Рускиот брег на Баренцово Море.
Lori / Legion MediaПоследно нуркање зад Поларниот круг
Сместување: од 100 долари дневно за соба.
Цена за еден ден нуркање: од 70 долари.
Задолжителни услови за нуркање: сертификати Advanced OWD PADI и Dry Suite PADI.
Баренцово Море, кое се наоѓа помеѓу Северен леден и Атлантски Океан, ги заплискува бреговите на Русија и на Норвешка. Тоа во целост се наоѓа зад Поларниот круг и временските услови на неговиот брег се нестабилни; затоа температурата на водата е прекрасна. На зима таа изнесува од 5 до 7 степени според Целзиус, а налето од 10 до 14.
Баренцово Море е дестинација што љубителите на нуркањето под мраз никако не ја заобиколуваат. Тука живеат голем број растителни и животински видови: џиновски морски актинии, морски алги, ежови и морски гргеч, како и камчатски краби, кои како експеримент на ова место ги донеле советските научници. Инаку, крабите одлично се имаат аклиматизирано и денес распонот на клештите на некои примероци достигнува до два метри. Општо земено, одморот на островите од Баренцово Море е руска достапна алтернатива на островите на Галапагос. Галебите, сколовранците, тупиците и други видови птици што живеат тука не се плашат од луѓето и со задоволство воспоставуваат контакт со туристите.
Поволни цени за сурфање со змеј на Јапонско Море
Провлакот Назимов, Јапонско Море. Извор: Lori Images
Сместување: од 50 долари за бунгалов
Ценa за исхрана: 20 долари дневно по лице
Јапонско Море ги обиколува бреговите на Русија, на Јапонија, како и на Јужна и на Северна Кореја. Песочниот провлак Назимов, копнено јазиче широко 100 метри и долго 5 километри, се наоѓа недалеку од Владивосток. Тој го одвојува заливот Експедиција од заливот Рејд Палад во Јапонско Море и претставува омилено место на љубителите на сурфањето со змејови.
Тука е најдобро да се дојде наесен, кога со голема прецизност може да се предвиди правецот и силата на ветрот. Треба да се биде подготвен за скромните услови за сместување: мали бунгалови со површина од два на три метри (или шатор), плинско решо, заедничка бања и топла вода, која е достапна само навечер.
Освен сурфањето со змеј, на туристите на ова место им се достапни и други видови еколошки забави. Во близина се наоѓа теснецот Сивучја, каде што налето југоисточните ветрови прават високи бранови, кои се погодни за традиционално сурфање. За само 5 евра моторен чамец може да ве одведе до местото каде што живеат северните крзнени фоки. А, на средината на септември со кола можете да се упатите на местата каде што цутат лотосите.
Соло по Балтик
Балтички провлак. Извор: Lori Images
Сместување: од 10 до 20 долари по лице
Балтичкиот провлак, тесен дел од копното долг 65 километри, е поделен меѓу Русија и Полска. Ова е медитативна алтернатива на одморот на прочуениот Курски провлак, кој секогаш е преполн со туристи. Од градот Балтијск на Балтичкиот провлак може да се стаса со траект, кој во едно возење превезува најмногу стотина луѓе и десетина автомобили.
Балтичкиот провлак е прошаран со напуштени хангари за авиони. Кон средината на триесеттите години од минатиот век тука се наоѓал германскиот аеродром „Нојтиф“, од кој останале само полуразурнати градби од тула и авионски писти. Од крајбрежните падини насекаде стрчат искривени платформи за вооружување на крајбрежната стража, а во песокот можат да се најдат за'рѓани фишеци од куршуми.
Најголемата предност на Балтичкиот провлак во однос на други туристички дестинации во Калининградската област е малиот број туристи. И локални жители има малку, само 1.200. Ова значи дека нема да мора да се борите за место на плажа, но немојте да сметате на какви било други облици на забава освен капење, сончање и прошетки. Но, доколку посакате некаква друга активност, можете да отидете во Светлогорск, во Зеленоградска, па дури и во Калининград, кои се најпосетените места за одмор на рускиот брег од Балтикот.
Хански бањи на брегот на најголемото езеро на светот
Дербент, Касписко Езеро. Извор: Lori Images
Сместување: 40 долари по лице
Каспиското Море, кое се наоѓа на географската ширина на северна Италија и на францускиот југ, е, всушност, најголемото езеро на светот. На неговиот брег се наоѓа еден од најстарите градови на територијата на Русија, дагестанскиот Дербент, кој годинава прославува две илјади години од своето постоење.
Во последно време Касписко Море сè повеќе се приближува кон градот и постои реална можност Дербент наскоро да се прослави како дагестанска Венеција. Затоа, дури не е доцна, треба да се посетат локалните знаменитости. Имено, градот е познат по иранската тврдина Нарин-Кала, на чија територија се наоѓаат дрвените бањи на некогашните владетели – ханови, како и затвор, кој е составен од ќелии во облик на бокал, чиј отвор е покриен со решетки, а косите ѕидови го спречуваат бегството на затвореникот.
Може да се придружите и на организирана групна посета на локалната фабрика за коњак, па дури и да пробате нешто во салата за дегустација. Во продавниците производите на оваа фабрика за коњак се продаваат во декоративни пакување по цена од 10 долари за шише.
Крстарење по северните мориња
Заливот Гаврил, Чукотка: Извор: Lori Images
Сместување: од 70 долари за соба
Цена на аранжман: од 6.800 долари за 14 дена
Пропусница: Чукотскиот автономен округ спаѓа во пограничната област на Русија и затоа за патувањето ви е потребна посебна пропусница. Резервација на аранжман автоматски значи дека агенцијата ќе се погрижи за регулирање на потребните документи.
На Чукотка туристите ги очекува голем број различни патувања. Можете, на пример, да одите на крстарење по северните мориња со попатни посети на заливот Гаврил, на Командорските Острови и на островот Итигран. На последниот се наоѓа таканаречената Алеја на китовите, која е составена од костури на гренландските китови.
На Чукотка не постои железнички сообраќај, па затоа за патување по овој регион главно се користат моторни санки, хеликоптери или кучешки запреги. Ако сакате да ги запознаете чукотските северни кучиња, ќе мора да отпатувате во некое од далечните ескимски населби, на пример, до Уелен, каде што се наоѓа и работилницата што се занимава со резба по коски, а која е позната низ целиот свет. Тука можете да купите и сувенири: ескимско дајре, држач за мобилен од меѓупршленски диск од кит и фигури од коска од пенис на морж.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче