Фотографија: Григориј Сисоев / РИА Новости
Шорт-трек
Минатата вечер на ледената арена „Ајсберг“ во машкото финале на 500 метри повторно му немаше рамен на Русинот Виктор Ан: тој ѝ го донесе на репрезентацијата на Русија осмото злато. Во решавачката трка Ан ги премина Кинезот Даѕин У и Канаѓанецот Чарли Корнајтер, минувајќи ја патеката за 41.312 секунди. Иако на почетокот тоа не беше очигледно: Русинот стартуваше малку подоцна од другите спортисти и долго време беше некаде на крајот. За Ан ова е петто олимписко злато во кариерата и второ за репрезентацијата на Русија.
Уште двајца Руси, Семјон Елистратов и Владимир Григорјев, се најдоа на петнаесеттото и на шеснаесеттото место.
Но, триумфалната вечер за руската репрезентација во брзо лизгање на кратки патеки не заврши тука. Руската штафетна екипа во состав Виктор Ан, Семјон Елистратов, Руслан Захаров и Владимир Григорјев го освои олимпискиот златен медал на 5.000 метри. Русите ја поминаа патеката за 6 минути 42.1 секунди, што претставува нов олимписки рекорд.
Биатлон
На руската женска репрезентација конечно ѝ се насмевна среќата: во штафетата 4х6 километри екипно, тимот во состав Ољга Вилухина, Ољга Зајцева, Јана Романова и Екатерина Шумилова го освои среброто. Девојките искористија четири дополнителни патрони. Тие заостанаа зад лидерите за 26.4 секунди.
Лидер во овој натпревар стана репрезентацијата на Украина – земјата која во моментов се наоѓа во не многу едноставна ситуација. Токму на својата земја Украинките Вита Семеренко, Јулија Џима, Валентина Семеренко и Елена Пидгрушнаја ѝ ја посветија победата. Нивното злато е прво во историјата на украинскиот биатлон.
Третото место ѝ припадна на репрезентацијата на Норвешка, која ја сочинуваа Фани Хорн, Тирил Екхоф, Ан Кристин Флатланд и Тура Бергер.
„Направивме сè како што треба. Не жалам за ништо. Направивме сè што е можно и за денес ова е најдобриот можен резултат. Ова сребро ми е подраго од злато!“, се зборовите на Екатерина Шумилова кои ги пренесува весникот „Советски спорт“.
Слободно скијање
Во женското финале на ски-крос Јулија Ливинскаја го зазеде единаесеттото место. Златото замина во рацете на Канаѓанката Мариел Томпсон, а среброто кај нејзината сонародничка Келси Серва, додека третото место го зазеде Швеѓанката Ана Холмлунд.
Скијање
Русинката Ксенија Алопина беше дваесет и трета во женскиот слалом. Таа заостана зад лидерката, Американката Микаел Шифрин, за 7.02 секунди. На второто и на третото место се најдоа Австријките Марлиз Шилд и Катрин Зетел.
Според резултатите од 14 ден од Олимпијадата, репрезентацијата на Русија се искачи на второто место како репрезентација, веднаш зад Норвежаните. На сметката на руската национална репрезентација се запишани осум златни медали, десет сребрени и седум бронзени награди.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче