Сцени од традиционална дагестанска свадба во селото Балхар. Некои елементи од овие обичаи досегаат во далечното минато и потекнуваат од времето кога луѓето на овие простори им се клањале на други богови. Фотографии: Иван Дементиевски.
Некои елементи на ритуалите и на верувањата на народите од Дагестан досегаат во далечното минато и потекнуваат од времето кога луѓето на овие простори им се клањале на други богови. Ова е најочигледно во свадбените обичаи и обреди на оваа руска кавкаска република. Свадбата е еден од најважните настани не само за младенците и за нивните семејства, туку и за целиот аул. На свадбите најчесто се собира цело село, но и голем број роднини и селани кои се отселиле во градовите. Сите тие со задоволство доаѓаат на свадба кај своите роднини, пријатели и земјаци.
Времето за свадби во Дагестан е на крајот од летото и на почетокот од есента, што не е случајно, зашто тогаш стасуваат овошјето и зеленчукот кои се составен дел од свадбената трпеза.
Се случува во селото да има неколку свадби една по друга. Тогаш престанува вообичаениот живот во аулот и сите ги обзема празнична атмосфера. Се затвораат работилниците, не работат занаетчиите, зашто сите селани учествуваат во подготовката за свадбената веселба.
Неколку дена пред свадбата се собираат постарите, уважените луѓе од селото и даваат задолженија. Едни канат гости, други купуваат храна, се договараат со музикантите, решаваат каде ќе се одржи свадбената веселба и според кој редослед ќе се одвиваат свадбените обичаи.
Свадбата најчесто трае три дена, а обичаите и обредите течат по точно определен редослед.
Најинтересен и најнеобичен е вториот ден од свадбата. Во предвечерието кон куќата во која ќе живеат младенците тргнува поворка жени со свадбени подароци. Тие носат огромни стомни, килими, ткаенини, садови и сè останато што може да притреба во домаќинството. Вечерта, кога ќе се стемни, мажите, меѓу кои и младоженецот, палат факели и тргнуваат во куќата на невестата. Селските улици се темни, па неколкуте факели се единственото осветление. Пред куќата на невестата поворката со смеа и со гласни извици се сретнува со нејзините роднини, а потоа сите гости седнуваат на долгата маса. За тоа време женскиот дел од сватовите се собира во собата на невестата.
Извесно време разговараат и танцуваат, а потоа во собата влегува некоја постара жена која ќе ја облекува невестата и ќе ѝ дава совети. Кога ќе ја облече свадбената носија, главата на невестата ѝ ја покриваат со ткаенина за да не може ништо да види.
Потоа ја изнесуваат невестата и сите сватови тргнуваат во куќата на младоженецот под светлината на факелите. Додека поворката минува низ селото, покрај секоја куќа се палат огромни огнови во знак на поздрав. Свадбената поворка нема да ја поздрават со оган само оние селани кои не се во добри односи со семејството на невестата или со семејството на младоженецот.
Кога другарките ќе ја доведат невестата во куќата на младоженецот, останатите сватови веќе се стасани. Има толку многу гости, така што нема место за сите во куќата. Пред да влезе во својата соба, невестата мора да истркала и да фрли во собата тркалезна погача. Добар знак е ако погачата падне со украсената страна нагоре, ако падне надолу, пак, тоа е лош знак. За да се избегне несреќното паѓање, покрај вратата седат неколку старици кои следат како се тркала погачата. Ако видат дека ќе падне на страната што предвидува несреќа, малку ќе ја поттурнат за да падне онака како што треба.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче