е веројатноста дека ќе сретнете мечка. Но, во големите градови, како што се Краснојарск или Новосибирск, тоа е речиси невозможно. Од друга страна, точно е дека понекогаш овие животни се појавуваат во предградијата. Најчесто се принудени да се приближат до населбите поради шумските пожари или доколку во местото каде што живеат тие нема доволно мешунки или бобесто овошје со кои тие се хранат. Инаку, мечките ги избегнуваат луѓето, а ни човекот нема желба да доаѓа во контакт со нив.

Мечката се смета за еден од симболите на Сибир, но, пред сѐ, станува збор за долгогодишен обид за развој на локален туристички бренд. Доколку го посетите јужниот дел на Алтај, најпрво ќе видите како на небото кружат мршојадци. Во степите на Даурија на југот од Забајкалскиот крај, најпознати животни се манулот (паласовата мачка), срната и монголската газела (ѕерен). За мнозинството староседелци на северот најважно животно е ирвасот.

Опасна територија

Photo credit: Alamy/Legion-MediaPhoto credit: Alamy/Legion-Media

Понекогаш од странците слушам дека нивните роднини ги одвраќале од патувањето зашто „Сибир бил опасен“. Претпоставувам дека причина за тоа е што во советска доба зад Уралските планини се наоѓале голем број логори од ГУЛАГ-от. Денес СССР не постои, логорите одамна се напуштени и заборавени, а во Сибир со радост ги пречекуваат туристите од сиот свет. Според тоа, сосема е погрешно да се смета дека е ова место што е поопасно од кое било друго на светот.

Во нашите краеви, баш како и во Европа, САД или во Австралија, може да се наиде и на топло добредојде, но и на непријатности. Еден ден ќе сретнете отворени и љубезни луѓе, а веќе следниот некој што е нечовечен или пијан. Но, тоа може да се случи каде било. Блогерката Пеги Лохсе дошла на северот на Русија од Германија и своето искуство го опишува со следниве зборови: „Сибир воопшто не е поопасен од другите краишта во светот. На почетокот може да ви се стори дека жителите се малку груби, но главно се исклучително добри. Еднаш патував од Томск до Краснојарск преку Кемерово и требаше да преседнам од возот ‘Јурга-1’ на возот ‘Јурга-2’. Мислев дека нема да има проблем, зашто тоа е мало место. Но, се изгубив. Дојдов до крајот на градот носејќи голем ранец на грбот и не знаев како да стасам онаму каде што бев наумила. Беше есен и дуваше ветар. Стоев на улица и се тресев од студ. Но, наидоа некои луѓе, кои испраќаа еден друг патник до станицата, и ме прашаа дали ми е потребна помош. На крајот ме одведоа до местото од кое тргнува возот, па дури и ме однесоа во обиколка на градот“. Затоа, отфрлете ги врежаните мислења и подгответе се за нови искуства и за патување до Сибир.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња