Русија – светот во мало

Знаете ли дека е доволно да пропатувате низ Русија за да го видите сиот свет? Од песочните плажи на Далечниот Исток до селата што личат на швајцарски во зафрлените делови на Јужен Сибир, од германските села на брегот на Балтичкото Море до мостот преку Босфор – сето ова е Русија.

Тибет? 


Овој манастир се наоѓа на 100 километри од Бајкалското Езеро, недалеку од градот Улан Уде во Република Бурјатија. Во светот тој не е познат, исто како што не е познат ни фактот дека во Русија има будисти. Манастирот се нарекува Иволгински дацан и изграден е во 1945 година, веднаш по завршувањето на Втората светска војна. Служи како резиденција на водачот на будистите во Русија, а е составен од седум различни храмови и универзитет, каде што будистичките лами се подготвуваат за идната служба во различни новоосновани храмови во Бурјатија. Улан Уде не е познат само по својот будистички манастир туку и по споменикот во облик на главата на Ленин, најголем од ваков вид во светот.

Германско село?

 

Речиси е така. Градот Зеленоградск се наоѓа на Балтик во Калининградската област. Калининград порано се викал Кенигсберг, а го основале витезите на Тевтонскиот ред во 1255 година. Овој град бил населен од германските колонисти и од тевтонските витези, за на крајот да стане престолнина на Пруското Војводство. Калининград бил дел од Третиот Рајх, а по завршувањето на Втората светска војна му припаднал на Советскиот Сојуз. Денес тука живеат Германци, Грци, Ерменци, Полјаци, Руси и Литванци. Луѓето што оттука биле протерани по воспоставувањето на советската власт често се враќаат за да ги посетат старите куќи, гробиштата и германските замоци. Многу тукашни знаменитости и градови порано носеле поинакви имиња. Така, на пример, Зеленоградск порано се викал Кранц.

Истанбул?

 

Иако Владивосток се наоѓа многу понасевер од Истанбул, и тука постои залив што се нарекува Златен рог. Преку него, во 2012 година, наспроти самитот на земјите од Азиско-тихоокеанската соработка (АТЕС), подигнат е висечки мост. Но, Владивосток почесто се споредува со Сан Франциско одошто со Истанбул. Советскиот водач Никита Хрушчов дури и донел одлука да се изгради жичарница во овој ридест град за да направи од него „втор Сан Франциско“. Но, сите работи во овој правец биле запрени по изградбата на постојната жичарница, па Владивосток го задржал својот уникатен спој на кинеската и руската култура.

Кинеска Камена шума?

 

Не, ова се Ленските столбови, уште едно место од Листата на светското наследство на УНЕСКО. Уникатните камени облици почнале да се формираат пред 540-560 милиони години и лежат на слој варовник од периодот на камбриумот. Величествените карпи обраснати со шума се огледуваат во мирните води на реката Лена, главната сообраќајница што води до оваа природна знаменитост. Иако е потребно помалку време за да се стаса од Европа до Ленските столбови одошто до Камената шума, патувањето е, сепак, многу напорно – вклучува авионски лет до Јакутск, потоа патување со автобус до пристаништето, за конечно да се поминат неколку часа на брод или на траект. На определени столбови е невозможно да се искачите, но постојат неколку возвишувања на околу 100 метри над земјата од кои може да се ужива во убавините на сибирскиот пејзаж испресечен со преубави реки.

Швајцарија?

 

Многу личи на неа, но се наоѓа 6.500 километри источно – Алтајските планини се наоѓаат во јужен Сибир на границата со Монголија. Поради недостиг на патишта и на други видови инфраструктура во оваа оддалечена планинска област, Алтајските планини, од чија убавина застанува здивот, и понатаму се едно од најнепристапните места во Русија. Главен град и единствено урбано подрачје на Република Алтај е Горно-Алтајск, кој има 60.000 жители. Другите жители живеат по селата. Мештаните велат дека митското кралство Шамбала се наoѓа некаде на „рускиот Тибет“.

Заливот Халонг?

 

Не, ова е, всушност, Авчаинскиот залив на полуостровот Камчатка. Неговата должина изнесува 24 километри и претставува втор залив во светот по големина по Порт Џексон во Австралија. Авачинскиот залив е толку голем што во него можат да се сместат сите бродови од светот. Оттука се гледаат три вулкани – Корјакискиот, Авчанскиот и Виључинскиот. На влезот во лагуната од водата се издигаат три карпи, кои го носат називот „Тројца браќа“. Оваа знаменитост се смета за природно богатство и симбол на Авачинскиот залив и блискиот град Петропавловск Камчатск. Заливот претставува главен премин за луѓето и за стоката што стигнува на полуостровот, додека на карпите околу него се наоѓаат неколку волшебни гротла до кои може да се стаса само со моторни кајаци.

Италија?

 

Санкт Петербург го нарекуваат „Венеција на северот“, но тоа не го прави италијански град. Овој град, кој се наоѓа на мочуришна почва, претставува најголемо пристаниште во Русија и руски „прозорец кон Европа“. Туристичката престолнина на Русија е позната по подвижните мостови, по долгите крајбрежја, по романтичните „бели ноќи“, кога сонцето заоѓа само накратко, по фасадите од времето на Руската Империја и по бројните шармантни улици, многу од кои своето име го имаат добиено според руските писатели од 19 и од 20 век.

Велигденски Остров?

 

Камените кипови се вообичаена глетка на островите на Индиски и на Тихиот океан, но не и во субарктичката висорамнина длабоко во тајгата. Гигантските камени „идоли“, на далечната висорамнина Мањпупуњор на Северен Урал во Република Кома, всушност се природни карпи, кои ветриштата ги обликувале во текот на илјадници години. Неколку вакви „идоли“ се високи 30-40 метри. Мањпупуњор е омилена дестинација за оние што уживаат во природата. До неа може да се стаса или пеш, а тоа трае неколку дена, или со хеликоптер.

Планината Фуџи?

 

Вулканот Кроноцкаја Сопка се наоѓа во истоимениот национален парк на Камчатскиот полуостров, а неупатениот набљудувач би помислил дека станува збор за планината Фиџи. Но, ова не е Јапонија, туку Русија. Кроноцкиот резерват е една од најстарите заштитени природни зони во Русија. Тука има голем број гејзири и термални води, а излегува и на Тихиот океан. Долината на гејзирите се наоѓа на официјалниот список „Седумте чуда на Русија“. Ова е единствено место на евроазискиот континент со гејзирски полиња. Притоа, оваа област се простира на многу поголема површина од прочуените гејзирски полиња на Исланд.

Австралија?

Веројатно е тешко да се измешаат Мелбурн и Владивосток, но брегот на Јапонското Море (Источно Море) лесно може да се замени со австралискиот брег. Пејзажите на рускиот остров Монерон во Татарскиот теснец потсетуваат на тропскиот остров од телевизиската серија „Изгубени“. Многу загрозени животински видови, како што е сибирскиот тигар, можат да се видат во Приморскиот крај или во Приморјето, како што уште се нарекува оваа област во Русија. Тука постојат голем број природни резервати, во кои живеат бројни билни и животински видови. Овој крај уште се нарекува и „руска порта кон Азија“, но некои нејзини оддалечени предели сѐ уште се непристапни. 

Фотографии: Lori / Legion media.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња