Да не ти се верува: Какви гаџети постоеја во СССР?

Russia Beyond (Photo: Дилис Антанас, Шлевис Г./TASS; Московски музеј на дизајнот)
Безжични слушалки, воки-токи и музика со светлосни ефекти во боја можеме и да замислиме во советското секојдневие. Но, обидете се да замислите дозиметар вграден во советска конзола за игрички?

„Мираж“ – безжична слушалка

Мираж

„Конзолата за звучна придружба 'Мираж' функционираше на следниов начин: во влезот на телевизорот со натпис 'Дополнителен звучник' се става антена во облик на прстен од жица која служи како предавател на радиобранови. Оваа операција можеше да ја изведе секој советски ученик. Конзолата имаше вграден приемник кој фаќаше сигнали во радиус од дваесетина метри. Кутивката тешка 200 грама се напојуваше со батерија од 1,5 вати, а звучниот сигнал одеше во слушалката. Овој сигнал одеше преку жицата, но самата конзола беше безжична, односно не беше поврзана со телевизорот со никаков кабел“.

Конзолата „Мираж“ беше првиот советски гаџет со „вакуумска“ слушалка која се ставаше во ушната шуплина. Беше наменета за гледање телевизија и кога наоколу имаше врева. Во Советски услови ова понекогаш беше неопходно зашто во времето на „комуналните станови“ често се случуваше во една просторија истовремено подолго да се наоѓаат неколку луѓе, и некој од нив учи, некој вежба, некој готви ручек…

„Мираж“ се правеше во украински Ивано-Франковск од 1975 до крајот на осумдесеттите години од минатиот век, но во СССР беше прилично ретка работа. Поголемиот број граѓани никогаш го немаше видено овој гаџет.

Детски жичен телефон со двонасочна комуникација

Дружок

Имаа неколки називи, на пример „Перекличка-М“ (се правеше во Ленинград од 1985) или „Дружок“ (се правеше во Нижни Новгород од 1981). Вториот се правеше во облик на кученца. Телефоните се напoјуваа од батеријата „Крона“ која се наоѓаше во еден од нив.

Најголем недостаток беше должината на жицата – само 10 метри. Преку таквите телефони децата можеа да разговараат додека се наоѓаат во различни соби во истиот стан, или во најдобар случај да ја провлечат жицата преку прозорецот, па да разговараат од долниот или од горниот кат.

Детско воки-токи

„Дует“

„Воки-токи“ (walkie-talkie) или уред за дуплексна радиоврска беше достапен дури кон крајот на осумдесеттите и на почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Ваквите играчки имаа ознака „Сигма“, „Дует“ или „Радиус“, додека воки-токито „Колибри“ беше наменето за комуникација со помош на Морзеова азбука. Дуплексниот „детски воки-токи“ имаше дострел 50-70 метри.

„Ну, погоди!“ („Само ако те фатам!“) – мобилна конзола за игра со ЛЦД-екран

Омилената детска игра „Ну, погоди!“, 1. декември 1987 година.

Речиси секој советски ученик, почнувајќи од средината на осумдесеттите години на минатиот век сонуваше за оваа игичка. Таа во тоа време беше прекопирана (без лиценца, секако) од уредот Nintendo Game & Watch, којшто беше во продажба од 1980 до 1991 година.

Суштината на играта во двата случаи е иста: волкот со шешир или со кошница лови и фаќа јајца коишто паѓаат на него од четири квачки кои се наоѓаат на аглите од екранот. За секое фатено јајце играчот добива по еден поен. Најпрво јајцата се тркалаат полека, а како што изминува играта темпото се забрзува. Ако падне јајце на земја, играчот губи еден „живот“; а вкупно има три. Како и оригиналната Нинтендо-играчка, и оваа имаше часовник со будилник.

Кај децата во текот на деведесеттите години од минатиот век коишто интензивно ја играа оваа играчка се зборуваше дека уредот прикажува цртан филм кога ќе се стаса до крајот (999 поени), но тоа не беше така. По 999 поени бројчаникот се ресетираше и бројот на поени продолжуваше од нула.

Најчудна беше модификацијата на оваа игра што од 1991 година ја правеше претпријатието „Научен прибор“ од градот Орел. Се нарекуваше „Алтаир“ и имаше вграден џебен дозиметар.

Електронски квизови

„Электровикторина“ (електронски квиз)

Наједноставниот електричен гаџет за деца веројатно беа „електронските квизови“. Се појавија кон средината на педесеттите и се продаваа до крајот на осумдесеттите години од минатиот век.

Овие играчки имаа различен дизајн, но иста содржина: играчот имаше задача да одговори на прашање така што со електронското пенкало со сензор ќе боцне во точниот отвор, по што се палеше диодна ламбичка. Тоа беше елементарна механика која ги привлекуваше децата како магнет. Прашањата можеа да се менуваат така што во картонскиот лист или во корпусот на електронскиот квиз се ставаа различни картички од комплетот.

Во комплетот имаше разно-разни теми: географија, физика, диви и домашни животни, космос, сообраќајни знаци... Популарен беше електронскиот квиз Check your answer за учење англиски зборови и граматика.

Електрични чистач на грамофонски плочи

Уред за чистење електронски записи „Электра-001“

Индустријата за грамофонски плочи во СССР беше мошне развиена. На плочите немаше само музика, имаше и детски приказни, и аудиокниги, и уште многу други нешта. Еден од најегзотичните советски гаџети беше електричниот чистач на грамофонски плочи „Електра-001“. Го произведуваше Рјазањската фабрика за радиоуреди од 1990 година.

Уредот работеше така што се вклучуваше во струја и се става на плочата, а потоа се вклучува грамофонот. Беа потребни 20 секунди за „Електра-001“ да исчисти една страна на плочата и да го отстрани статичкиот електрицитет. Уредот беше тежок 250 грана. Меѓутоа, не беше особено добро осмислен зашто кабелот можеше да се закачи за работ на плочата и да падне уредот на плочата. Страсните љубители на музика во СССР ги чистеа плочите со плишена крпичка, зашто тие им беа премногу скапоцени за да ризикуваат.

„Светлосна музика“

Монтажа на опрема за осветлување и музика во Студентското конструкторско биро „Прометеј

Првиот „светлосно-музички“ уред на светот е направен според идејата на рускиот композитор Александар Скрјабин за изведување на неговото дело „Прометеј“ (1910). Подоцна во текот на шеесеттите и на седумдесеттите години од минатиот век советскиот научник Булат Галеев раководеше со специјалното конструкторско биро на Казањскиот авијатички институт, и ова биро го доби називот „Прометеј“ според делото на Скрјабин. Тука Галеев има осмислено многу слични уреди.

Принципот на работа беше следен. Уредот ја „пресметуваше“ фреквенцијата на музиката која се слуша и во зависност од јачината на определени фреквенции испраќаше пропорционален импулс во електричните светилки. Така промената на бојата се синхронизираше со ритамот на музиката.

Роман Крилов, истражувач на феноменот на светлосната музика во СССР, тврди дека во текот на шеесеттите и на седумдесеттите години од минатиот век во Советскиот Сојуз се направени околу 80 различни „светлосно-музички“ апарати. Често го правеа воените фабрики на кои тоа не им беше основна дејност, и ги продаваа фактички „од лента“; а таквите проекти во фабричката администрација се водеа како „конверзивни експериментални партии“ (што и да значеше тоа).

Секоја партија од овие уреди веднаш се разграбуваше. Во Советскиот Сојуз речиси немаше клубови и барови каде што луѓето можеа да седнат и да се напијат нешто со музика. „Светлосната музика“ овозможуваше да се организираат мали „шоу-програми“ во домашни услови, и тоа беше мошне популарно. Освен тоа, секоја журка во таков амбиент имаше некоја посебна маѓија и „атмосфера на странство“ во научнопопуларните списанија дури и се објавуваа шеми според кои можеше самостојно да се направи едноставен музички уред со светлосни ефекти.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња