Сталинград: градот што го измени текот на историјата

Волгоград го нарекуваат „најсоветскиот“ град на Русија. И за тоа постои основа. Како прво заради херојско-патриотските теми: откако стана познат низ цел свет како Сталинград, тој и сега е прославен по своите споменици заштитници на градот, а најважни од нив е ансамблот на Мамаевиот Курган и панорамата „Сталинградската битка“. Како второ, по војната градот бил изграден одново, и речиси сиот центар на градот е отелотворение во чист вид на стилот на сталинската империја.

Фотографии: Михаил Мордасов / Focus Pictures.

Еден од главните симболи на Волгоград е музеј-панорамата „Сталинградската битка“(www.stalingrad-battle.ru, ул. Маршал Чујков, 47). Освен грандиозното платно на самата панорама, во музејот се чува најцелосната колекција документи и предмети, кои се однесуваат на Сталинградската битка. Во Триумфалната сала се изложени оригиналните знамиња на сите единици кои учествувале во битката. Интересна е колекцијата подароци од луѓе од сиот свет кои му се дадени на градот во знак на почит за храброста што ја покажале неговите заштитници. Меѓу нив има бронзени статуетки, авторски копии на познатите скулптури на Роден „Бакнеж“ и „Верност“, ко биле подарени во 1945 година од страна на леди Вестмакот. Исто така тука се наоѓа и мечот на британскиот крал Џорџ VI, кој им бил подарен на жителите на градот во 1943 година како знак за Победата во Сталинград.

Историја

 

Сталинградската битка (17 јули 1942 – 2 февруари 1943) е најголема пешадиска битка во Втората светска војна, која заедно со битката на Курск стана пресвртна точка во војната, по што германската војска засекогаш ја изгубија стратешката иницијатива. Според приближните пресметки, сумарните загуби на двете страни во оваа битка надминуваат два милиони луѓе.

Погледнете исто така: интерактивната хронологија на нестаните.

Специјално за 70-годишнината од Сталинградската битка во музеј-панорамата беше отворена изложбата „Една за сите...“ Изложбата не е обична, таа е емоционална, а тоа ја прави и интересна. Тука се прикажани само оригинални експонати – униформи и оружје, трофеи и битови предмети, документи и писма на заштитниците на градот. Меѓу нив има луѓе со различни чинови, професии, националности. 

Недалеку од музеј-панорамата се наоѓа познатиот Дом на Павлов (ул. Советскаја бр. 39). Тој се прославил со тоа што за време на битката, во текот на 58 денови го бранеле само неколку војници. Сè на сè 25 луѓе, но во исто време во гарнизонот не се наоѓале повеќе од 15 лица. Четирикатницата се возвишувала над месноста и на тактички план нејзиното освојување било важно и за Германците и за Русите. Во тие страшни денови во куќата се родило девојче – Зина. Зинаида Петровна Селезнева, врсничка на Сталинградската битка, и денес живее во Волгоград. Домот на Павлов, иако е вклучен во ансамблот на плоштадот „Ленин“, украсен со барелјефи, тој и сега е место во кое живеат обичните волгоградци.

Каде да отседнете?

 

Во Волгоград нема хотели со 4 или со 5 ѕвездички, како и хотели од светски познатите брендови. Но, сепак има места каде може да отседнете. Хотелот „Волгоград“ на Алејата на Хероите се наоѓа во „историска“ зграда, која била обновена по војната. „Интурист“, напротив, бил изграден одново. Впрочем, во дворот на „Интурист“, во подрумот на Централната стоковна куќа се наоѓа музејот „Сеќавање“, на местото каде што бил заробен германскиот фелдмаршал Паулус.

За да се почувствува големината, и тагата, и болката, и гордоста, затворени во каменот, на Мамаевиот курган (ул. Маршал Чујов, бр. 47) треба да се качите пеш. Ова е всушност генијален споменик-ансамбл, кој може да „се прелистува“ како книга. Секој агол е неповторлив: алејата на тополите и плоштадот на живиот ѕид, ѕидовите-руини и езерото на солзите, пантеонот на славата и мајката во жалост... И – кулминација – Мајката-татковина, од чие подножје се отвора неповторлив поглед на градот и на задволшските далечини. 

Не треба да заборавите дека Мамаевиот курган е уште и некропола, во Големата (на ридот непосредно под Мајката-татковина) и Малата братска гробница се погребани 36 илјади советски војници. Кога го обновувале градот, посмртни останки се носеле тука од сите делови. Имињата на многу од нив се дознаа неодамна. На 2 февруари на Воено-меморијалните гробишта на Мамаевиот курган, беше откриена стела со имињата на 17 илјади заштитници на Сталинград, кои станаа познати како резултат на макотрпна работа на пребарувачите во последниве десет години.

}

Туристички водичи

 

Водичи што зборуваат на англиски јазик има многу. Специјално за 70-годишнината од Сталинградската битка Волгоградскиот социјално-педагошки универзитет отвори курсеви за туристички водичи за странски гости, кои зборуваат на англиски, германски, француски и на шпански јазик. Можете да го искористите и сајтот www.turizm-volgograd.ru на Агенцијата за развој на туризмот на Волгоградската област: туристички агенции, хотели, музеи, екскурзии, места за одмор, „карта за гости“.

И бидејќи Мамаевиот курган е место на почивање на десетици илјади паднати војници, во 2000 година тука беше изграден уште еден споменик – православниот храм Сите Свети, за секој што ќе дојде тука да може да им одаде почит на паднатите, да може да се помоли и според православната традиција да запали свеќа на упокојување на нивните души. 

Ова се главните светињи на Волгоград. Но, сиот центар на градот кој бил одново изграден, претставува споменик на оние кои го бранеле и кои го обновиле градот. Вреди да се прошетате по неговите улици, каде дури и обичното дрво или канделабар може да биде споменик. А, таков канделабар постои, тоа е столб кој ја преживеал Сталинградската битка, кој е оштетен од шрапнели, а се наоѓа на плоштадот покрај железничката станица, недалеку од Меморијално-историскиот музеј (ул. Гогољ, бр. 10). И такво дрво постои: тополата во Алејата на Хероите. Која расте директно од асфалтната патека, со што малку се нарушува перспективата. Без оглед на тоа што таа „пречи“, никој не ризикувал да ја исече: тоа е единственото дрво што преживеало во Сталинград. Во изгорениот, разурнат до темели град, воопшто немало зеленило.

Што да се касне

 

Кујна – неверојатен спој, во рестораните има европска (постојат италијански, чешки, германски ресторани), јапонска, кавкаска кујна. Речиси секаде нудат шашлик. Најпозната брза храна е киевската плескавица, која е многу попопуларна од биг-мекот, иако во Волгоград има „Мекдоналдси“.

Можеби затоа волгогратците толку ги сакаат зеленилата. Кејот, Алејата на Хероите – тоа е всушност зелената зона. А, авенијата Ленин, главната улица на Волгоград, воопшто не е авенија, туку булевар со широка пешачка зона, која ги дели двете насоки на транспортното движење. 

Напролет градот е сиот во цветови: најпрво цутат кајсиите, кои растат на улиците и во дворовите – „волгоградска сакура“. Потоа јоргованите и багремите, каталпите и костените. Во ваквите денови е убаво да се прошетате по Улицата на мирот. По битката таа била направена прва, затоа и го добила овој назив. На крајот од Улицата на мирот се наоѓа планетариумот. Тој е интересен и од архитектонска (неговата купола ја краси скулптурата на познатиот советски мајстор Вера Мухина) и од историска гледна точка, комплет опрема со цејсовска оптика, подарок од работниците на ГДР за 70-годишнината на Сталин.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.