Извор: ИТАР-ТАСС
Летото е време кога Македонците ги користат своите годишни одмори. Многумина сакаат да појдат на плажа на некое од македонските езера, други, пак, сакаат да заминат на море. Но, постојат и такви што својот годишен одмор го користат за екскурзија по градовите во светот. Како интересна дестинација за македонските државјани, меѓу другите, е и Руската Федерација. Македонските туристички агенции нудат само една тура годишно и тоа за Москва за првомајските празници. Затоа многумина се решаваат да си направат свој аранжман и на тој начин да отпатуваат во Русија. Но, што сѐ е потребно да знаете пред да тргнете на пат?
Потребна ли е виза?
За македонските граѓани потребна е виза за влез во Руската Федерација. Сепак, со спогодбата потпишана во 2008 година е предвиден безвизен влез за следниве категории:
Конзуларното одделение при амбасадата на Руската Федерација е отворено за прием на странки секој вторник, четврток и петок од 9 до 13 часот. Доколку ви се потребни дополнителни информации, можете да контактирате со амбасадата и преку нивната имејл-адреса embassy@russia.org.mk. Амбасадата на Руската Федерација се наоѓа во Скопје на улица Пиринска, бр. 44.
1. носители на дипломатски или службени пасоши – со рок на престој до 90 дена;
2. лица што имаат дозвола за привремен или постојан престој во Руската Федерација;
3. бизнисмени, новинари, спортисти, научници, студенти и други граѓани кои патуваат со цел остварување научно-техничка, образовна, културна или спортска размена, краткорочна обука и лекување, како и посета на роднини или познаници, доколку поседуваат оригинала покана издадена од страна на органите за миграција (ФМС) – со рок на престој до 90 дена;
4. туристи, доколку поседуваат оригинал ваучер и потврда за прием на странски турист, издаден од страна на руски туристички оператор – со рок на престој до 30 дена.
Доколку имате само копија од покана или од туристички ваучер, тогаш е потребно да се добие виза. Особено внимание треба да се обрне на туристичките ваучери. Постојат таканаречени туристички агенции што продаваат вакви ваучери, но штом стасате во Русија може да се случи тие да излезат неважечки. Затоа ве осветуваме да бидете внимателни при купувањето ваучер.
Исто така, доколку планирате краткорочна посета на Русија, треба да знаете дека на почетокот од оваа година беше донесена одлука од страна Руската Федерација според која странските државјани можат да се наоѓаат на територијата на Русија без виза во рок од 72 часа.
Како да стасате?
Од Македонија до Русија најлесно и најбезбедно се стасува со авион. За жал, не постои ниту еден директен лет, иако постојано се прават напори тој да биде обезбеден. Во моментов можете да изберете лет преку повеќе европски градови. Најчесто изборот се прави на летовите преку Белград, преку Истанбул или преку Виена до Москва. Во оваа насока ве советуваме да се распрашате и за времето на чекање во градовите на транзит, зашто понекогаш може да се случи да се најде евтин билет, но со многу чекање.
Билетите е најдобро да ги купите или во туристичка агенција или на веб-страниците на соодветните авиопревозници. За патувањата во Русија е практично невозможно да се најде лет со некоја нискотарифна авиокомпанија. Исто така, доколку сте во можност, можете да полетате директно за некој од градовите во Русија, а тоа е најчесто Москва, директно од аеродромите на некоја од соседните држави. Лесно и едноставно можете да стасате до Софија или до Солун, а оттаму можете да најдете директни линии во неколку термини од денот.
Доколку сте љубител на долгите надземни патување, постои и варијанта да се замине во Москва со воз. Патувањето со воз од Скопје до Москва трае 2 дена и 2 часа, а возот се движи преку Србија, Унгарија, Словачка, Чешка, и Украина, за да стасате на Киевската железничка станица, која се наоѓа во централното подрачје на Москва.
Кога стасувате на аеродром или на железничка станица, а исто така, и во метро-станиците, бидете внимателни со својот багаж, особено со својот паричник и со документите. На ваквите места, како и во целиот свет, „оперираат“ групи крадци чиј плен се штотуку дојдените изморени туристи.
Доколку стасувате во Москва со авион, потребно е да знаете и како да дојдете од аеродромите, кои се наоѓаат на крајот од градот, до местото што ви е потребно. Најлесно е да се ориентирате според мапата на метро-станиците. Постојат неколку можности како да дојдете од кој било аеродром до некоја од метро-станиците. Првата можност е, секако, таксито, но како и секаде во светов тоа е мошне скапа варијанта, но можно е да се договорите и со други патници и да се испазарите со возачот на таксито за цената. Втората можност е таканаречениот Аероекспрес, кој, всушност, претставува воз од некој од московските меѓународни аеродроми до некоја од московските метро-станици. На самиот аеродром секогаш постои распоред на тргнувањата на овие возови, а удобноста е во тоа што тие тргнуваат од самиот аеродром. Следната можност е да се качите на автобус или на некое од многубројните маршрутни комби-возила, кои ќе ве доведат до најблиската метро-станица.
Како понатаму?
Доколку сте допатувале во Москва, патот до некој друг град е мошне едноставен. Можете да изберете да полетате со авион со некоја од домашните авиокомпании или, пак, да заминете со воз. Доколку патувате во некое место од европскиот дел на Русија, ви препорачуваме да одите со воз, со оглед на тоа што руските возови се познати по својата комфорност и точност, а не се ни многу скапи. За подалечните дестинации, исто така, постојат возови, а за љубителите на патувањата секако дека ќе биде интересно да се поминат неколку дена на Транссибирската магистрала.
Каде да се сместите?
Доколку не одите на посета кај пријатели и ако немате сместување, поголемите руски градови можат да ви се причинат како недостижни по своите цени. Затоа, пред да заминете на пат ви препорачуваме да си резервирате соба преку Интернет. Од голема помош може да ви биде Интернет-страницата www.ostrovok.ru, на кој можете да најдете голем избор хостели и хотели во сите градови од Руската Федерација. Во пребарувачот имате можност и да ставите граница на вашиот буџет, да платите онлајн, како и да ги добиете сите информации за хотелот или за хостелот што сте го избрале. Голем број од хотелите можат да ви понудат и бесплатен ваучер, кој можете да го искористите како основа за добивање виза.
Се надеваме дека овие совети ќе ви го олеснат вашето патување за Русија, а откако ќе се вратите очекуваме да ги споделите вашите импресии на нашиот имејл или на нашата Фејсбук-страница. Среќен пат!
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче