Зградата на Државниот историски музеј (порано тој се нарекувал Императорски руски историски музеј) се појавила на Црвениот плоштад во последната четвртина на 19 век. Извор: Lori / Legion Media.
Карактеристична црта на овој стил е користењето елементи од традиционалната руска архитектура: кули, тремови, теракотни плочки во боја при прањето на фасадите и многу други. Но, тоа не било слепо копирање, туку стилизација, која често хармонизирала со елементите на другите стилови. Затоа зданијата во овој стил, иако лесно се препознаваат според различни признаци, не се повторуваат. Во овој стил во Москва се граделе зданија за најразлични намени: станбени згради и приватни резиденции, театри и музеи, трговски центри и железнички станици.
Ул. Погодинска, бр. 12-а
Една од раните пројави на овој стил е дрвената Погодинска куќичка, која за чудо останала до наше време. Куќичката била изградена во 1856 година од страна на архитектот Николај Никитин по нарачака на претприемачот и мецена Василиј Кокорев, кој му ја подарил на историчарот, публицист, професор на Московскиот универзитет, Михаил Погодин. Куќичката станала една од куќарките на имотот на Погодин, во неа се наоѓала „антикварница“, во која се чувале стари книги, слики и гравури. Како мостра Никтини ги зел селските дрвени домови од Поволжјето, а се претпоставува дека резбата е направена според цртежи на кнезот и аматерски уметник Григориј Гагарин.
Ул. Бољшаја Јакиманка, бр. 43
Куќата, која често ја споредуваат со убава кутија за накит, повеќе од еден век ја краси Јакиманка. Николај Игумнов ја поседувал Големата мануфактура во Јарослављ и кога му притребала куќа во Москва, тој за проектот и за изградбата го повикал јарославскиот архитект Николај Поздеев. Куќата била завршена во 1895 година и за тоа време чинела многу, станувало збор за сума од милион рубли. На пример, тулите ги носеле од Холандија. За фасадата во голема мера се користени теракотни плочи, фигурна тула, каменорез.
Во 1938 година куќата била дадена на француската амбасада. Во 1979 година во непосредна близина била изградена посебна зграда за амбасадата и Куќата на Игумнов станала резиденција на француските амбасадори. Сега таму се организираат разни официјални настани и живее амбасадорот со своето семејство. Француската амбасада дисциплинирано дозволува влез во куќата за посетители за време на деновите на отворени музеи.
Сојмоновски премин, бр. 1
На Кропоткинскиот кеј се наоѓа необична за своето време станбена зграда на Зинаида Перцова, која била официјален стопан на зградата. Плацот го купил нејзиниот маж, кој исто така и ја нарачал изградбата, познатиот инженер-железничар Петар Перцов. Во условите на конкурсот тој предвидел зградата да биде изградена во руски стил. На крајот за најдобар проект бил прогласен оној на уметникот Сергеј Маљутин (авторот на руската матрјошка), кој за изградбата работел со архитектот Николај Жуков и инженер-архитектот Борис Шнауберт. Во зградата имало не само станови за издавање, во неа живееле и самите стопани – во трокатен стан со одделен влезе.
Црвен плоштад, бр. 3
Реконструиран по пожарот во 1812 година од страна на Осип Боце, Горната чаршија кон крајот на 19 век веќе бил застарена, така што во 1890 година со средства од трговците започнала изградба на нов трговски центар според проектот на Александар Померанцев.
При изградбата биле користени најсовремените за тоа време технологии и градежни материјали – армиран бетон, челични конструкции. Светлината навлегувала во просториите преку стаклените сводови во форма на арки, кои биле проектирани од страна на инженерот Владимир Шухов, кој подоцна ја изградил познатата московска радиокула на Шаболовка.
Горната чаршија била отворена во декември 1893 година, во неа имало повеќе од илјада продавници. Во истите години во близина на реката Москва била изградена и Средната чаршија (архитект Роман Клејн), во ист стил.
Црвен плоштад, бр. 1
Зградата на Државниот историски музеј (порано тој се нарекувал Императорски руски историски музеј) се појавила на Црвениот плоштад во последната четвртина на 19 век, на местото каде најпрво се наоѓала Главната аптека, а потоа првата зграда на Московскиот универзитет. Изградбата на музејот започнала во 1875 година според проектот на архитектот Владимир Шервуд и инженерот Анатолиј Семјонов и била завршена по шест години. Архитектонскиот стил на зградата бил предодреден за условите на конкурсот – Историскиот музеј требало да биде изграден во стилот на староруската архитектура. И не случајно неговите кули потсетуваат на силуетите на соседната Никољска кула на Кремљ.
Плоштад Ревољуции, бр. 2/3
Недалеку од Историскиот музеј се наоѓа огромна светло црвена зграда, која им е позната на неколку советски поколенија како музеј на В. И. Ленин (сега тоа е филијала на Државниот историски музеј). Но, ова здание се градело од 1890 до 1892 година за Московската градска дума. На конкурсот победил проектот на архитектот Дмитриј Чичагов. На почетокот било предвидено зградата да биде свело сива, но по завршувањето на изградбата било решено да се остави почетната црвена боја на тулата.
Улица Настасинска, бр. 3
Намената на оваа убава зграда на улица Настасинска и годината на градбата се напишани на предниот дел од зградата: „Руска заемна каса, 1913-196“. До револуцијата заемни касии се нарекувале кредитни организации, кои давале заем со залог на сребро, злато и драгоцени камења. Зградата ја граделе архитектите Владимир Покровски и Богдан Нилус, кои претходно ја проектирале зградата на Државната банка во Нижни Новгород. Во архитектурата на зградата се присутни мотиви не само од руската архитектура, туку и елементи на барок.
Фотографии: Lori / Legion Media.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче