Редарите ги туркаат развиканите руски навивачи назад на трибините по поразот на Русија од Велс во натпреварот од Групата Б на Евро-2016 на стадионот „Муниципал“ во Тулуз, Франција во понеделникот, 20 јуни, 2016.
APПоразот од 0:3 против репрезентацијата на Велс стави точка на амбициите на Русија во поглед на Евро-2016. Пулените на Леонид Слуцки освоија само еден поен во три меча и се вратија дома. Ова беше едно од најбледите изданија на руската фудбалска репрезентација во изминатиов период.
По натпреварот Слуцки се извини поради поразот на својот тим и сета вина ја презеде врз себе. „Луѓето што навиваа за нас не заслужија да видат игра каква што покажавме. Имавме доволно време за подготовки. Доколку тоа не даде резултат во играта како што беше денешната, тогаш за тоа е виновен тренерот“. Слуцки исто така изјави дека е подготвен да го ослободи местото селектор на фудбалската репрезентација.
Неуспехот на Слуцки ги изненади љубителите на фудбалот во Русија. Тренерот што го презеде кормилото на репрезентацијата по заминувањето на Фабио Капело без проблем го доведе националниот тим на Евро-2016 по успешните натпревари во претходната фаза. Во септември 2015 година во решавачкиот меч, каде руските фудбалери не смееја да направат грешка, победена беше репрезентацијата на Шведска на чело со Златан Ибрахимовиќ (1:0).
Но, на Евро-2016 од таа самоувереност повеќе не остана ни трага. Тешко дека навивачите ќе се сетат на претходните впечатливи напади. Тројцата напаѓачи (Артјом Ѕјуба, Фјодор Смолов и Александар Кокорин) не постигнаа ниту еден гол, а не беше задоволителна ниту одбраната – противничките игри често го користеа „дупките“ во руските одбранбени редови. Среќа што голманот Игор Акинфеев се покажа добро, инаку руската репрезентација можеше да прими и над шест гола.
Навивачите и фудбалските стручњаци се навикуваат на социјалните мрежи, зборувајќи за отсуство на осмислена игра кај рускиот тим. „Головин излегува на теренот наместо Широков. Роман му ја предава капитенската лента. Потоа Александар му додава на Игнашевич, а овој ја проследува кон Акинфеев. Ова беше најинтересната серија пасови во играта на руската репрезентација“, иронизира корисникот kapitan777 на сајтот championat.com. „Тактика: сакам да ги демантирам гласовите дека репрезентацијата на Русија ја имаше“, се надоврзува корисникот со ник ravel.
Многу повеќе критики се упатени кон руското фудбалско раководство, кое според мислењето на многумина коментатори на спортските портали нема направено ништо за развојот на фудбалот во земјата. „Во нормална земја за вакви спортски резултати (фудбал, дисквалификација на спортисти, допинг) министерот за спорт треба да поднесе оставка. Но, тоа е така во нормална земја“, се жали еден корисник од непозната земја со прекар just-whatever на сајтот sports.ru
Кога станува збор за министерот за спорт Виталиј Мутко, тој ги повика фудбалските фанови да не одат во крајност, објаснувајќи дека Русија нема ресурси кои би овозможиле поуспешен пласман. „Такво е нивото на нашиот фудбал. На тоа треба да се работи. Ние немаме играчи од врвна класа. Таква е објективната ситуација“, изјави Мутко за агенцијата ТАСС. Во таа пригода тој не наведе конкретни чекори што ќе ги преземе во оваа насока.
Најмногу се негодуваше поради сомнителниот лимит за странци во руската фудбалска лига (од 2015 година руските клубови се задолжени во првата постава да имаат најмалку петмина руски играчи; раководството ова го објаснува со потребата да се подготват повеќе домашни кадри за репрезентацијата – заб. ред.). Засега овој лимит не придонесе за подобрување на резултатите. Згора на тоа, постои впечаток дека тој само го намалува општото ниво на квалитет на играчите, со што се создаваат „стаклени“ услови за развој на домашниот фудбал. Со оваа констатација се сложува и замник-капитенот на репрезентацијата, играчот за врска Василиј Березуцки: „Ние немаме наши фудбалски асови. Нешто треба да се преземе со рускиот фудбал. Фудбалерите веројатно треба да одат во Европа. Тоа што сите играме во првенството на Русија и правиме некакви лимити не носи корист“, изјави тој по натпреварот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче