Тешко е да се поверува дека Москва е сè уште завиена во зимата, кога се наоѓаш во овошната оранжерија на паркот Царицино. Тука цути горчлив портокал и зреат крупни златести лимони. Имено во таква, вистински пролетна атмосфера започнува првиот дел од екскурзијата – историската. Таа ги води посетителите кон цветните корени: во епохата на Петар Велики, зашто имено тогаш цвеќињата во Русија станале домашни растенија.
Откако се вратил од Холандија, младиот император донел со себе многу новини, кои имаат врска со сите области од животот – од устројството на државата, до градбата на зградите. Така, руските куќи добиле широки прозорци, испроектирани според европската мода, на кои можеле да се сместат цвеќињата од градините.
Потребни биле само неколку години за тие да се најдат на женските фустани и шапки, да станат украс на секој бал и од платната на уметниците да почнат да ја дошепнуваат тајната, скриена смисла на сликата.
Етикецијата од овој период давала точно значење за секој цвет. Нарцисот означувал себељубие, лалињата зборувале за чувствата кон вљубениот. Кокичето со девет цветови повикувало на рандеву во девет изутрина, а црвената ружа – цветот на страста – можела да стане причина повеќе да нема средби.
Една од игрите што била популарна во 18 век, може да биде интересна и за вашите гости за време на празнувањето на Свети Валентин. Ставете во сите агли од вашиот стан малечки купчиња картички на кои се напишани називи на цветови и фрази што ги дешифрираат нивните значења. Така, вашите гости од време на време ќе земат по една картичка и ќе можат да си кажат еден на друг многу работи, без притоа да кажат ништо, освен невини називи на цветови.
Екскурзијата дава можност за практика во одгатнување на итрите загатки на цветовите – со помош на илустрираниот речник на цветови, гостите треба да го прочитаат посланието што е шифрирано во букетите.
Во Префинетата епоха ваков речник му бил потребен на секој дворјанин кој барем еднаш се појавувал во општеството. Тајните на посланијата на цвеќињата ги имало насекаде: тие се појавувале во албумите што младите дами им давале да ги пополнуваат на гостите, на везовите од свила и бисери, па дури станале и атрибут на игрите.
Учесник на една ваква балска игра можете да станете и вие. Водичите прават за гостите „фото“ со цвеќиња и им помагаат да го научат цветното акрописмо – жанр, каде зборот се состои од цветови, од кои секој означува една буква. Составеното акрописмо можете да си го земете со себе како сувенир.
Последниот дел од екскурзијата поподробно ќе ги запознае посетителите со оранжериите од Царицино, каде без оглед на московските мразови цутат цветови и дури созрева кафе.
Акрописмо е необична идеја за честитка за Свети Валентин. За да ја восхитите својата половина, напишете ѝ љубовна записка со помош на цветови: секоја буква од зборот ќе одговара на првата буква од називот на цветот. Така, зборот amour можете да го составите од (a)ster, (m)alva, (o)nagre, (u)vulaire, (r)ose.
Оранжериите се уникатни не само благодарение на колекцијата растенија, туку и според уредувањето: цвеќињата живеат во качиња, зашто така било прифатено во епохата на дворецот. А, самите качиња и ќупови се точна копија на оние, кои своевремено ги украсувале баловите на Екатерина Велика, а кои биле пронајдени за време на раскопувањата во паркот.
Завршна нота на цветното патување е пијалакот кој е специјално подготвен за гостите, а се нарекува Љубовна Напивка. Тајната на течноста со рубинова боја во префинетите чаши, шефот на ресторанот не им ја кажа на новинарите. Затоа вети дека напивката ќе биде особено полезна за срцето на секој што ќе ја проба, што е особено важно во пресрет на празникот на вљубените Свети Валентин.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче