Зад кулисите на последната олимписка вечер

Извор: Александар Вилф / РИА Новости

Извор: Александар Вилф / РИА Новости

Вечерта на 23 февруари за време на церемонијата на затворањето на XXII Зимски олимписки игри на сочинскиот стадион „Фишт“ на фонот на 43.000 специјално подготвени декорации се појавија повеќе од 7.000 артисти. „Руска реч на македонски“ ѕирна зад кулисите и поразговара со одговорните за ова грандиозно шоу.

Андреј Насоновски, извршен продуцент на церемонијата: 

„При подготовката на финалното шоу главна задача беше не само да се постигне стандардот, ами важно беше да се достигнат нови професионални височини. Многу нè инспирираа руските спортисти, и благодарение на нивната упорност и волјата за победа, сè излезе на највисоко ниво“. 

Анастасија Титкова, потпретседател на Сојузот на танцувачки спорт на Русија: 

„Во двете церемонии на Олимпијадата учество зедоа повеќе од 300 танчари. Војници од времето на Петар Први, дамите и кавалерите на балот, жителите на измисленото село, литературните херои и работниците од библиотеките се наши ученици, кои се дојдени од најголемите градови на Русија. За првпат претставници на танцувачкиот спорт се поканети за работа на Олимпијадата. Се надевам дека мечтата на Претседателот на СТСР Валентин Јудашкин за вклучување на спортските танци во Олимписките дисциплини ќе стане стварност во блиска иднина“. 

Во финалето на Церемонијата на затворањето на Олимписките игри во Сочи олимписката штафета му беше предадена на градот Пјонгчанг – градот-домаќин на Зимските олимписки игри во 2018 година. Гледачите видоа фрагменти од древната историја на Кореја и ја слушнаа државната химна на оваа земја исполнета од страна на младите пејачи, на кои им се придружија и гледачите од трибината. 

Те Џун, Република Кореја: 

„Бесконечно сум среќен што се наоѓам на Олимпијадата во Сочи. Да се биде сведок на натпреварите и да се навива за спортистите е незаборавно чувство. Високото ниво што го покажа Русија нè тера мошне одговорно да пријдеме кон организацијата на Олимпијадата, за да можеме достоинствено да ја продолжиме прекрасната традиција“. 

Кореја има 4 години за подготовка. А, Сочи, пак, за тоа време се збогуваше со XXII Олимписки зимски игри – Белото Мечо, Зајкото и Леопардот го изгаснаа Олимпискиот оган. Многумина на трибините плачеа. 

Ана и Дмитриј, Русија:

„Она што го видовме денес е едноставно неверојатно! Церемонијата на отворањето ја гледавме на телевизија и многу ни се допадна големината, прекрасните декорации и огнометот. Но, денешната претстава беше нешто сосема поинакво. Сè беше на повисоко ниво, многу елегантно и длабоко. Среќни сме што можевме да го видиме сето тоа со свои очи“. 

Шарл, Франција: 

„Ми се чини дека идејата да се прикаже Русија во одраз, како што тоа беше направено на шоуто, е поврзана со ликот на вашата земја во странство. Имено таква и ја гледаме – необично емоционална и длабока, но притоа мошне современа и жива“. 

Фил, САД: 

„Гледачите на трибините ги поздравуваа спортистите, ја гледаа прекрасната постановка со одлично осмислените точки. А, потоа одеднаш ги видовме своите одрази во огромните огледала – тоа беше многу неочекувано и многу впечатливо! Мислам дека во тој момент секој вистински се почувствува себеси како дел од светот. Одлична идеја“!

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња