Извор: flickr.com/sochi2014
Кога стадионот ќе се наполни со гледачи, сè е обоено со поинакви бои. Во споредба со деновите на тренинг, контрастот е колосален: воздухот буквално се електризира од емоциите на сите и на секој наоколу. Смешни капи, звуци, шум, аплауз, извици, радост за добрите настапи и двојна радост за добрите резултати на руските претставници...
Дури и за време на работата сите наоколу се обидуваат барем со крајот на окото да видат што се случува на другите објекти и да ги информираат оние кои поради работата не можат да ги следат другите натпревари. Сосема непознати луѓе ти се приближуваат и со шепот ти соопштуваат, небаре ти кажуваат некаков трач: „Борндален! Злато!“, „Липницкаја е најдобра“, „Борген како и секогаш!“.
И слободното време се планира тргнувајќи од списоците на другите натпревари. Многумина најдоа билети за омилените видови спорт, а некои пак трчаат наоколу кај своите познаници и прашуваат да не им се наоѓа билет повеќе за шорт-трек. Понекогаш тоа е мошне успешно: еден мој познаник дојде во Олимпискиот парк по смената и се најде на трибините на натпреварите по уметничко лизгање, бидејќи сосема случајно се нашол со пријатели кои имале билет повеќе. Згора на тоа, по неуспехот со церемонијата на отворање многумина раководители решија да го компензираат бесмисленото стоење пред Фишт со надеж дека ќе се влезе со билети за други натпревари.
Волонтерските градови функционираат 24 часа и во нив животот не стивнува ниту за момент. Понекогаш целосно се губи чувството за време, зашто можеш да излезеш надвор во четири часот наутро и да видиш млади луѓе како одат на смена или како брзаат во топлата постела по работа. Кафулињата и продавниците на територијата на волонтерскиот град што работат нон-стоп само го засилуваат тоа чувство. Затоа на шестиот ден од работата воопшто не се ни чудиш на тоа дека во три часот по полноќ може да ти дојде на гости некој другар кој штотуку стасал дома, со емоционален говор за тоа дека го сака персоналот за поддршка на скијачките тимови и колку се тие чудни, но притоа и прекрасни луѓе. Тој потрошил два дена за на персоналот за поддршка на неговиот скијачки тим да му најде хотел кој е блиску до скијачко-биатлонскиот комплекс „Лаура“, зашто ним им се чинело дека е сосема незгодно да патуваат од местото каде што се сместени, а претходно никој на тоа не помислил. Секако, немало ниту едно слободно место во хотелите. За жал!
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче