4 врвни руски атлетичари што нема да заминат во Рио

Елена Исинбаева од Русија во финалето на скок со стап за жени во текот на ИААФ Светското првенство во атлетика на стадионот Лужники во Москва,13 август 2013.

Елена Исинбаева од Русија во финалето на скок со стап за жени во текот на ИААФ Светското првенство во атлетика на стадионот Лужники во Москва,13 август 2013.

Reuters
Руските спортисти сè уште имаат шанса да се натпреваруваат под олимпиското знаме, но не сакаат да ја искористат таа можност.

Советот на Меѓународната атлетска федерација (IAAF) на 17 јуни ја потврди одлуката за дисквалификација на руската репрезентација донесена во ноември 2015 година поради кршење на антидопинг-правилата.

Руските атлетичари речиси 8 месеци не учествуваат на меѓународни натпревари, дури и доколку никогаш не употребувале недозволени средства. Нема да можат да учествуваат ниту на Олимпијадата во Рио која започнува на 5 август, барем не под руско знаме.

„Чистите“ спортисти ќе можат да земат учество во ова натпреварување, но само под олимпиското знаме. Ова го изјави претседателот на IAAF Британецот Себастијан Коу, кој во 1980 година и самиот го искористи ова право на Олимпијадата во Москва кога Велика Британија, како и многу други земји од Западот, ги бојкотираше Игрите поради влегувањето на советските трупи во Авганистан.

1. Елена Исинбаева

Но, за многумина спортисти учеството под олимпиското знаме е неприфатливо. Елена Исинбаева, двократна олимписка шампионка која има соборено 28 светски рекорди во скок со стап, по породувањето се врати на спортот за да учествува на Олимпијадата во Бразил. Сега нејзиното последно натпреварување ќе биде првенството на Русија во јули.

„Не разгледувам други варијанти за учество на Олимпијадата освен во рамките на мојата репрезентација“, изјавува во декември минатата година во разговор со новинарот на „Руска реч на македонски“ Исинбаева. Оттогаш таа го нема променето својот став. Неодамна објави отворено писмо во весникот „Њујорк тајмс“, во кое апелира одговорноста за грешките во системот и за неодговорното однесување на партнерите од екипата да не се префрла на „чистите“ спортисти.

2. Сергеј Шубенков

На светското првенство во Пекинг 2015 година Сергеј Шубенков предизвика сензација со победата во трката на 110 метри со пречки, со оглед дека ова е дисциплина во која советските и руските спортисти никогаш немале никаков успех. Единствениот руски спринтер се соочува со дисквалификација на врвот од својата кариера, со оглед на тоа дека оваа сезона му е забрането да учествува на меѓународни натпревари. Сепак, дури и на натпреварите во Русија тој и оваа сезона покажува подобро време (13.24) од светскиот лидер на сезоната, Кубанецот Орландо Ортега.

Уште не почетокот од кариерата Сергеј ги напушти екипните дисциплини само за да може лично да биде одговорен за својот резултат. Иронично е тоа што сега некој друг решава за неговата спортска иднина.

3. Марија Кучина

Марија Кучина, исто како и Шубенков, е најдобра во светот во својата дисциплина. Во Рио лесно би можела да го повтори успехот од Пекинг 2015, кога беше пред признатите ривали со шампионски титули – Бланка Влашиќ од Хрватска и Ана Чичерова од Русија.

Марија се наоѓа на подготовки на југот од Русија, недалеку од својот роден град Прохладни. Службите за антидопинг никогаш не ја осомничија Кучина, иако во последниве месеци руските атлетичари се под најстрога контрола.

„Од WADA ми доаѓаат еднаш месечно. Еднаш влегоа во салата за време на тренинг. Ми имаат доаѓано дури и дома. Ми ѕвони еден човек во 6 часот наутро, јас отворам, а тој се претставува: Јас сум службеник од агенцијата WADA, ми треба Кучина. Тоа воопшто не ме иритира. Ако треба можам да ги пречекувам секојдневно“, изјави атлетичарката во интервју за каналот „Матч-ТВ“.

4. Дарја Клишина

Дарја Клишина е една од најпопуларните руски спортистки. Русокосата скокачка во далечина уште како млада беше третирана како еден од најголемите таленти на руската атлетика. Околу неа секогаш има еден куп фотографи, без оглед дали се наоѓа „дома“ или на некој светски натпревар.

Клишина, која ја застапува познатата спортска агенција IMG, доживеа фијаско на светското првенство, освојувајќи го 10 место. Оваа сезона Дарја се жали на недостиг од натпреварувачка практика, зашто поради дисквалификацијата на IAAF може да учествува само на натпреварите во Русија.

Дарја нагласува дека секој спортист треба да се третира како посебен случај. „Поради желбата сите да се третираат на ист начин сега некои 'чисти' атлетичари размислуваат дури и за крај на кариерата. Ова не е добро. Секој спортист треба сам да решава како да се подготвува за натпреварите. Поради луѓето кои во тоа ја надминуваат дозволената граница не треба да страдаат сите, вклучувајќи ги дури и они што имаат беспрекорна репутација“, истакнува Клишина во интервју за sports.ru.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња