Јулија Липницкаја: Ако си подготвена, нема место за трема

Извор: ИТАР-ТАСС

Извор: ИТАР-ТАСС

Олимписката шампионка во тимското натпреварување по уметничко лизгање Јулија Липницкаја зборува за претстојниот светски шампионат, за спортскиот режим, за здодевните новинари и за мечтата да отпатува во Јапонија.

Јулија, оваа година имаш две лирични натпреварувачки програми. Немаш ли желба во следната сезона да направиш нешто друго, повесело? 

Ликот што го создаде Јулија Липницкаја во слободната програма на Олимпијадата во Сочи, го покори сиот свет, Познатиот режисер Стивен Спилберг ѝ напишал на Јулија писмо со благодарност за нејзиниот настап на саундтракот од неговиот филм „Шиндлеровата листа“.

Не, не сакам. Секако дека ќе лизгам и повесели програми доколку ми кажат, но од мене нема да има таква енергија. Потоа повторно ќе има споредба со други спортистки кои лизгале на слични теми и кај нив тоа ќе биде поизразно. За мене според карактерот највеќе ми одговара програмата која ја направивме оваа година, а тоа е „Шиндлеровата листа“. Исто така ја имав и програмата „Танц со сабји“, таа е малку поинаква, но исто така не е весела. Ваквите програми повеќе ми одговараат на карактерот, на емоциите што можам да ги предадам. 

Помина речиси еден месец од Олимпијадата. Кажи ни, што правеше во првите денови по Олимписките игри. Успеа ли да се одмориш пред подготовките за светскиот шампионат?

Имав една недела без тренинзи, но тоа воопшто не беше одмор. Постојано нешто правевме, секој ден имаше некакви приеми, средби, настани. По Олимпијадата бевме многу изморени, и доколку имавме уште и тренинзи, не знам како ќе преживеевме. 

Што мислиш за тоа што Аделина Сотникова нема да настапи на светскиот шампионат? Должна ли е една олимписка шампионка да го заштити своето звање? 

Светскиот шампионат во уметничко лизгање се одржува од 24 до 30 март во јапонскиот град Сајтама. На него не учествува олимписката шампионка од Сочи Аделина Сотникова. Според претседателот на Федерацијата за уметничко лизгање на Русија Александра Горшкова „на Аделина ѝ беше дадена можност да закрепне и потоа да ја започне подготовката за следната сезона имајќи го предвид исполнувањето на поставената суперзадача“. Освен Јулија Липницкаја на светскиот шампионат боите на Русија ги бранат Ана Погорилаја, која сезонава успеа да се пробие во финалето на гран-прито.

Тоа беше одлука на нејзините тренери, сега таа е на шоу. Ние веднаш решивме дека ќе одиме. 

По твојот настап на Олимпијадата сите чекаат од тебе само високи резултати. Дали тоа ти прави притисок? 

Секако дека ми прави притисок, но јас си имам свои задачи за овој светски шампионат. Треба да се обидам да изведам чисти настапи. 

Како да се совлада тремата? Кој е твојот рецепт? 

Тремата е секогаш присутна, едноставно треба добро да се подготвиш и да ја завршиш својата работа. Доколку си добро подготвен и знаеш дека во какви било услови можеш да го направиш тоа што си го истренирал, морално ќе ти стане полесно. Кога навистина не си подготвен, тогаш мораш да мислиш на тремата, да се орасположуваш, да разговараш со тренерите. 

И ти се ограничуваш себеси како и останатите спортисти. Што најмногу сакаш од она што не смееш? 

Ова е многу сложено прашање, зашто постои определен режим. Морав да се откажам практично од сè. До Олимпијадата имавме само тренинзи и ништо повеќе. Сега ни претстои светскиот шампионат. Сега имам само една желба – да заминам некаде на одмор, едноставно да го нарушам режимот на тренинзите. 

Имаш ли некакви планови за тоа каде ќе одмораш по шампионатот? 

Сè уште не знам кога точно ќе одморам, така што сè уште не сум размислувала за тоа. По светскиот шампионат имаме многу планови, Тренинзите нема да бидат толку интензивни, но ќе имаме многу работа. Најверојатно ќе одиме на одмор во јуни. Има многу места на кои би сакала да отидам. Сега имено се реализира една моја мечта, ќе одам во Јапонија. Згора на тоа таму сега цутат сакурите, мислам дека таму е многу убаво. 

Имаш ли некој идеал во уметничкото лизгање на кој се ориентираш? 

Сега за мене идеал е Каролина Костнер. Таа има прекрасна внатрешна состојба, таа едноставно зрачи со некакво волшепство. Јас сакам да го добивам тоа задоволство од настапот како неа. 

Јулија Липницкаја на својата прва модна забава. Извор: ИТАР-ТАСС

Неодамна на Интернет се појави видео од една модна забава на која беше и ти. Како ти се допаѓа таа улога? 

Нешто ми кажува дека тоа беше мојот прв и последен пат. Ми кажаа дека таму ѕвездите ќе ги наградуваат спортистите. Никој не ни кажа што точно ќе се случува, затоа сето тоа беше неочекувано. Луѓе кои се далечни од спортот. Имаше многу неразбирливи моменти за мене, така што не се чувствував во своја кожа. 

Изморена си од вниманието на новинарите и на обожавателите? 

Да, малку сум изморена. Но, треба да се навикнувам.

Рускиот оригинал на сајтот на RBC Daily

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.