Историска победа во боб, бронза во танц на мраз, неуспех во биатлон

Златото на Зубков и на Воевода е прво за Русија во целата историја на нејзиното учество на Олимписките игри. Фотографија: Михаил Воскресенски / РИА Новости

Златото на Зубков и на Воевода е прво за Русија во целата историја на нејзиното учество на Олимписките игри. Фотографија: Михаил Воскресенски / РИА Новости

Понеделник, 17 февруари, на репрезентацијата на Русија ѝ донесе не само ново злато, туку и важно историско достигнување. Победата на натпреварувачите во боб Александар Зубков и Алексеј Воевода во натпреварувањето во двојки е прва во целата историја на Русија. Уште еден медал на руската репрезентација ѝ донесоа лизгачите Елена Иљиних и Никита Кацалапов кои го освоија третото место во танц на мразот.

Боб 

Во понеделникот на трасата на санки им немаше рамни на Александар Зубков и на Алексеј Воевода. Руското дуо победи во натпреварувањето во двојки. И не само што победија, туку поставија нов рекорд на трасата, во својот трет обид (56.08 секунди). Целосното време на дуото победници во четири обиди беше 3.45,39 минути. Златото на Зубков и на Воевода е прво за Русија во целата историја на нејзиното учество на Олимписките игри. Еден ден пред победничкиот спуст Зубков за сајтот championat.com призна дека не очекува олеснување од судбината: „Ова е наша работа. Сфаќаме дека соперниците се мошне сериозни“. 

На второто место се најде двојката Хефти-Бауман од Швајцарија. Американското дуо Холкомб-Ленгтон го освои третото место. На четвртото место, пак, се најде руската двојка Александар Касјанов и Максим Белугин. 

Уметничко лизгање 

На 17 февруари се одржаа натпреварите во слободната програма на танците на мраз. Олимписки шампиони во овој вид програма станаа Американците Мерил Дејвис и Чарли Вајт. За кратката и за слободната програма тие успеаја да добијат 195.52 поени. На второто место се најде двојката од Канада – Теса Вирчу и Скот Мојр. Танецот на мраз на Русија ѝ донесе бронза – на третото скалило од пиедесталот се најде нашето дуо Елена Иљиних и Никита Кацалапов. Нивниот вкупен бој поени изнесуваше 183.48. Русите поставија личен рекорд во слободна програма и според сумата на оценките. 

Биатлон 

Олимписки викенд: Злато во шорт-трек и скелетон, хокејски разочарувања, „космички медали“
За време на викендов репрезентацијата на Русија успеа да извојува два златни медала: Виктор Ан се покажа во шорт-трек, а Александар Третјаков во скелетон. Хокејската репрезентација засега не ги радува натпреварувачите со своите резултати: поразот од Американците и тешката победа над репрезентацијата на Словачка оставаат место за прашалници.

Во женската трка на 12.5 километри уште од самиот старт денес повторно блескаше белоруската ѕвезда Дарја Домрачева, која во Сочи уште еднаш се искачи на највисокото скалило на пиедесталот. Ова не му успеало на никој претходно, па затоа претседателот на Белорусија Александар Лукашенко ѝ го додели на Домрачева звањето Херој на земјата. „Во историјата на земјата не се познати слични вакви случаи“, изјави претседателот на Белорусија. 

Втора беше Чехинката Габриела Соукалова, која, како и Домрачева, допушти една грешка на последната стрелба од лежечка положба. Тирил Екхоф од Норвешка заврши трета. 

Руските спортистки не можат да се пофалат со вакви успеси. Ољга Вилухина стана дваесет и втора со две промашувања. Ољга Зајцева промаши еднаш и го зазеде дваесет и четвртото место. Во интервју за порталот Sportbox таа забележа дека нема намера да седи со скрстени раце и дека сака да продолжи да се бори во двете штафети: „Ние сме насочени кон борба, девојките само тоа го посакуваат. Главно е дека можеме. Го знам тоа зашто многу работевме. И не попусто. Уверена сум дека таа работа ќе биде оценета“. 

Карлинг 

Руските карлингистки излегоа од натпреварувањата по мечот со репрезентацијата на Велика Британија во деветтиот круг на турнирот. Девојките од репрезентацијата на Русија изгубија од своите сопернички со резултат 6-9. Сè се решаваше во осмиот енд, кога Русинките заостанаа зад Британките со резултат 0-4. На тој начин руската женска репрезентација во карлинг на Олимпијадата имаше три победи и шест порази. 

Машката репрезентација на Русија во карлинг повеќе нè израдува: нејзината средба со репрезентацијата на Германија заврши со победа со резултат од 8-7. Сепак, ова е само трета победа од девет игри, па затоа Русија го зазеде скромното седмо место во турнирот. 

Сноуборд 

Натпреварувањата во сноуборд-крос за мажи кое беше планирано за вчера, беше одложено поради густата магла. Натпреварите ќе започнат денес наутро веднаш од осмина финалето. Редот на спустовите ќе биде определен во согласност со рејтингот на спортистите. Русите ќе навиваат за Андреј Болдиков, Антон Копривица и Николај Ољунин.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња