Шест најдобри советски автомобили од рачна изработка

Кулешов/Sputnik
Тјунингот на автомобили е измислен... во СССР! Во Советскиот Сојуз автомобилот не беше превозно средство, туку луксуз. Воопшто не беше лесно да се соберат 4500 рубли за „Москвич“ или 5000-6000 рубли за „Волга“, и да чекате да ви дојде редот за купување. Но, за оние кои можеа да се пофалат со техничко знаење, постоеше и друга опција - да го состават автомобилот сами!

Првите автомобили од рачна изработка се појавија во СССР уште во 1920-тите и 1930-тите, со мотори од мотоцикли. Не изгледаа многу репрезентативно, а и брзината им беше мала. До вистински процут на рачно изработените автомобили дојде во 1950-тите и 1960-тите, кога талентираните инженери и механичари почнаа да конструираат оригинални модели користејќи средства што ги имаа на располагање. Каросеријата најпрво ја правеа од шперплоча, а потоа од лим и фиберглас, а моторите од сериски автомобили или исто така од рачна изработка. Набрзо ова хоби се прошири низ цел Советски Сојуз, а за особено успешните модели зборуваа списанијата како „Техника на младината“ и ТВ-емисијата „Ова го можете“ („Это вы можете“). Најважно беше да се исполнат официјалните барања, т.е. дека моторот не надминува 900 кубни сантиметри и брзината да не биде поголема од  75 км/час.

По склопувањето, беше потребно само комисијата на Доброволното друштво да го одобри дизајнот и да потврди дека моторот или другите делови се легално набавени (на пр. ако се отпишани како неисправни и поправени). После тоа се добиваа регистарски таблички и - „вози, Мишко!“

„Труд“

Автомобил од рачна изработка „Труд“, 1964.

Беа потребни речиси шеесет табли лим собрани по отпадите за да се скрои и завари каросеријата на автомобил од рачна изработка. Овој модел од раните 1960-ти со мирна душа би можел да се нарече „Франкенштајн“, само да можеа да му се видат шевовите од заварувањето. Отстрана никој не би ни помислил дека автомобилот е создаден во гаража на некој ентузијаст, а не во фабрика за автомобили. Всушност, на „Труд“ сé е уникатно. Неговиот творец Олег Кучеренко сам на струг ги направи деловите од каросеријата и моторот со три цилиндри.

„ГТЩ“

Автомобил од рачна изработка „ГТЩ“, 1969.

На крајот на 1960-тите, Анатолиј и Владимир Шчербинини ја создадоа својата верзија на Gran Turismo, т.е. спортски автомобил со мотор од „Волга“. Интересно е што браќата не го правеа ова возило во гаража, како што би помислиле. Рамката за „ГТЩ“ ја заварија надвор пред зградата, а потоа ја внесоа во станот за да ја „облечат“ во панели од фиберглас. Подоцна пак ја извадија во дворот каде ги монтираа моторот и сето останато. И покрај официјалните прописи, Gran Turismo на Шчербинини можеше да развие брзина од 150 км/ч. Составен е во двор, но изгледа како нешто од холивудските филмови со сцени на бркање со автомобил.

„Панголина“

„Панголина“ на Александар Кулигин

Што се добива ако се комбинира мотор од ВАЗ и „заканувачки“ дизајн на спортски автом обили како „Ламборгини“? Се добива „Панголина“ на Александар Кулигин, раководител на техничкиот кружок во Домот на млади во Ухта. Наместо прозаична врата, Кулигин дизајнираше специјална конструкција во вид на капак што го крева хидраулика. Наместо ретровизор монтираше перископ, а фаровите ги премести во центарот и ги спои во посебен блок што овозможува нивно подигнување. Благодарение на лесната каросерија од фиберглас со аеродинамичен облик „Панголина“ можеше да лета со 180 км/ч, иако имаше мотор од само 62 КС. Овој неверојатен автомобил се прочу дури и во странство, па во 1985 година учествуваше на Меѓународната изложба на автомобили во бугарскиот град Пловдив.

„Тритон“

„Тритон“, автомобил-амфибија од рачна изработка на конструкторот Дмитриј Крјачков на изложбата „НТТМ-85“.

Музичарот Дмитриј Кудрјачков силно сакаше во својот рачно изработен автомобил да ги спои квалитетите на глисер и автомобил, т.е. да направи возило со кое човек може да се движи и на копно и во вода. Така настана глисерот со мотор од автомобил ГАЗ-21. Во пловидба „Тритон“ развиваше брзина од 50 км/ч, а на суво 120 км/ч.

„Лаура“ 

„Лаура“ направена од ентузијасти од Ленинград на изложбата „НТТМ-85“.

Посетителите на меѓународната изложба во Пловдив не можеа да им поверуваат на своите очи кога го видоа автомобилот на Дмитриј Парфјонов и Генадиј Хаинов. Дали „Лаура“ навистина е рачно изработена? Авторите на овој модел уште на училиште го осмислуваа изгледот на автомобилот на иднината, за во 1985 година да направат спортски автомобил со мотор од ВАЗ-2105 и менувач од „Запорожец“. Шасијата ја направија од водоводни цевки и ја „облекоа“ во табли од фиберглас и пур пена. Спортски седишта, управување со копчиња, рачно изработена суспензија од типот MacPherson - и ете ви го автомобилот на иднината!

„Мравка

Советските пронаоѓачи правеа и помали автомобили. Таков, на пример, беше ситниот „Мравка“ со отворена каросерија. Проектиран од инженерот Олег Ивченко врз основа на нацртите на сликарот Едуард Молчанов. Под хаубата „лаеше“ моторот од мотоцикл „Јава-354“. Овој мини камион со каросерија од шперплоча можеше да превезува товар и патници, без проблем развиваше брзина од 70 км/ч и не се плашеше од лоши патишта, па дури и од беспаќа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња