Селекторот Капело – главен адут на Русија во Бразил

Селекторот на фудбалската репрезентација на Русија, Фабио Капело, често го повторува зборот „респект“: кај него владее најстрог ред. Извор: ИТАР-ТАСС

Селекторот на фудбалската репрезентација на Русија, Фабио Капело, често го повторува зборот „респект“: кај него владее најстрог ред. Извор: ИТАР-ТАСС

Првпат по 12 години репрезентацијата на Русија ќе учествува во финалниот дел на светското првенство во фудбал. Таа во Бразил воопшто не патува како фаворит, но може да смета на добар резултат И навивачите и стручњаците своите очекувања не ги засновуваат само на квалитетот на фудбалерите, меѓу кои нема светски ѕвезди, колку што сметаат на селекторот Фабио Капело.

Италијанска дисциплина 

Во свеста на Русите Италијанците воопшто не се нација која се поврзува со точноста и со дисциплината. Но, Фабио Капело од првите денови на својот престој во Русија сосема ги разби овие предрасуди. Во споредба со неговите претходници (Добродушниот Гус Хидинк, кој на крајот на својот престој во Русија едноставно ги распушти играчите, и намуртениот Дик Адвокат, кој не криеше дека повеќе го интересира сметката во банка, одошто тренингот), капело изгледа речиси како тиранин.

1:81 

Според процените на влијателната кладилница „William Hill“, репрезентацијата на Русија не спаѓа меѓу фаворитите на Светското првенство. На табелата претенденти за титулата се наоѓа на 14 место. Квотата за нејзината победа во финалето е 1 спрема 81. Притоа поминувањето на групните фази не се доведува во прашање. Влоговите дека репрезентацијата ќе влезе во вториот круг се примаат со коефициент 1 спрема 1.44.

Додека холандските тренери во Русија наминуваа само попатно, Фабио се потруди да присуствува на три-четири меча од секое коло на квалификациите за Првенството. И постепено измени половина од составот на репрезентацијата. Аршавни, Пављученко и Погребњак, кои кај селекторот Адвокат беа незаменливи, тој ги исклучи од тимот, ги донесе одбранбените играчи Козлов и Ешченко, а за носители на играта ги постави Фајзулин и Комбаров. Селекторот во Бразил ги однесе фудбалерите кои пред неколку месеци не ни можеа да сонуваат за репрезентација. Капело на овој начин, пред сè ги мотивира играчите да работат непрекинато и покажува дека местото во националниот тим никому не му е загарантирано. 

Кога станува збор за неговите основни принципи на работа, Фабио често го повторува зборот „респект“. Кај него владее најстрог ред: фудбалерите мораат да го почитуваат распоредот до минута, стручниот тим е усогласен како вработени во најскапиот хотел, а на новинарите воопшто не им е дозволено да влезат во хотелот во кој е сместена репрезентацијата, освен на официјалните настани. 

Кој ќе дава голови 

Главна карактеристика на актуелната репрезентација на Русија е нејзината организираност. Во овој тим нема играч кого во Бразил би го опседнувале обожавателите, сакајќи да добијат автограм, а имињата на поголемиот дел од играчите на Русија надвор им се познати само на стручњаците. Но, затоа секој од нив точно знае што треба да прави на теренот. Оттука е и пресингот, и добрата контрола врз топката и организираноста во одбраната.

„Екипата стана покомпактна, поцелосна“, објаснува поранешниот тренер на репрезентацијата Валериј Газаев. Ова мислење го дели уште еден тренер, кој своевремено работеше со националниот тим – Јуриј Сјомин. „Би сакал да обрнам внимание на единството што Капело го донесе во репрезентацијата. Подобро играме во одбраната, иако некои наши одбранбени играчи поради годините не можат да ги стасаат брзите фудбалери на противничките тимови“, смета Сјомин. 

Црниот пајак на советскиот фудбал
Пред околу еден месец, поточно на 15 декември, се навршија 50 години од прогласувањето на Лев Јашин за најдобар фудбалер во Европа. Така советскиот фудбалер стана прв голман во историјата кој ја добил Златната топка. Ниту еден голман до денес ја нема добиено оваа награда. Руска реч на македонски се присетува на интересните факти од животот на овој голем советски фудбалер.

Замерката на Сјомин која се однесува на брзината, е пред сè насочена кон централните одбранбени играчи на репрезентацијата. Сергеј Игнашевич наскоро ќе гo прослави 35 роденден, а Василиј Березуцки на 20 јуни ќе наполни 32. Но, Капело едноставно нема на располагање алтернативи за овие позиции. 

Но, затоа стручниот тим има голем избор играчи за средината на теренот и за крилата, каде за едно место конкурираат два-три играчи. Сета игра на репрезентацијата на Русија се засновува токму на овој квалитетен врзен ред. Во нападот, пак, постојат колебања. Голови во Бразил би требалo да даваат најдобрите напаѓачи во современа Русија, Александар Кержаков, единствениот играч кој има искуство в игрите на светското првенство. Тој во 2002 година, уште како сосема младо момче отпатува во Јапонија. Но, сега Александар спаѓа меѓу ветераните, додека во својот клуб, санктпетербуршкиот Зенит, поголемиот дел од времето го поминува на клупата за резервни играчи, одошто во игра. Уште една можност во нападот е Александар Кокорин од Динамо, кој поседува несомнен талент, но не и искуство. И не секогаш е сигурен играч. Така, се чини дека најкритичниот сегмент во играта на руската репрезентација е нападот. 

Желба за втор круг 

Признавајќи дека рускиот тим на овој шампионат нема да биде фаворит, и навивачите и стручњаците се убедени дека екипата има сила да ја помине групната фаза од натпреварувањата. Уште повеќе што во првата етапа Русите како ривали ги немаат најсилните тимови, ами се натпреваруваат со Јужна Кореја, со Белгија и со Алжир. 

„Поминувањето во вториот круг би било логично, не би требало да биде неочекуван резултат. Уверен сум дека ќе се пласираме понатаму“, изјави почесниот претседател на Рускиот фудбалски сојуз Вјачеслав Колосков. Со него се сложува и телевизискиот коментатор Владимир Стогниенко, кој ќе ги коментира натпреварите на Руската Федерација во Бразил. „Сигурен сум дека ќе поминеме во осмина финалето. Сепак, во принцип, за нас пласманот во вториот круг ќе биде големо достигнување, земајќи предвид дека од 1986 година не сме постигнале таков резултат. Мојот оптимизам се засновува пред сè на селекторот. Капело не е идеален, но тој е адут на нашата репрезентација“. 

Самиот дон Фабио, сепак, не избрзува со амбициозни изјави. „По долга пауза повторно учествуваме на Светското првенство, а овој турнир суштински се разликува од сите други“, изјавува Капело. „Најпрво нè очекува групната етапа. Ако успееме да поминеме понатаму, во осмина финалето најверојатно ќе се сретнеме со Германија или со Португалија. Но, за тоа ќе размислуваме понатаму. Подобро да не брзаме и да одиме чекор по чекор“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња