Русија на Европските игри

Извор: РИА Новости

Извор: РИА Новости

Од 12 до 28 јуни во главниот град на Азербејџан за првпат во историјата ќе се одржат Европските игри. „Руска реч на македонски“ зборува за тоа што може да се очекува од руските спортисти на дебито, и ќе успеат ли Европските игри да го повторат успехот на Азиските.

Денес во главниот град на Азербејџан – Баку, за првпат во историјата ќе се отворат Европските игри. Бројот на медалите може да се спореди со Олимпијадата: 253 комплети во 20 вида спорт против 306 во 28 вида во Рио де Жебеиро-2016. 

За спортска Европа ова е посебен настан. Другите континенти веќе одамна имаат сопствени игри. Во 2011 година се одржаа 16 Панамерикански игри во Мексико, 12 Панарапски игри во Катар, 10 Сеафрикански игри во Мозамбик. 16 Азиски игри се одржаа во 2010 година во Кина. 

Европските игри ќе се одржуваат еднаш на четири години. Вторите Европски игри ќе се одржат во 2019 година во Холандија. 

Русија оди по злато 

Русија мошне сериозно се однесува кон новото натпреварување. За тоа може да се суди според фактот што на денешната церемонија на отворањето на Игрите, на националниот празник – Денот на Русија, допатува претседателот на РФ Владимир Путин. Националната репрезентација е на првото место според бројот на медалите. Ова го изјави претседателот на Олимпискиот комитет на Русија (ОКР) Александар Жуков. Знаменосец на руската репрезентација е олимпискиот шампион во слободна борба Хаџимурад Гацалов. 

Во 2011 година претседателот на Европскиот олимписки комитет Патрик Хики излезе со предлог за организирање на Европски игри, во кои ќе бидат вклучени основните олимписки видови спорт. Предлогот на Хики го поддржа тогашниот претседател на Меѓународниот олимписки комитет Жак Рог. Одлуката за организирање на Европските игри беше донесена во декември 2012 година на Генералната асамблеја на националните олимписки комитети во Рим.

Посебна надеж руските навивачи имаат за турнирот во фудбал на плажа (натпреварувачите на руската репрезентација се двократни светски шампиони – во 2011 и во 2013 година) и во првенството во ритмичка гимнастика, каде Русија ќе ја претставуваат главните претендентки за златото на Олимпијадата во Рио во 2016, Јана Кудрјавцева (8-кратна светска шампионка) и Маргарита Мамун (5-кратна светска шампионка).

Тренерот на репрезентацијата во ритмичка гимнастика Амина Зарипова, која има победено на пет светски шампионати во ритмичка гимнастика во периодот од 1995 до 1997 година, го забележува сериозното расположение на репрезентацијата на Русија. „Нашиот однос кон Игриве е повеќе од сериозен. Гран-при се одржува секоја недела, а Европските игри се натпреварување со олимписки интервал. Згора на тоа тие започнуваат токму во Баку. Затоа ние сакаме да бидеме први на Првите игри“, изјави за „Руска реч на македонски“ Зарипова. 

Во исто време Европските игри не можат да се пофалат со ѕвезди од прв ранг во водните видови спорт и во лесна атлетика, кои се најгледани и најпопуларни дисциплини. Лидерите во овие видови спорт решија да се фокусираат на светските шампионати, кои засега се котираат повисоко од Европските игри. Светското првенство во водни спортови 2015 ќе се одржи во Казањ од 24 јули до 16 август. Најдобрите атлетичари ќе се натпреваруваат во Пекинг од 22 до 30 август. 

По патот на Азиските игри 

Главното прашање што го поставуваат експертите и набљудувачите се огледа во тоа дали Европските игри ќе можат да го повторат спортскиот и комерцијалниот успех на Азиските игри. Според мислењето на членот на МОК од 1971 година Виталиј Смирнов, Европските игри имаат светла иднина. „Во блиска иднина Европските игри можат да станат конкуренција на Азиските игри. Уверен сум дека во поглед на организацијата и на гледаноста европските земји нема да заостанат зад своите азиски колеги. Комерцијалниот дел е исто така моќен. Генерален спонзор на Игрите во Баку е компанијата ВР и низа други сериозни организации. Секако, во два вида летни спортови – водните дисциплини и лесната атлетика – гледачите нема да ја видат спортската елита на Стариот свет, но до натпреварите во 2019 година ова прашање ќе биде решено“, додава за „Руска реч на македонски“ Смирнов. „За организирањето на вторите Игри имаше многу интересни кандидатури. Кога постои здрава конкуренција, тоа значи дека интересот за Европските игри е голем“, додава Смирнов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.