ФОТО: Кличко изјавува дека нема ништо против реванш, но притоа подвлекува дека тоа е прашање за далечна иднина. Извор: ИТАР-ТАСС
Мечот кој претендираше да стане главен во оваа сезона во професионалниот бокс и кој стана главен во руската историја на овој спорт, малку разочара со оглед на фактот дека се одвиваше според најочигледното од сите можни сценарија. Русинот Александар Поветкин имаше доволно карактер за да ја преживее серијата нокдауни и да остане на нозе во мечот против Украинецот Владимир Кличко до финалниот гонг, но му недостасуваше класа за да му направи какви било проблеми на најдобриот борач во светот во супертешка категорија. А, Кличко, кој уверливо ја покажа својата надмоќ, одбранувајќи ги сите свои три шампионски појаси – на Светската боксерска асоцијација (WBA), на Меѓународната боксерска федерација (IBF) и на Светската боксерска организација (WBO), уште еднаш даде до знаење дека за него треба да се зборува како за боксер кој е премногу рационален.
„Секој меч апсолутно не е ист како некој друг и има свои особености, бидејќи спортистите користат различни техники и тактики, имаат различна височина и искуство. Со Александар исто така не беше сличен како другите мечеви, подвлече на прес-конференцијата Владимир Кличко. Мене постојано ме критикуваат и веќе сум навикнат на тоа, но сепак си продолжувам по својот пат. Денес ги одбранив своите титули“.
Специјалистите спорат зошто Кличко не го „дотолчил“ Поветкин по серијата нокдауни во седмата рунда. Кличко, пак, уверува дека не можел да го направи тоа заради издржливоста на рускиот боксер. Забележливо ослабен од ударите на Доктор Чекан Русинот сепак продолжи да го напаѓа својот противник до последниот гонг.
„
Кличко го оттурнуваше Александар, направи сè за да ја измени сликата за мечот. За жал, судијата само еднаш го предупреди.
Александар Зимин, тренер.
„Саша го напаѓаше Кличко до самиот крај на мечот, изјавува за „Известија“ тренерот на Поветкин – Александар Зимин. Но неговите напади не секогаш беа ефективни, зашто Кличко ги избегнуваше острите моменти, се штитеше со движење со нозете, па дури и со забранетото надвиснување со целото тело. Соперникот го оттурнуваше Александар, направи сè за да ја измени сликата за мечот. За жал, судијата само еднаш го предупреди.
Поентата на Зимин ја дополни и поранешниот шампион на светот во лесна категорија и другар на Поветкин, Александар Бахтин: „Задачата на Саша беше да влезе во блиска борба, но Владимир се надвиснуваше и сиот меч висеше над него, изјави за „Известија“ Бахтин. – Другите соперници на Кличко може да издржат три-четири рунди „надвиснување“, а потоа им се изморуваа нозете и Кличко започнуваше да ги удира од далечина. Овој пат Владимир многу добро знаеше дека доколку започне размена на удари, тој ќе стане мета – Саша немаше да го пушти туку-така и ќе го победеше“.
Впрочем, самиот победник на мечот обвинувањата кои беа адресирани до него решително ги отфрла: „Клинчот е дел од боксот. Моја задача беше да не му дозволам на Александар да доминира. Згора на тоа ние сме со различна височина. А, Поветкин, меѓу другото, постојано се наклонува, се наведнува. Тогаш зошто да не ја искористам својата предност?“
„
Сметам дека Саша уште на почетокот имаше погрешен пристап кон мечот во однос на тактиката – тој тргна напред, како што се вели, со отворен шлем, а на Владимир само тоа и му беше потребно.
Николај Хромов, боксер.
Познатиот советски боксер Николај Хромов, анализирајќи го мечот помеѓу Владимир Кличко и Александар Поветкин, забележа дека рускиот боксер избрал лоша тактика за мечот. „Сметам дека Саша уште на почетокот имаше погрешен пристап кон мечот во однос на тактиката – тој тргна напред, како што се вели, со отворен шлем, а на Владимир само тоа и му беше потребно. Првите шест рунди Украинецот го блокираше Поветкин, го врзуваше, не му даваше да се отвори, а потоа почна да се справува со него“, изјавува Хромов во интервју за Gazeta.ru.
„Поветкин, можеби, требаше да го извлекува Кличко, да оди налево или надесно, да го ниша својот соперник, а потоа да го нападне. А, наместо тоа, тој тргна право, се местеше пред нападот, па Украинецот едноставно го покриваше одозгора. Кличко избра правилна тактика против Поветкин, тој поинаку и не требаше да игра. А, Александар тактички изгуби“, резимира Хромов.
Впрочем, тимот на Александар Поветкин не планира да прави избрзани заклучоци: „Потребно е време за спокојно да се промисли она што се случи, уште еднаш да се погледне мечот на видеоснимка и да се направи конкретна анализа, - вели за „известија“ тренерот на Поветкин, Александар Зимин. – „Саша машки го поднесува поразот. Тој знае дека ги даде сите сили за да победи. Поветкин не падна со духот до последниот момент, до последниот удар, тој покажа голема храброст додека се бореше со најсилниот боксер на светот“.
Според зборовите на тренерот, Александар во ниту еден момент не помислил на завршување на кариерата. По мал одмор тој ќе донесе одлука дали ќе боксува за зголемување на нивото на рејтингот или ќе се подготвува за реванш. По борбата, Владимир Кличко на новинарите им изјави дека тој нема ништо против реванш, забележувајќи притоа дека тоа е прашање за далечна иднина.
Според материјали од „Известија“ и Gazeta.ru“
http://izvestia.ru/news/558292
http://www.gazeta.ru/sport/2013/10/06/a_5694341.shtml
http://www.gazeta.ru/sport/2013/10/06/a_5694769.shtml
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче