Фотографии: Lori/Legion-Media

Златоуст (1.631 километар источно од Москва) е основан во 1754 година во срцето на Уралските планини. Денес тоа е град со 170 илјади жители, опкружен со природни паркови и со моќните планински масиви на Таганај, кој се нарекува уште и „уралски Тирол“. Златоуст се наоѓа на границата помеѓу Европа и Азија и се смета за „најпланински“ град на Урал. 

Почнувајќи од 18 век ова место ги привлекувало познатите патници-истражувачи како што се Петар Симон Палас и Александар фон Хумболт, а на ова место доаѓале и императорите Александар Први и Николај Втори, како и „царот на селаните“ Емељјан Пугачов и „врховниот владетел на Русија“ Александар Колчак. 

Татковина на ножевите 

Русија има десетици фабрики за производство на украсено ладно оружје, но оваа технологија за првпат била усовршена во Златоуст. Фабриката за производство на оружје во Златоуст била отворена во 1815 година. Произведувала ладно оружје за потребите на руската армија и на флотата. 

Златоуст и денес е еден од светските центри за производство на ножеви. Има околу 60 задруги и работилници за производство на ладно оружје. Едно од водечките претпријатија е фабриката „Оружејник“ каде се произведува цел спектар оружје со долго сечило: сабји, мечеви, широки сабји, ловечки ножеви, ками, бричеви. 

Фотографии: РИА „Новости“, ТАСС

Убаво е да се дојде тука на екскурзија за во живо да се видат сите етапи на изработка на ладно оружје и за да се погледне во музејот каде се чуваат мечевите украсени со скапоцени камења, како и сабјите и ножевите. Како сувенир за спомен на Златоуст можете да изберете оригинален нож со заштитен знак. Ова оружје како сувенир може да се изнесе од Русија со сметка или со сертификат: не заборавајте кога ќе купувате да земете сертификат кој служи како потврда дека тоа е навистина сувенир.

Знаменитости на Златоуст 

Освен екскурзиите по фабриките за оружје, вреди да се искачите на највисоката градба – Кулата на Јован Златоуст (42 метри), која своето име го добила во чест на покровителот на градот, или на Црните карпи (со висина од 853 метри) – место за набљудување, едно од најпопуларните места во националниот парк Таганај (15 километри од Златоуст), од каде што има преубав панорамски поглед на планините. 

На падините на гребенот Урењга, кој започнува токму од Златоуст, има стари гробишта „Брезова шумичка“, каде се сочувани гробовите на германските мајстори за оружје. Покрај нив се наоѓа музејот на градот Златоуст со колекција од старо оружје од дамаск-челик. Во депоата на музејот се наоѓаат 20 колекции интересни артефакти – од древни икони и предмети од леано олово до украсено ладно оржје кое мајсторите од Златоуст го правеле во првата половина на 19 век, како и изработки од современи мајстори кои се во согласност со традицијата на гравура на метал, карактеристична за Златоуст. Екскурзијата може да се спроведе и на англиски јазик. 

Екстремен трамвај 

Возењето со трамвај е одличен начин Златоуст да се види со сета своја убавина. За трамвајот во Златоуст се вели дека спаѓа во оние европски планински трамваи кои се качуваат до најголемата висина: нагибот на трамвајската линија на некои места изнесува 50%. Идејата да се спроведе трамвајски сообраќај во Златоуст, кој се наоѓа во планинска котлина, потекнува од генералниот план за развој на градот од 1928 година, а системот почнал да работи во 1934 година. 

Трамвајот „нурнува“ и „испливува“ по бескјонечната низа планини, „лази“ по планинските падини, прави јазли долж карпестото подножје, долж крајот на шумата, рибниците, „се влечка“ среде селскиот пејзаж.  

Всушност, целиот град е испреплетен со трамвајски шини и кога за карта ќе платите 18 рубли (околу 20 денари), можете да уживате во долга и незаборавна екскурзија по убавите места со голема возбуда: на некои места трамвајот се искачува речиси вертикално. 

Од трамвајот се отвора видик на пејзаж на планинскиот гребен Таганај, на Александровската планина – еден од врвовите на Уралскиот гребен, на Косотур – највисоката точка на Залатоуст, на планинската река Ај, како и на сите основни знаменитости на овој град.