Нов Ерусалим: најважното православно светилиште

Извор: Photoxpress

Извор: Photoxpress

Нов Ерусалим бил замислен како аналогија на Светата земја за православниот свет. Манастирот преживеал повеќе немирни периоди од руската историја, бил урнат од фашистичката војска и затворен од советската власт. „Руска реч на македонски“ дозна како се обновува познатото православно светилиште.

Во ноември 2014 година за посетителите се отвори еден од најголемите музејски комплекси на Подмосковје – музејот „Нов Ерусалим“. Во него се собрани ремек-делата од црковната уметност и најстарите примероци на портретното сликарство – вкупно над 100 илјади примероци. Впрочем, вреди да се видат не само музејот, туку и Нов Ерусалим – манастирот кој чува во себе 4 века руска историја. 

Нов центар на православниот свет 

Прв за изградбата на Новиот Ерусалим проговорил познатиот патријарх Никон во 1656 година. Тогаш Москва била сметана за центар на православниот свет, за Трет Рим  и Новиот Ерусалим требало дефинитивно да ѝ ја обезбеди таа титула. 

Никон не отстапувал пред ништо само за да го реконструира манастирот според изгледот на Храмот Господов во Ерусалим. Новиот центар на православниот свет требало да има своја Света Земја. Така, сите села и ритчиња во близина на Новиот Ерусалим добиле библиски имиња, а реката Истра ја преименувале во Јордан. Главниот собор на манастирот требало да биде изграден според моделот на Храмот на Гробот Господов, затоа во Палестина бил испратен еден монах – за да врши мерење и да прави скици. 


Извор: Photoxpress

Веќе во 1658 година, само две години по идејата за Нов Ерусалим, Никон влегува во расправија со царот Алексеј Михајлович и заминува во доброволен егзил во Нов Ерусалим. Изградбата на манастирот се обновила дури во 1678 година. Новиот Ерусалим продолжиле да го градат и за време на новиот цар – Фјодор Алексеевич – а на бескомпромисниот реформатор Никон за тоа време успеале да му ја одземат титулата.

Новоерусалимскиот манастир е изграден во оригиналниот стил на московскиот барок. Во различни години со изградбата на манастирот се занимавале најголемите руски архитекти: Бухвостов, Растрели, Казков, Тон. Центар на манастирот станал Воскресенскиот собор кој бил граден според скиците на Храмот на Гробот Господов кои ги донеле аџии од Палестина. Истовремено неколку архитекти работеле на уникатната декорација на соборот – архитектонската керамика.  

Иако Новиот Ерусалим останува најважното православно светилиште, неговиот развој со доаѓањето на 18 век подзапира. Следниот руски монарх - Петар I – се концентрира на развојот на науките и ги трга во втор план религиозните идеи. 

Впрочем, тоа не му пречело на манастирот да стане едно од најомилените места за православните верници во следните 2 века. Едни верувале дека манастирот навистина станал центар на православниот свет, други ги маѓепсувала убавината и енергијата на уникатниот манастирски комплекс.

Манастирот во XX век - разурнување, германски бомби, реставрација

Со доаѓањето на власт на болшевиците постоењето на Новиот Ерусалим станува несигурно. Новата власт од една страна не ја одобрувала христијанската литургија, од друга  - ги вложувала сите сили за зачувување на културното наследство на манастирот. Во 20-тите години на XIX век на територијата на Нов Ерусалим почнал да работи Државен музеј во кој се нашле предмети од храмот и манастирскиот живот, слики и икони.


Извор: Photoxpress

Со литургијата работата била многу посложена. Стотици аџии продолжувале да доаѓаат на молитва во манастирот и за време на советската власт. Се разбира, таквата состојба на работите не им одговарала на комунистичките лидери. Светите предмети на манастирот – совршени реплики на палестинските свети предмети – биле конфискувани од државата, извадени од манастирот и разнесени по музеи.

Меѓутоа тоа не ги запрело аџиите. Дури ни откако сите литургии биле прекинати во Новиот Ерусалим, луѓето продолжиле да доаѓаат до камената плоча која, според легендата, ја донел еден аџија од Ерусалим. Во 1961 година исчезнала и таа плоча и дури тогаш Новиот Ерусалим сосема опустел. 

Во 1941 година за време на Втората светска војна минерите на фашистичката армија го разрушиле Новиот Ерусалим. Воскресенскиот собор и поголем дел од градбите лежеле во руини. Сепак важноста на манастирот била толку голема што веќе во 1942 година започнала реставрација. 

Нов музеј и завршување на реставрацијата 

Денес се создава впечаток дека Новиот Ерусалим никогаш не бил статичен, завршен: овде постојано се гради, се реставрира. Во 2014 година беше обновена камбанаријата уништена во советско време и ставени нови камбани. Според плановите на реставраторите, во 2016 година работата за обнова на Новиот Ерусалим ќе биде завршена во целост. 


Извор: Артјом Геодаќан / ТАСС

Во неодамна отворениот музеј што се наоѓа на територијата на манастирот може да се погледне една од најистакнатите експозиции на руското сликарство во историјата. Само икони биле носени во музејот од разни краишта на земјата почнувајќи од 1919 година. Тука сега може да се види ремек-делото на јарославските иконописци „Богородица со дете на престол“ и мноштво други иконописни дела. 

Како да стигнете дотаму: Нов Ерусалим се наоѓа недалеку од подмосковскиот град Истра. Од Москва можете да дојдете со шинобус од Курската железничка станица, станица Новоиерусалимскаја.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња