Руски триумф на мразот

Извор: РИА Новости.

Извор: РИА Новости.

Со триумфот на руското уметничко лизгање завршија натпреварувањата на спортските парови Татјана Волосожар и Максим Трањков кои освоија злато и Ксенија Столбова и Фјодор Климов кои се закитија со сребро.

На 12 февруари Ајсберг-арената беше исполнета со крици на ликување на руските навивачи. И имаше зошто – златото и среброто отидоа во рацете на руските спортисти. Во натпреварите за двојки во слободна програма кои беа одржани на стадионот на мраз прв беше рускиот дует Татјана Волосожар и Максим Трањков, а втор Ксенија Столбова и Фјодор Климов. Тројката ја затвори двојката од Германија Алена Савченко и Робин Шелкови, кои во своето лизгање имаа низа груби грешки. Руските двојки излизгаа речиси беспрекорно. Крајниот резултат за кратката и слободна програма за двојката Волосожар-Трањков беше 236.86 поени. Втората двојка од Русија, Вера Базарова и Јуриј Ларионов, завршија шести и не беа задоволни. „Рака на срце, мислевме дека ќе влеземе во првите три. Како што гледате нашите надежи останаа неоправдани. Иако работевме добро, дадовме сè од себе и очекувавме нешто сосема друго“, забележа Ларионов. Столбова и Климов, напротив, не мислеа дека ќе освојат медал. Сепак, нивната композиција на темата од филмот „Адамсови“ се покажа како достојна за сребро. „Се обидуваме да изненадуваме“, на овој начин го сумира нивниот настап Климов.

На 12 февруари во Сочи започна и пробното пуштање на скелетонистите. Претставникот на Русија Александар Третјаков беше прв и ја помина патеката за 56.08 секунди. Останатите Руси, Сергеј Чудинов и Никита Трегубов, беа, соодветно, петти и седми. На вториот тренинг Третјаков остана само зад Американецот Метју Ентуан. „Сите заслужуваат победа, зашто сите ние долго трениравме и се стремевме кон оваа Олимпијада. Руските скелетонисти си ја знаат локалната траса. Се надевам дека натпреварувачите ќе ни помогнат да покажеме висок резултат“, изјави Трегубов. Судбината на медалите во машкиот скелетон ќе се реши на 15 февруари.

Женската репрезентација на Русија во керлинг беше поразена од репрезентацијата на Јапонија со 8-4. Ова е втор изгубен натпревар за руските спортистки. Но, на нивната сметка има две победи (над репрезентацијата на САД и на Данска). Засега руските керлингистки го заземаат шестото место. За да влезат во полуфинале мора да влезат во првата четворка. Машката репрезентација во керлинг, пак, исто така го заврши денот со пораз – во петата сесија тие изгубија од репрезентацијата на Германија со 4-7.

Во брзинскиот спуст руската скијачка Елена Јаковишина беше дваесет и осма. Првото место го поделија Словенката Тина Мазе и претставничката на Швајцарија Доминик Гизин, додека третото место ѝ припадна на уште една Швајцарка – Лара Гут.

Сложено беше и кај руските спортисти во брзо лизгање. На 1.000 метри Денис Јусков беше дури седумнаесетти, без оглед на тоа што го поби личниот рекорд. И ова е најдобар резултат за Русите: Алексеј Есин беше осумнаесетти, Дмитриј Лобков – дваесет и седми, Игор Богољубски – триесет и деветти. Златото отиде во рацете на Холанѓанецот Стефан Гротхејс, додека неговиот сонародник Михел Молдер беше трет. Второто место го освои Канаѓанецот Дени Морисон. Јусков вака ги прокоментира своите впечатоци од трката: Го подобрив својот резултат за половина секунда, но не сум задоволен со тоа. Единствено што ме израдува се двата еднакви круга. На „илјадарка“ не можам да фатам чекор – сè е неуредно, брзо, остро. На илјада и петстотини сè е посмирено, послободно, може да се почувствува секое движење“.

Сериозна борба се одвиваше и кај санкачите, во натпреварите на машките двојки. На крајот златниот медал уверено го зеде германската двојка Тобијас Вендл и Тобијас Артл. Руската двојка Александар Денисјев и Владислав Антонов се најдоа на петтото, додека Јужаков-Махнутин на деветтото место.

Не беше едноставно за Русите и во комбинираното нордиско скијање. Единствениот руски претставник Евгениј Климов го зазеде третото место во првиот вид од програмата – скокови. Сепак, по вториот вид – трки на скии на 10 километри – Климов успеа да го заземе дури четириесет и петтото место. Златниот медал в овој вид го освои Германецот Ерик Френцел.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња