Волонтерски записи од Сочи: Последни подготовки

Волонтерите се подготвуваат за церемонијата на отворањето на Олимписките игри. Извор: РИА Новости

Волонтерите се подготвуваат за церемонијата на отворањето на Олимписките игри. Извор: РИА Новости

До церемонијата на отворањето на Олимписките игри остана уште сосема малку. За тоа време секој од учесниците се обидува колку што е можно побрзо да ги реши проблемите што му останале и сите се во работа за последните подготовки.

Умот на волонтерите е преокупиран со најважни прашања: како добро да се сместат, каде убаво да каснат и како да најдат билети за некоја од генералните проби за церемонијата на отворањето. Кон потрагата по одговор на првите две прашања моите колеги пристапуваат стоички и не обрнуваат внимание на компликациите што се појавуваат. Така, една моја познајничка без никакви емоции ми раскажуваше како на полноќ пред утринската смена морала да ја собра водата која се насобрала во бањата откако се расипала славината (новите, само што изградени куќи понекогаш во себе кријат изненадувања), а потоа го оставила и решила дека со шумот од водата дури е и подобро да се спие. 

Билетите за генералните проби се начин за охрабрување на оние волонтери кои веќе се истакнале. Сега сите што ја имаат видено церемонијата, сега шетаат со итар поглед и при средба со задоволство уште еднаш потсетуваат дека, демек, веќе одамна сè знам, а вие не ја имате таа можност. Деталите од церемонијата, колку и да звучи чудно, сè уште не ѝ се познати на јавноста – на нагледната демонстрација на ефективноста на тренинзите строго ни беше објаснето што може да се обелоденува, а што не. 

Колку е поблиску церемонијата на отворањето, толку волонтерите кои се одговорни за пристигнувањето на спортистите и на делегациите во Сочи имаат поголеми главоболки. Тие не само што треба да ги пречекаат екипите, да ги испратат до потребното транспортно средство, да се снајдат со безбројните куфери и да го координираат нивното заминување, во исто време да покажат колку што е можно поголема дружељубивост и гостопримство, туку и да внимаваат на новинарите. Како што се приближува времето на слетување на некоја особено позната екипа, во тесната сала за пристигнување на меѓународните линии започнува пандемониум. Нечии куфери, тешки кутии, бесконечни кабли, репортери кои се маткаат, скии, колички за багаж... И во сиот тој хаос треба да се внимава некој да не се изгуби и нешто да не се заборави. Вчера, на пример, долета хокеарската екипа на Канада, и новинарите со камери ја наполнија салата час и половина пред предвиденото време за пристигнување на авионот. Луѓето постојано се сопнуваа од нивните кабли, а нечии раце, куфери или скии им пречеа на репортерите да снимаат стенд-ап, некои едноставно трчаа низ салата, постојано хистерично поставувајќи го прашањето „Стасаа ли? Слетаа ли веќе?“. Наскоро реката патници ќе замине и волонтерите за пречек ќе можат да здивнат со олеснување, но во моментов имено тоа ја исполнува со живот новата зграда на аеродромот во Сочи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.