Macedonia Timeless во Москва

Македонскиот штанд. Извор: Руска реч.

Македонскиот штанд. Извор: Руска реч.

Македонија, конечно, сериозно обрна внимание на привлекување туристи од Русија: за првпат на московската меѓународна туристичка изложба MITT-2013 оваа земја има свој штанд. За тоа што ги привлекува Русите во оваа малечка сончева словенска земја, „Руска реч на македонски“ разговараше со претставникот за односи со јавност на Агенцијата за развој и поддршка на туризмот на Република Македонија, Сара Трајковска.

Што е она што може Македонија да им го понуди на Русите?

Македонија е толку сончева земја, што ние сонцето го ставивме и на нашето државно знаме. Тука, во Русија, на луѓето често им недостасува сонце, топлина и светлина, а ние сме подготвени со задоволство да го поделиме ова благо со нам блискиот словенски народ. Руските туристи сакаат да се капат и да се сончаат, а за тоа се идеални кристално чистите води на Охридското Езеро. Тоа претставува навистина уникатна знаменитост и привлекува со своите плажи, пејзажи, со пастрмката, уникатните бисери (а, руските дами го ценат убавиот накит, нели?).

Уште еден правец по кој ќе се развива туризмот од Русија е „аџилакот“ (верскиот туризам) по сите наши 950 цркви и манастири. 

Кои православни реликвии можат да се најдат во Македонија?

Практично во секоја црква аџиите можат да им се поклонат на моштите на светците, да ги бакнат дрвените икони, да уживаат во убавините на средновековните фрески. 

Постојат ли готови програми за аџиски патувања?

Да, со нив можете да се запознаете на сајтот macedonia-timeless.com.

Тука, во Русија, на луѓето често им недостасува сонце, топлина и светлина, а ние сме подготвени со задоволство да го поделиме ова благо со нам блискиот словенски народ.

Планирате ли да воспоставите соработка со руските туристички агенции кои се специјализирани за аџиски патувања? 

Таа работа е во тек, уште сега некои руски православни туристички агенции прават екскурзиски тури низ Македонија. Ние и понатаму ќе соработуваме со нив и ќе ја координираме работата.

Исто така сакам да додадам дека важна точка од културната програма за Русите во Македонија е посетата на музејот на словенската писменост во манастирот Свети Наум Охридски – луѓето се интересираат како и каде се родило писмото кое тие, ние и многу наши соседи го користиме до денешен ден. 

Определен период на руската телевизија одеше убава реклама за Македонија. Кажете ни нешто во врска со тоа. 

Агенцијата за развој и поддршка на туризмот пред околу 5 години почна да ја емитува оваа реклама на водечките светски телевизии. По извесно време бројот на туристи во Македонија порасна за 40%, така што ние планираме и понатаму да ја емитуваме оваа реклама. 

Какви други рекламни средства користите во Русија? 

Пред три недели ние пуштивме Гугл-реклама на руски јазик. Исто така по покана од македонска страна рускиот федерален канал „Моја планета“ допатува во Македонија и сними за неа два прекрасни филма, од кои руските гледачи детално можат да дознаат за нашите знаменитости, па потоа и да посакаат да допатуваат кај нас, на што ние се надеваме.

Исто така ние се занимаваме и со прес-тури, односно, правиме екскурзија за новинарите низ нашата земја, им го покажуваме најдоброто за тие да пишуваат за нас во своите изданија.

Рускиот федерален канал „Моја планета“ допатува во Македонија и сними за неа два прекрасни филма, од кои руските гледачи детално можат да дознаат за нашите знаменитости.

Според официјалната статистика за 2012 година Македонија ја посетиле околу 9.000 туристи од Русија. Многу ли е тоа или малку? Постои ли пораст? 

Дали е тоа многу или малку може да се пресуди ако го споредиме количеството Холанѓани што дојдоа кај нас, а нив ги имаше 30.000. Имаме на што да работиме. Но, растот од 2009 година е значителен, повеќе од двапати. За ваквата состојба најголемо влијание имаше укинувањето на визите за влез во Македонија за руските државјани. Може со сигурност да се каже дека туризмот во Македонија стана конкурентен на пазарот под брендот Macedonia Timeless, затоа ние сме тука и работиме за вас (се насмевнува). 

Ова е првпат Македонија официјално да е претставена во Москва. Кажете ни нешто за подготовките за вашето излагање. 

Секако, најважен е квалитетниот превод на рекламниот материјал на руски јазик. Ние не требаше да измислуваме топла вода – ние веќе неколку години имаме прекрасни рекламни материјали на европските јазици, кои ги преведовме и ги донесовме со себе во Москва. Особена гордост за нас е новиот штанд со овие прекрасни фотографии – се надеваме дека тоа ќе го привлече вниманието на посетителите. Ние го поставивме нашиот штанд покрај оние на Србија и на Црна Гора, така што многуте руски љубители на овие земји ќе обрнат внимание и на нас (се насмевнува).

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.