Извор: Владимир Баранов / РИА „Новости“.
Новиот ден на Олимпијадата започна со вториот меч во турнирот по керлинг за жени. Претходниот ден руската репрезентација извојува победа во мечот со Данките, а во вторникот се водеше тешка борба со претставничките на САД. Средбата заврши со резултат 9:6 во полза на репрезентацијата на Русија.
„Ние не сме задоволни со процентот на прецизност на погодоците што ги покажуваме. Но, денес повторно го имавме тоа ниво кое беше потребно за победа, па затоа задачата за мечот е завршена. Турнирот тукушто започна, ќе се обидеме да ја подобруваме формата од меч во меч“, го изрази колективното мислење на нашата репрезентација вице-скипот за керлинг Маргарита Фомина.
Вечерната средба на Русинките со кинеската репрезентација во керлинг заврши со пораз за репрезентацијата на Русија со резултат 5:7. Ова е прв пораз на Русинките, а пред нив се уште шест меча, кои ќе го определат составот на учесниците во четвртина финалето.
Не многу успешен за Русинките се покажа и новиот меч во турнирот во керлинг кај мажите. Тој заврши со победа на норвешката репрезентација. Крајниот резултат на мечот беше 8:9. Во последниот енд руските спортисти практично го изедначија резултатот.
Дисциплината „ски-слоупстајл“ во програмата на Олимписките игри се појави годинава. Во текот на квалификациите руската спортистка Ана Миртова по две неуспешни пристигнувања зазеде место на крајот на втората дваесетка со што не влезе меѓу финалистите. Најдобри резултати во оваа дисциплина покажаа канадските спортистки Дара Хоувел и Ким Ламар. На крајот Дара Хоувел го доби златниот медал без да излезе на втора проба. Среброто и бронзата отидоа во претставничките на САД и на Канада.
Во скијачкиот комплекс „Лаура“ беа одржани натпреварите за спринтерите. Кај мажите првото место го зазеде Норвежанецот Хатестад, а второто претставникот на шведската репрезентација Петерсон, додека на третото место се најде уште еден Швеѓанец – Јенсен. Сергеј Устјугов кој ја претставуваше Русија, на оваа етапа од натпреварите имаше многу шанси за успех, но на еден опасен свиок не можеше да го избегне судирот со еден шведски спортист кој што беше паднал. Како резултат на ова Сергеј Устјугов заврши на петтото место.
Во финалниот спуст во спринт кај жените репрезентацијата на Русија немаше свои претставнички. И во овој натпревар победи претставничка на Норвешка – Мајкен Фала. На второто место се најде нејзината сонародничка Ингвилд Естберг, додека третото место го заземе Словенката Весна Фабјан.
Белоруската биатлонистка Дарја Домрачева стана олимписка шампионка во персјут. Тура Бергер од Норвешка и Теа Грегорин од Словенија го зазедоа второто, односно третото место. Русинката Ољга Вилухина уште на почетокот изгуби пет места и финишираше седма. Треба да се забележи и беспрекорната стрелба на Ољга Зајцева, која на спортистката ѝ го донесе 11 место.
Сребро на руската репрезентација ѝ донесе Ољга Фаткулина во брзо лизгање на 500 метри. Руската спортистка беше побрза од Корејката Ли Сан-Хва. На Русинката ѝ беа потребни 0.15 секунди повеќе за да стаса до целта од претставничката на Јужна Кореја. Медалот на Ољга Фаткулина е втора награда за руските спортисти во брзо лизгање на Олимпијадата во Сочи. Бронзата во оваа трка ѝ припадна на Холанѓанката Маргот Бур.
Женската репрезентација на Русија во хокеј извојува победа над репрезентацијата на Јапонија со резултат 2:1. На тој начин, руските хокеарки си обезбедија пласман во четвртина финалето. Нивна следна средба е со не помалку успешната репрезентација на Шведска, која уверено победува на мечовите од Олимпијадата, а понатаму и со претставничките на Финска.
Убав беше овој ден за руските спортисти во уметничко лизгање. Двојката Татјана Волосожар и Максим Трањков не само што дојдоа до блескава победа во кратка програма, туку го направија тоа и со светски рекорд според количеството поени. Второто место го зазедоа претставниците на Германија Алена Савченко и Робин Шолкови. Во тројката лидери влезе уште една руска двојка – Ксенија Столбова и Фјодор Климов. На тој начин руската репрезентација во уметничко лизгање уште еднаш го потврди својот статус на олимписки лидер и ги оправда надежите на гледачите. Рекордниот резултат го прокоментира и самата шампионка Татјана Волосожар: Многу сум среќна што нашата репрезентација е толку силна и што може да заземе две места на пиедесталот во кратката програма“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче