Не постојат пречки

На Зимските параолимписки игри во Ванкувер во 2010 година најуспешен руски спортист беше Ирек Зарипов со четири златни и еден бронзен медал. Извор: Getty Images / Fotobank.

На Зимските параолимписки игри во Ванкувер во 2010 година најуспешен руски спортист беше Ирек Зарипов со четири златни и еден бронзен медал. Извор: Getty Images / Fotobank.

Во Сочи руските спортисти за првпат во историјата на Зимските параолимписки игри ќе се натпреваруваат во сите дисциплини. Официјалните лица се уверени дека спортските успеси на параолимпијците се можни само доколку општеството ја сфаќа важноста на овие натпревари.

На многумина параолимпијци Сочи им нуди нови можности. На пример, за првпат во историјата во програмата на Параолимпијадата ќе биде вброен парасноубордот. Претставниците на овој спорт 8 години се бореа за право на учество на Параолимпијадата. За волја на вистината, засега натпреварувањето во парасноубордот ќе се одржува во рамките на скијачкиот турнир, но сосема е можно за четири години овој млад спорт да добие посебно место во распоредот заедно со нордиското скијање, биатлонот, слеџ-хокејот и карлингот во колички. Освен тоа, домаќинот на Параолимпијадата 2014 во Сочи би сакале да го вклучат во програмата и вертикалниот хокеј. Руската репрезентација веќе победи на светското првенство. Параолимпискиот комитет на Русија исто така лобира и за брзото лизгање за слепи. 

Репрезентацијата на Русија е подготвена за сериозни предизвици 

Но, сето тоа се планови и далечни перспективи. Во овој момент е најважно она што се очекува од репрезентацијата на Русија во Сочи. Во Ванкувер во 2010 година руските параолимпијци го зазедоа второто место во вкупниот пласман, освојувајќи 12 златни, 16 сребрени и 10 бронзени медали. Русите беа послаби од Германците за само едно злато: германската репрезентација освои 13 златни медали, а руската 12. Според вкупниот број медали Русите беа вон конкуренција: освоија 38 медали, а Германците само 24.  

Сочи ќе стане град на отворени можности, и тоа не само за параолимпијците. Властите на олимписката престолнина покренаа голем проект за адаптација на градот за луѓето со ограничени можности.

Сите најдобри руски параолимпијци се подготвуваат за Параолимпијадата на домашен терен. Најголемиот успех на параолимпијадите имаат постигнато биатлонистите и скијачите (во параолимпискиот спорт не постои поделба на скијањето на различни видови). Тоа се четирикратните параолимписки шампиони Ирек Зарипов и Кирил Михајлов, носителот на две параолимписки медали Роман Петушков, двократната шампионка Марија Јовалева, трикратната шампионка Ана Миленина, вицешампионот на параолимпијада Николај Полухин и параолимписката шампионка Михалина Лисова. Русија се надева на медали во скијање, каде фаворити се параолимписките шампионки Инга Медведева и Александра Францева, како и Валериј Реткозубов, апсолутен победник на Светскиот куп во сезоната 2011/12. 

Првиот потпретседател на Параолимпискиот комитет на Русија Павел Рошков смета дека Русија има многу јака репрезентација. „Во Сочи за првпат ќе настапиме во сите дисциплини. На претходната Параолимпијада не обезбедивме квоти за карлинг. Сега и во овој спорт ќе имаме претставници, не затоа што сме домаќини, туку зашто нашите спортисти минатата година станаа светски шампиони и оваа година се петти на листата. Слеџ-хокејот почнавме да го развиваме дури во овој циклус, но нашите го зазедоа третото место во групата А на светското првенство, што им дава целосно право да учествуваат на Параолимпијадата. Најголеми надежи полагаме во брзото лизгање, биатлонот и во алпското скијање. Благодарение на овие спортови многу добро настапивме на последните Игри во Торино и во Ванкувер“. 

Пред сè поддршка од навивачите 

Натпреварувачката атмосфера на Параолимпијадата не е ништо послаба од атмосферата на Олимписките игри, а борбениот дух и храброста на параолимпијците предизвикуваат уште поголемо восхитување и почитување кај гледачите. Затоа на арените и на стадионите треба да има многу навивачи. „Активната поддршка од трибините им помага на спортистите исто колку и долготрајните и напорни тренинзи“, уверен е шесткратниот параолимписки шампион, амбасадорот на „Сочи 2014“ Сергеј Шилов. „Не се сомневам дека параолимписката репрезентација ќе ги вложи сите напори во Сочи, а гледачите вистински ќе бидат горди на својата земја“.  

Во Ванкувер во 2010 година руските параолимпијци го зазедоа второто место во вкупниот пласман, освојувајќи 12 златни, 16 сребрени и 10 бронзени медали. 

Но, сепак, нема да биде лесно да се постигнат резултатите од Лондон 2012, признава Михаил Терентјев, генерален секретар на Параолимпискиот комитет на Русија. „Тешко е да се очекува дека вниманието на медиумите и на гледачите на Параолимпијадата во Сочи ќе биде исто како во Лондон“, истакнува Терентјев. „Во Англија е постигнат грандиозен успех кога станува збор за медиумската покриеност на Параолимпијадата. Организацискиот комитет на Сочи 2014 тешко ќе го постигне тоа, иако е поставена таква задача. Невозможно е да се натераат милиони луѓе да ги гледаат Параолимписките игри. Неопходно е сите да ја сфатат важноста на овој настан. Организацискиот комитет на Параолимпијадата во Сочи покрена многу проекти за да ја објасни важноста. Сериозната работа влијае на промената на односот на општеството кон Параолимпијадата, така што сега сè поголем број луѓе сфаќаат дека станува збор за вистински спорт, а не за некаков фестивал“.

Сочи е град за секого 

Сочи ќе стане град на отворени можности, и тоа не само за параолимпијците. Властите на олимписката престолнина покренаа голем проект за адаптација на градот за луѓето со ограничени можности. На станиците, во парковите, хотелите и во трговските центри поставени се таблички за луѓе со оштетен вид. Специјалните автобуси се прилагодени за превоз на луѓе во колички. Над сто возачи поминаа специјална обука за да можат да им помагаат на ваквите патници. И во училиштата во Сочи се појавија патеки покрај скалите, релјефни патеки на тротоарите и специјални лифтови, така што определени ученици со посебни потреби преминаа на редовна настава, наместо досегашното домашно школување. Градот започнува да живее во знакот на средина во која не постојат пречки. 

И легендарниот хокеар Владислав Третјак зборува за тоа дека Параолимпијадата ќе помогне да се укинат старите препреки. Тој веќе контактирал со параолимписката репрезентација. „Тие се трудат да живеат како и сите останати. Занимавањето со спорт им дава издржливост и можност да им се радуваат на победите и да патуваат низ целиот свет“, нагласи трикратниот олимписки шампион во хокеј. „Параолимписките игри претставуваат потстрек за државата и придонесуваат во сфаќањето и во согледувањето за тоа дека треба да се грижиме за тие луѓе. Сега целата земја има можност да го согледа тоа“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.