Хакасија – земја на птици, степи и шамани

Езерото Иткуљ се наоѓа во степската зона на Хакаскиот резерват и претставува вистински рај за љубителите на птици.

Езерото Иткуљ се наоѓа во степската зона на Хакаскиот резерват и претставува вистински рај за љубителите на птици.

Доколку сте љубители на недопрената природа, ви претставуваме еден мошне интересен резерват во Русија, каде навистина за секого постои по нешто интересно.

Јужносибирската Република Хакасија е позната во цела Русија по своите резервати, сибирските кајсии, езерата и шаманизмот. На езерото-резерват Иткуљ во Хакасија луѓето доаѓаат за да ги набљудуваат птиците и за да ја проучуваат степската вегетација и древните пиктограми, или како ековолонтери. 

Патот од Абакан, престолнината на Република Хакасија, води низ пространите ридести степи на јужниот Сибир. По нагорнините на една височинка неочекувано се отвора видик на езерото Иткуљ. Тоа е само дел од Хакаскиот резерват, а останатите делови се раштркани низ целата територија на републиката и опфаќаат различни природни зони: степа, шумско-степски предели и планинска тајга.

Езерото Иткуљ се наоѓа во степската зона. Тука луѓето доаѓаат пред сè за да ги набљудуваат птиците: жеравите, сивите соколи и орлите. Освен тоа, тука во природно опкружување може да се проучи сиот богат биодиверзитет на степската вегетација, меѓу кои и видови што веќе се во изумирање.


Хакаските шамани и понатаму доаѓаат на планините во резерватот за време на важните астрономски појави.


Сундуки, напуштеното рударско окно и фитотерапија
 

Во близина на езерото Иткуљ се наоѓа планинскиот венец Сундуки. Тој е особено популарен меѓу археолозите и меѓу оние што се занимаваат со шаманизам. На планините со необично рамен релјеф пронајдени се мноштво пиктограми – древни цртежи на ѕидовите. Локалните шамани и понатаму доаѓаат на ова место за време на важни астрономски појави. Тие сметаат дека во древните времиња тука се наоѓале природни опсерватории и дека отворите издлабени во карпите им помагале на жреците точно да го определат годишното време и деновите кои се погодни за сеидба и за жетва.

Во Сундуки може да се дојде и на еднодневен трекинг. Планинскиот венец се состои од осум врвови. На нив можат да се искачат и оние кои не се посебно физички подготвени. Од врвовите се простира прекрасен видик на зелената степа кој се протега до самиот хоризонт.


На дното на Туимската бездна се наоѓа езеро со смарагдна боја.

На љубителите на екстремните доживувања ќе им биде интересно да ја посетат Туимската бездна. На ова место до 1954 година се наоѓал рудник за волфрам, но еден невнимателен инженер предложил окното наместо во длабочина (што била проверена варијанта) да биде проширен во висина. Како резултат на тоа окното се урнало, а подоцна земјотресите ја зголемиле бездната. Со човечки напори и со делување на природните појави создадена е огромна котлина со живописни природни ѕидови на чие дно се наоѓа езеро со боја на смарагд. На највозвишениот дел од окното поставена е опрема за банџи, и оној што ќе се осмели, ќе има можност да почувствува 100 метри слободен пад.

Езерото Иткуљ е слатководно, а на пет километри од него се наоѓа соленото езеро Шира. Само дел од ова езеро се наоѓа во зоната на резерватот, додека на останатите делови се наоѓаат туристички комплекси, населби и бањата Жемчужни (бисерен). Тука посетителите ги чека комфорно ноќевалиште и капење во лековитата вода на соленото езеро, како и фитотерапија што ја има смислено една шаманка од овој крај: посетителот влегува во кедрово буре, а потоа во него се пушта пареа која содржи мириси на степска трева и на цветови. Од истите билки тука се прави и лековита козметика.


Просмотреть увеличенную карту

Како да го посетите Хакаскиот резерват

Резерватот може да се посети само со група. Потребно е да напишете писмо на и-мејлот на резерватот и да го кажете бројот на членовите на групата и целта на посетата. На истиот начин можат да се добијат и информации за туристичките агенции со кои соработува резерватот. Контакт: Игор Егоров, заменик-директор на Хакаскиот резерват задолжен за туризам http://zapovednik-khakassky.ru/.

Во кампот каде живеат чуварите на резерватот (тоа е единствениот населен дел од резерватот на езерото Иткуљ) отворен е центар за туристички посети. Тоа е зграда со прозорци долж ѕидот низ кои со часови може да се набљудува езерото, како и животот околу него. Оваа своевидна набљудателница е воедно и музеј.

Во заштитената зона направени се пешачки и велосипедски патеки со различна тежина и должина. Постојат и специјални патеки за набљудување птици и билки. На прегледни места долж брегот на езерото направени се видиковци. Во кампот можат да се изнајмат велосипеди, а може и да се договори екскурзија околу езерото и низ блиските места. Посетата на резерватот обично е организирана како еднодневна екскурзија. Можете да ја закажете директно во резерватот (меѓу вработените има и такви кои течно зборуваат англиски).


Волонтери и еколошки десант

Ако некој сака да му помогне на резерватот, може да учествува во еколошки десант кој го организираат локалните инспектори, како и во подобрување на туристичката инфраструктура. На резерватот му се потребни оние што можат да придонесат за еколошката едукација: фотографи, сниматели и преведувачи. Работниците на резерватот ги дочекуваат волонтерите на најблискиот аеродром во градот Абакан (постојат регуларни авионски линии од Москва и од Владивосток). Секој волонтер добива на користење шатор, а се храни на свој трошок ( продавницата се наоѓа во населбата која е оддалечена неколку километри од кампот).

Ако некој сака да дојде на езерото Иткуљ како волонтер, треба да се пријави на адресата reserve@khakasnet.ru, а потоа и да помине разговор преку Скајп. Методичарот од едукативното одделение Улјана Куимова истакнува: „Се трудиме да направиме сè за на волонтерите кај нас да им биде убаво и интересно, но би сакале и тие нам навистина да ни помогнат“. Освен тоа, покрај езерото Иткуљ, волонтерски програми и еколошки тури постојат и во други делови на Хакаскиот резерват.

Фотографии: Лиза Левицка.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња