Лет во стратосферата и акробатско летање со ловец МиГ-29
Програмата на лет со млазниот ловец МиГ-29 вклучува и лет во стратосферата на висина од 18 километри и серија фигури на акробатско летање по спуштањето на авионот на најмала висина. Целото патување трае 3-4 часа. Додека ловечкиот авион побрзо од звукот се крева на сè поголема висина, пред очите на патникот површината на Земјата на хоризонтот станува тркалезна, сонцето е многу посјајно, а небото е црно. Престојот во стратосферата трае 3 до 5 минути, по што ловецот МиГ-29 почнува да се спушта. Кога авионот ќе се спушти на вообичаената висина, пилотот демонстрира цел комплекс сложени фигури на акробатско летање.
Цена: 15750 евра. Детали на сајтот на операторот.
Сафари на тенк
На својот сакан маж можете да му ги исполните соништата од детството и да му подарите возење со легендарниот советски тенк од Втората светска војна Т-34. Извор: Lori/Legion Media.
Во сликовитата населба Кубинка во Одинцовскиот реон, оддалечен 64 километри од Москва, се наоѓа единствениот Военоисториски музеј на оклопни борбени возила и техника на Главната управа за оклопна механизација на министерството за одбрана на Руската Федерација. Музејот поседува најголема збирка оклопни борбени возила (над 300 вида) што почнале да се собираат од 1931 година. Тука многу мажи можат да ги остварат своите сништа од детството, да се возат со легендарниот советски тенк од Втората светска војна Т-34. Ваквата „прошетка“ во својство на член на посадата на борбената единица трае 4 часа, а освен совладување на шумскиот појас, вклучува и пукање од тенковски топ.
Цена: 1750 евра.
Адреса: Московска област, Одинцовски реон, град Кубинка. Детали за турата можете да пронајдете тука и тука.
Бункер од времето на Студената војна
За оваа посета вашите нозе мораат да бидат во целосна кондиција: бункерот од времето на Студената војна се наоѓа 60 метри под земјата, а неговите лавиринти заземаат површина од 7.000 квадратни метри. Извор: ИТАР-ТАСС.
Во времето кога СССР се подготвуваше за Трета светска војна, никој не можеше да претпостави дека под една обична мала зграда на една мала московска улица се крие пунктот на стратешката авијација, сместен во подземна скривница длабока колку една зграда на 17 ката.
Обиколката на бункерот трае час и половина. Подгответе се за напорно спуштање и качување, зашто бункерот е сместен на длабочина од 60 метри. За време на обиколката можете да пробате и хемиско заштитно одело и униформа на офицер за врски, да дознаете како живееле и како работеле луѓето од овој бункер и да ја видите уникатната архитектура на овој објект. Бункерот и сега е заштитен од сите возможни последици од нуклеарен удар. Површината на бункерот изнесува околу 7.000 квадратни метри, па одењето низ подземните лавиринти трае прилично долго.
Цена: 19 евра.
Адреса: Москва, Петта Котелничка улица 11. Детали на сајтот на туристичката агенција.
Централен музеј на Военото воздухопловство
Музејот на Военото воздухопловство се наоѓа во воената база, така што вашето доаѓање и пропусницата треба да ги обезбедите однапред. Извор: Дмитриј Кикот.
Потребен е голем труд за да ја разгледате целата експозиција на најголемиот музеј на авијацијата во светот. Површината на изложбениот простор е 5.500 квадратни метри, а експонатите на отворено заземаат површина од 20 хектари. Тука се наоѓа збирка од авиони, хеликоптери, оружје и средства за спасување кои датираат уште од 1909 година до денес. Освен тоа, во музејот можат да се видат многу летачки средства и мошне интересни уникатни документи и фотографии. Бидејќи музејот е сместен на територијата на воена населба, најдобро е однапред да резервирате билет и пропусница за автомобил.
Цена: 1.5 евро (влезница) и 2 евра (дозвола за фотографирање).
Адреса: Московска област, населба Монино, Музеј на военото воздухопловство.
До музејот може да се дојде со воз од Јарославската железничка станица до станицата „Монино“ (билетот чини 2.5 евра); со автобус бр. 332 Москва-Ногинск, кој тргнува од метро-станицата „Измајловски парк“, се симнувате на станицата Воена воздухопловна академија „Ј.А. Гагарин“; со линија на „Автолајн“ бр. 362 од автобуската станица (кај метро-станицата Шчолковскаја) до последната станица.
Детали на сајтот на Монино.
Поклонаја гора на Паркот на Победата
Воена колекција на Поклонаја гора поставена во чест на хероите од Втората светска војна. Извор: Lori/Legion Media.
На Поклонаја гора во Москва туристите можат да видат традиционални витешки борби, да дознаат од водичот многу податоци за Втората светска војна и заедно со бројните московјани да присуствуваат на најатрактивното од триесетте пукања што тој ден се изведуваат на разни локации во Москва.
Цена: бесплатно. Детали на сајтовите на руските музеи и на Поклонаја гора.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.