34-та советска антарктичка експедиција. Есен 1988 - пролет 1989.
В. Чистјаков/SputnikПред нешто повеќе од десет години, руските научници го продупчија мразот за да стигнат до реликтното езеро Восток на Антарктикот, кое милиони години било изолирано од остатокот од светот. Восток е огромно езеро под мразот, кое по големина може да се спореди со Катар. До деведесеттите никој не беше сигурен ни дека воопшто постои.
Ова езеро се смета за последното големо географско откритие во историјата, како и „клуч“ за решавање на загатката дали може да постои живот на Јупитеровата месечина Европа. Имено, под дебелиот слој мраз на ова небесно тело се наоѓа океан во кој можеби живеат организми слични на оние кои се наоѓаат во водата на Восток - отпорни на екстремни услови за живот.
Научниците навистина успеаја да откријат нешто.
Истражувањето на оваа зона започна во 1957 година, кога таму беше испратена советска експедиција. Научниците користеа специјално гасенично возило за снег со вагони-санки, способно да ги совлада ледените пространства покриени со снег.
Токму во центарот на континентот научниците ја основаа првата истражувачка станица „Восток“, по која езерото подоцна го доби името. Станицата опстојуваше практично во целосна изолација од остатокот на светот: беше оддалечена 1260 километри до најблискиот брег и 1410 километри до најблиската истражувачка станица. Тука е и „полот на студот“, местото каде што е забележана најниската температура на Земјата: минус 89,2 степени Целзиусови.
Станицата Восток
П. Астахов/SputnikПоларните истражувачи, откако го осигураа функционирањето на станицата, во 1960-тите почнаа да вршат дупчења во мразот. Вистина, тие имаа поамбициозни цели од потрагата по најстарото езеро на планетата. Тие сакаа да го извлечат таканаречено ледено јадро – столб мраз што се извлекува од најдлабоките глечери. Во него често се задржуваат „ампули“ од воздух и тврди честички, што им овозможува на научниците да ја проучуваат атмосферата и составот на почвата од пред повеќе милиони години. Поради оваа причина, денес станицата „Восток“ се смета за еден од главните извори на податоци за древната клима на планетата.
Првично беше планирано дупчењето да се врши со помош на термички уреди, но на тој начин истражувачите стигнаа само до длабочина од 50 метри. Се разгледуваше и проект за нуклеарно дупчење. Со помош на нуклеарен реактор научниците сакаа да го стопат мразот до саканата длабочина, но поради големиот ризик се откажаа. Сериозни дупчења започна дури кон крајот на шеесеттите, кога пристигнаа професионалци од ленинградскиот Рударски институт. Во мразот беше направена првата бушотина длабока 560 метри.
Постоењето на езера под мразот се појави како сериозна претпоставка во 1970-тите. Имено, британските колеги го скенираа глечерот токму на местото каде што се наоѓала советската станица. Тогаш го открија таканаречениот „мазен“ одраз под мразот и ја изнесоа хипотезата дека можеби станува збор за премин помеѓу вода и мраз, што значи дека мора да има нешто длабоко под мразот.
Меѓутоа, вистински напредок во проучувањето на езерото на Антарктикот беше постигнат во 1996 година од страна на руските истражувачи Андреј Капица и Игор Зотиков од Институтот за географија на Руската академија на науките. Заедно со британските научници ги собраа сите податоци од радарските и сателитски набљудувања од тој крај и дефинитивно дојдоа до заклучок: на длабочина од околу четири километри милиони години од човештвото се криело огромно езеро. Неговата површина е 10 илјади квадратни километри, а просечната длабочина е 125 метри.
Во тоа време на станицата „Восток“ веќе беше направена бушотина со длабочина од 3100 метри. До езерото останаа само 130 метри.
Меѓутоа, научниците мораа да престанат со дупчење и да ја конзервираат бушотината. Проблемот беше во тоа што за топење на мразот се користеше специјална мешавина од хемиски елементи - керозин и фреон. Тој не замрзнуваше на екстремни температури и дозволуваше притисокот на ледениот оклоп да се задржи на големи длабочини на дупчење. Во тоа време фреонот беше забранет како опасен за атмосферата. Покрај тоа, истражувачите стравуваа дека токсичните хемикалии би можеле да ги нарушат резултатите од истражувањето на подземното езеро Восток, но и да го уништат можниот живот што преживеал таму во текот на 14 милиони години изолација.
Тогаш научниците се соочија со задача да смислат метод на дупчење што е помалку штетен за животната средина. За тоа им требаа осум години.
Советски, француски и американски научници над езерото Восток
Todd Sowers/LDEO, Columbia UniversityИзвлекувањето на примероци вода беше обновено дури во 2006 година, но ниту тогаш новите методи не им дозволија на учесниците на арктичката експедиција да стигнат до езерото. Причината беа технички дефекти, како и недостиг на финансии. Затоа, дури на 5 февруари 2012 година научниците успеаја да стигнат до самото езеро. Но, бушотината веднаш беше блокирана поради повторниот недостаток на финансии.
Вода од езерото Восток
Алексеј Никољски/SputnikВториот пат научниците стигнаа до езерото во 2015 година и овој обид донесе резултати. Во примероците од водата е пронајдена ДНК на 49 различни организми. Вистина, повеќето од нив беа од површината на земјата, а само два предизвикаа вистински интерес кај биолозите.
Еден од примероците личеше на водна бактерија која, теоретски, може да живее претежно на мочурлив терен, но не и во ледена вода под голем притисок.
Вториот примерок беше целосно непознат за научниците, а неговиот геном се совпаѓаше со геномот на познатите микроорганизми само 14%. „Да ја покажевме ДНК-та на организмот чие откритие го потврдивме во 2016 година без да кажеме од каде потекнува... ќе нé прашаа дали е од нашата планета“, вели Сергеј Булат, раководител на истражувањето на примероците вода од езерото Восток.
Меѓутоа, овие истражувања не беа продолжени. Подоцна повеќе не се издвојуваа пари за проучување на длабочините на Восток. Тоа се објаснуваше со промена на приоритетите. Во центарот на вниманието се најде Северниот пол. Меѓутоа, Сергеј Булат продолжува да ги истражува примероците што беа извадени претходно.
Во 2018 година откри уште еден жител на Восток - морската бактерија (бацил) Lactobacillus sp. Бацилите се хранат со органски соединенија, кои практично ги нема во водата на Восток. Со самото тоа постои можност на поголема длабочина да има места заситени со хранливи материи.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче