Зафрлено село во Чељабинската област. Извор: ТАСС
Париз, Фершампенуаз, Берлин, Лајпциг, Варна, Касел, Порт Артур и уште околу дваесетина населени места на картата на Чељбинската област се наречени по имињата на европски градови во чест на воените победи на руската војска во Германија и Франција во 1799 и 1813—1814 година. Овие имиња им ги дале на своите населби православните Козаци, испратени за засилување на јужните граници на Руската империја.
Оваа добро замрсена географска збрка станала не само своевиден симбол на воената слава, туку и една од најнеобичните и најомилени руски маршрути за туристите. Патувањето од Париз за Берлин по уралските патишта може да се направи за еден ден, најдобро со автомобил и доколку сакате - во придружба на локалниот водич.
Кои се Нагајбаките?
Во уралскиот Касел нема да можете да си поседите во паб и да се напиете баварско пиво, во уралскиот Париз нема да најдете ревија на висока мода. Уредениот селски живот со греење на печки и бунари, ниски дрвени куќички, правливи селски патишта, убави црквички и волшебна уралска природа. Сите „европски “ села се одликуваат со правилно улично-квартно планирање: селата биле зајакнати со населувањата на Козаците и извршувале одбранбена мисија, затоа улиците биле градени строго под прав агол една со друга.
Зафрлено
село во Чељабинската област. Извор: Lori/Legion Media
Странските туристи во „Уралска Европа“ нема да ги најдат обичниот сјај и комфор, затоа можат да одморат од градската врева и да видат необични села со особен бит и да се запознаат со таинствените Нагајбаки - мал народ кој се формирал по покрстувањето на Татарите. Тие учествувале во Татковинската војна против Наполеон и влегле со руската армија во Париз во 1814 година. Нагајбаките многу ги сакаат туристите и, пред сè, ќе им пружат на гостите топол прием, ќе ги запознаат со своите традиции и ќе им ги откријат тајните на рецептите за готвење од своите прабаби.
Комуникацијата со овој гостопримлив народ може да ви се претвори во културен шок. Тие носат руски имиња и презимиња, но зборуваат на нагајбачки (дијалект на татарскиот јазик), имаат православна вероисповед но, без оглед на забраните на локалниот православен поп, до ден-денес вршат пагански обреди. На годишнината од смртта на роднините прават Голем помен со принесување курбан. Еднаш годишно пред Велигден загреваат бања на Величетврток. Нагајбаките имаат особена кујна, а омилен десерт им е вишна или дива цреша во путер со шеќер.
Зафрлено село во Чељабинската област. Извор: Lori/Legion Media
Во 2012 година, 200 години по битката со Наполеон, немирните Нагајбаки се сетија на своите корени и одново тргнаа да го покорат Париз. Со автобуска тура преку Полска, Германија и Франција, делегација на Нагајбаките помина по истите населени места низ Европа, низ кои нивните предци порано ги зазеле и ги ставиле во состав на козачката војска. Париските бирократи не најдоа време за средба со веселата етногрупа од руската длабока провинција, а, пак, градоначалникот на Арси-Сур-Об ги прими Нагајбаките со највисоки почести, изговарајќи контроверзна претпоставка: „Вие сте првите Руси кои ни пристигнале по царот Александар Велики во 1814 година.“
Да се види Париз
Уралското село Париз има вкупно 2.5 илјади жители. Било основано пред 170 години како караула на Оренбуршката козачка војска, а звучното име на главниот град на Франција му било доделено во спомен на престојот на руската војска во Париз по поразот на Наполеон во 1814 година. Без оглед на селскиот колорит, тука сепак се чувствува духот на Франција. Локалните жители како во најдобрата европска традиција се движат со велосипеди, дури имаат отворено и салон за убавина „Французинка.“
Зафрлено село во Чељабинската област. Извор: Lori/Legion Media
На централниот плоштад стои верна и најголема во Русија копија на Ајфеловата кула. 50-метарската имењачка е 6 пати помала и 160 пати полесна од симболот на Франција и има функција на предавател. Тука стои табличка „Кулата е изградена во слава на руските воини-победници“ (повторно се мисли на Татковинската војна 1812 година). Недалеку е и триумфалната капија која им го ограничува влезот на камионите и тракторите. Во буџетот на селото Париз има специјална ставка – за изработка на знаци со името на населеното место кои туристите ги сечат и ги носат со себе за спомен.
Кон Берлин
На 2 километри од границата со Казахстан, на 155 км од Чељабинск е сместено селото Берлин. Пред 270 години тоа никнало како воена населба на Оренбуршката козачка војска, тука биле удрени темелите на Троицката тврдина, биле изградени караули, бедеми и кордони. Својот европски назив малото уралско село го добило во чест на заземањето на Берлин од страна на руската војска во 1760 година за време на Седумгодишната војна 1756-1763 година и на Татковинската војна со Наполеон во 1813 година. Тука може да се сретнат уникатни куќи од непечена тула (глина) кои можат да стојат повеќе од еден век, ѕидовите ги издржуваат сите напади на природата и ја носат огромната тежина на покривот. Денес во уралскиот Берлин живеат не повеќе од 1.000 лица. Се занимаваат со земјоделие. Една од локалните знаменитости е „Берлинскиот ѕид“ – бетонска ограда со ироничен натпис.
Варна
Варна е најголемото и најубавото село на картата на „Уралска Европа“ и со право се смета за „бисер на јужен Урал“. Своето име го добило во спомен на заземањето на бугарската тврдина Варна во Руско-турската војна 1828-29 година, кога таа тврдина, која влегувала во состав на Турција, била заземена од руската војска. Европскиот назив е Ден на сеќавањето за загинатите руски војници. Ова е поранешна козачка станица каде се доселувале Козаци од разни краишта на Русија. Така тука до денешен ден рамо до рамо живеат Руси и Калмики, Мордовци и Украинци, Белоруси и Татари – сè на сè околу 10 илјади жители. Соживотот меѓу овие култури и народности тече без какви било конфликти.
Зафрлено село во Чељабинската област. Извор: Lori/Legion Media
На 2 километри од Варна се наоѓа археолошко чудо – 17-метарската Кула на Тамерлан (Мавзолејот на Кесене), споменик на средновековната муслиманска погребна архитектура од 14 век. Оваа градба, според легендата, ја изградил познатиот средноазиски освојувач од 14 век Тимур Тамерлан над гробот на ќерка си, која се вљубила во обичен војник и побегнала со него. Таткото ги стигнал бегалците и од гнев го егзекутирал саканиот на ќерка си, а девојката си го одзела животот зашто немала сила да ја преживее загубата. Денес ова е култно место, каде од сите страни доаѓаат нововенчани парови кои врзуваат шамичиња на решетките во знак на љубов и верност.
Француски замок и француска планина
Уште една силно изразена „европска“ знаменитост се наоѓа 2 километри северозападно од селото Наила во Чељбинската област. На таканаречената Француска планина во шумата се наоѓаат урнатините од „Францускиот замок“ – централната зграда на фабриката за обогатување на азбест, каде од 1878 до 1915 годна вршела ископување на азбест под концесија една француска фирма, на која царската влада ѝ дала за експлоатација парче земја со право на ископување минерали. Паралелно со тоа Французите кришум ваделе и рудно злато на реката Мијас и го криеле во скривници, за што сведочат скришните ниши во ѕидовите на замокот. Остатоците од фабриката претставуваат урнатини од градбите и потопените окна. На планината останал патот до врвот, скалите во шумата, купови згура од полускапоцениот камен серпентин. Од планината се отвора фасцинантен поглед на долината на реката Мијас и на Илменскиот гребен.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче