Дворците на Крим

„Руска реч“ ви нуди краток водич низ најважните архитектонски споменици на Крим, кои претставуваат бисери на архитектурата, расфрлени по должината на брегот на овој полуостров. Крим бил и судбинска љубов на многу големи Руси: Лев Толстој сакал да биде погребан тука, легендарните Фјодор Шаљапин и Максим Горки токму тука работеле над автобиографијата на оперскиот пејач, додека Ајвазовски на Крим ги насликал своите познати морски пејзажи.

Ливадискиот дворец 


Извор:  Lori / Legion Media

Ливадискиот дворец спаѓа меѓу најраскошните резиденции на Крим. Ова е последната зграда во Руското Царство што е подигната од страна на царското семејство. 

Издолжената бела градба, која изобилува со лачни отвори во италијански стил, е подигната во 1911 година. Автор на проектот бил кримскиот архитект Николај Краснов. Според некои податоци царот Николај Втори за изградбата потрошил околу четири милиони тогашни златници (како споредба, во 1911 година платата на просечен државен чиновник изнесувала 4.000 рубли годишно, односно 1.000 пати помалку). Ливадискиот дворец во 1993 година добил статус на музеј. 

Дворецот се наоѓа во населбата Ливадија, која е оддалечена три километри од градот Јалта. 

Масандрискиот дворец 


Извор: Lori / Legion Media

Дворецот во стилот на епохата на Луј XIII рано останал без сопственик. Проектиран е од страна на францускиот архитект Етјен Бушар. Работел за кнезот Семјон Воронцов, претставник на богат дворјански род. На сопственикот не му било судено да го види остварувањето на проектот. По смртта на Воронцов во 1882 година изградбата била запрена, а по седум години имотот бил купен за царот Александар Трети. Дворецот е завршен по три години, но ни царот не успеал да се скраси во него – починал во 1894 година. Тогаш имотот го наследил Николај Втори. 

Во триесеттите години од минатиот век дворецот бил претворен во лекувалиште за туберкулоза, а по Втората светска војна бил преуреден во Сталински државен летниковец, во кој се одморале Сталин, Хрушчов и Брежњев. 

Музејот е отворен од 9 до 18 часот. Дворецот се наоѓа во населбата Горна Масандра.

Ластовичкино гнездо 


Извор: Lori / Legion Media

Резиденцијата е изградена по завршувањето на Руско-турската војна, кон крајот на деветнаесеттиот век, за еден руски генерал во пензија, чие име не е сочувано, но се знае дека првиот сопственик му дал име Замок на љубовта. Зградата е овековечена со слики на Иван Ајвазовски и со фотографии од тој период. 

Оттогаш зградата на Аврорината гора неколку пати го менувала сопственикот. Најпрво го поседувало семејството на дворскиот лекар, а потоа московската трговка Рахманинова. Ја урнала првобитната дрвена зграда и на нејзино место изградила замок, исто така од дрво. Токму Рахманинова му го дала денешниот назив на дворецот Ластовичкино гнездо. 

Ластовичкиното гнездо ја има сочувано својата „витешка“ архитектура, која постои благодарение на последниот сопственик, нафтениот магнат Штејнгел. Бидејќи бил симбол на Крим, минијатурниот готски замок на врвот на гората висока 40 метри од темели бил обновен во 1912 година. Во замокот како простории има само претсобје, салон и скали што водат во двете спални соби на катот. 

На почетокот на Првата светска војна баронот Штејнгел заминал во Германија, а замокот Ластовичкино гнездо му го продал на еден московски трговец, кој во него отворил ресторан. По смртта на сопственикот ресторанот престанал да работи. Замокот бил сериозно оштетен во 1927 година во земјотрес со сила од 9 степени според Рихтеровата скала, по што 40 години бил затворен. По обновувањето, во Ластовичкино гнездо повторно е отворен ресторан. 

Замокот се наоѓа близу населбата Гаспра во околината на Јалта. 

Дворецот на Панина 


Извор: Lori / Legion Media

Средновековниот дворец со убави кули и назабени бедеми обвиени во бршлен и со фасада во готски стил е изграден во првата половина на 19 век. Му припаѓал на рускиот род кнезови Голицини. 

Го проектирал познатиот архитект од епохата на модерната Фјодор Шехтељ. По Голицини дворецот во Гаспра преминал во сопственост на дворјанскиот ред Кочубеј, а потоа дошол во рацете на мошне богатото семејство на Софија Панина. Со нејзиното име и со овој дворец поврзани се две години од животот на рускиот писател Лев Толстој. За време на престојот во Гаспра писателот го посетувале Чехов и Горки, Куприн и Шаљапин. 

За време на своето последно патување на Гаспра Толстој настинал, а кога болеста дошла до најакутната фаза му било толку лошо што лекарите изгубиле секаква надеж за закрепнување. Толстој не сакал неговите блиски да се мачат со телото и посакал да го закопаат на Крим, по што било купено помало место на соседниот имот. Сепак, на крајот закрепнал и проживеал уште осум години. 

Дворецот се наоѓа во населбата Гаспра. Денес во него се наоѓа детското лекувалиште Јаснаја Полјана, а на приземјето е поставена изложба посветена на овој писател. 

Дворецот на Воронцов 


Извор: Lori / Legion Media

Изграден е кон средината на 19 век од страна на Михаил Воронцов, генерал-губернатор на тогашниот Новоросијски крај. Го проектирал Едвард Блур, дворски архитект на англиската кралица Викторија. Тој учествувал во изградбата на познатата Бакингемска палата во Лондон, како и во изградбата на замокот на Валтер Скот во Шкотска. Јужната фасада на дворецот е завртена кон морето, проектирана е во маварски стил и во извесна смисла потсетува на познатиот дворец Алхамбра во Гренада, кој е подигнат кон крајот на 14 век и им припаѓал на арапските владетели на Шпанија. 

На фризот на длабоката ниша шестпати се повторува стилизиран арапски натпис, гесло на гренадските калифи: „Не постои друг победник освен Алах!“. Пред фасадата е направена Лавовска тераса од која се спуштаат монументални скалила со три двојки лавови од бел мермер. Лавовите на горните скалила се копии на лавовите на Антонио Канова од гробницата на папата Клемент XII во Рим. 

Задната фасада на дворецот и неговиот заден дел е романтичарска архитектонска варијација на тема стилот на Тудор од крајот на 16 и почетокот на 17 век. Зградите во комплексот на дворецот имаат 159 соби, вклучувајќи и помошни простории. 

Денес дворецот е преуреден во музеј. Дворецот на Вороцов се наоѓа во градот Алупка.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња