Како советските космонаути го изведоа досега НАЈТЕШКИОТ маневар во вселената и ја спасија Земјата

Александар Моклецов/Sputnik; Sputnik
Советските космонаути еднаш успеаја да спасат многу човечки животи со рачно спојување со „мртвата“ орбитална станица „Саљут-7“. До ден-денес овој маневар се смета за најтешкиот и најопасниот во историјата на космонаутиката.

Прекин на врската

На 11 февруари 1985 година, во 9 часот и 23 минути, Центарот за контрола на летовите (ЦУП) повторно испрати сигнал до станицата „Саљут-7“ со намера да ја провери работата на сите системи. Станицата тогаш веќе шест месеци беше ненаселена поради подолгата пауза во експедициите и работеше автономно, но овој пат немаше повратни сигнали. Беше јасно дека нешто се случило и никој на Земјата не можеше да ја каже причината за ненадејното исклучување на станицата.

Орбиталната станица „Саљут-7“ со вселенскиот брод „Сојуз Т-14“ во текот на летот.12.11.1986.

Без електронска корекција на траекторијата на летот „Саљут-7“ стана неконтролирана комета тешка 19 тони која постепено се приближуваше до Земјата. Дури и според најоптимистичките проценки, беше речиси невозможно да се избегнат жртви. Остатоците од станицата кои не согоруваат во атмосферата можеа да паднат врз градовите. Таквото сценарио, се разбира, не му одговараше ниту на Центарот за контрола на мисијата, ниту на раководството на земјата. Главната причина (колку и да звучи цинично) се состоеше во тоа дека катастрофа од такви размери ќе предизвика непоправлива штета на угледот на советската космонаутика.

Исцрпувачки тренинзи

Екипажот на вселенскиот брод „Сојуз Т-13“ – Владимир Џанибеков (лево) и Виктор Савиних (десно), 06.06.1985.

Подготовката на спасувачката операција започна веднаш по исклучувањето на „Саљут“. До средината на март, за оваа мисија беа избрани најискусните космонаути. Екипажот го сочинуваа командирот Владимир Џанибеков и инженерот на лет Виктор Савиних.

Подготовките траеја четири месеци. Џанибеков цело време вежбаше „фаќање“ на бродот во движење и во симулаторот разработи многу можни сценарија. Грешката можеше да ги чини животите и на космонаутите и на луѓето на Земјата.

Џанибеков и Савиних на тренинг.

Савиних ја проучи целата достапна документација за „Саљут“, бидејќи причината за исклучувањето на станицата и понатаму беше мистерија. Покрај тоа, космонаутите мораа да научат да ползат во целосен мрак по макетата на станицата бидејќи на „Саљут-7“ немаше струја.

Промени претрпе и спасувачкиот брод „Сојуз Т-13“. На пример, дел од бродот беше одреден за складирање храна на подолг период, бидејќи не се знаеше колку време космонаутите ќе поминат на мртвиот „Саљут-7“, а храната во неговите товарни отсеци можеше да биде неупотреблива поради студот во вселената.

Потера во вселената

Џанибеков и Савиних пред летот.

Во раните утрински часови на 6 јуни 1985 година, Џанибеков и Савиних тргнаа во спасувачка акција од космодромот Бајконур. Високо во орбитата, 300 километри над земјата, спасувачите имаа само еден обид на располагање.

Вториот ден од летот космонаутите се приближија до „Саљут“ и проценија дека вселенскиот брод е оддалечен само десет километри. Низ прозорецот веќе светеше мала „ѕвезда“, која постепено стануваше сé посветла. Се подготвуваа да го изведат најтешкиот маневар во историјата на астронаутиката. Во автоматски режим на спојување Џанибеков го намали растојанието на 2,5 километри. Потоа се префрли на рачна контрола и почна постепено да се приближува за спојување. Меѓутоа, кога пријдоа близу, космонаутите сфатија дека пресметката не им била добра...  

Пилотот-космонаут на СССР Владимир Џанибеков во текот на излегувањето во отворена вселена, 25 јули 1984.

„Саљут-7“ беше свртен кон спасувачите со неисправен приклучок за спојување. Во таква ситуација, на располагање им останаа само две опции: да се вратат на Земјата или да се обидат да ја обиколат станицата. Маневарот беше многу опасен по живот. Џанибеков побара дозвола од ЦУП. Нивното молчење предизвикуваше нервоза... Дури по неколку минути космонаутите добија дозвола да се обидат.

Заобиколувањето на станицата беше извршено успешно благодарение на долгите подготовки и искуството на Џанибеков. Исправниот приклучок за спојување веќе се гледаше низ прозорецот. Остануваше само да се спојат, што значи дека со рачно управување точно до сантиметар мораа да ги погодат потребните приклучоци. Ако кормилото на Џанибеков се мрднеше дури и за милиметар, „Сојуз“ ќе го оштетеше делот за спојување или ќе направеше дупка во обвивката на „Саљут“, а тоа ќе значеше неуспешна мисија.

Советските космонаути на орбиталниот комплекс „Сојуз Т-14“ - „Саљут-7“ - „Космос-1686“ (од лево кон десно): Владимир Васјутин, Георгиј Гречко, Виктор Савиних, Александар Волков и Владимир Џанибеков.

Бродот за момент „застана“. Космонаутите почувствуваа благ потрес, а потоа слушнаа тропот на автоматските брави – „Сојуз“ безбедно се спои со мртвиот „Саљут“.

Мисијата е можна!

Дури и тогаш спасувачката операција сè уште не беше завршена. Беше неопходно станицата да се врати во работна состојба. Џанибеков и Савиних се подготвуваа да влезат во оддалечените отсеци на станицата која лебдеше во вселената. Сè мораше да се направи рачно. Автоматските системи не функционираа. Космонаутите отворија мал вентил во вратата за да го испуштаат воздухот од „Сојуз“ во отсеците на „Саљут-7“ и кога притисокот се изедначи, влегоа во него.

Советскиот орбитален комплекс „Саљут-7” – „Сојуз Т-14” по одвојувањето со вселенскиот брод „Сојуз Т-13”.

Се уверија дека на станицата нема струја, дека сите системи се исклучени, а инструментите изложени на ниски температури, и не знаеја дали ќе успеат повторно да ги вклучат. Откажаа и батериите, а напојувањето со „Сојуз“ беше премногу опасно. Доколку дојдеше до краток спој во електричната мрежа, ќе се уништеше целата електроника на бродот, што значеше сигурна смрт.

Единствениот начин беше „Саљут“ да се напојува директно од соларни батерии. Користејќи ги моторите на „Сојуз“, космонаутите ја насочија станицата така што светлината да паѓа врз батериите. Инструментите почнаа да даваат знаци на живот. А следниот ден Савиних реши да ги поврзе батериите со системот за напојување на станицата. „Саљут-7“ оживеа!

Џанибеков и Савиних поминаа повеќе од 100 дена на „Саљут-7“. За тоа време успеаја да ја поправат станицата, па дури и да го рестартираат поголемиот дел од електрониката. При поправката беше откриена причината за дефектот. Еден од сензорите на батериите откажал и даваше лажен сигнал дека сите батерии се целосно наполнети. Поради тоа компјутерот на бродот ги исклучил соларните панели, а кога се потрошила целата енергија, станицата замрела.

Екипажот на вселенскиот брод „Сојуз Т-13“: Владимир Џанибеков (лево) и Виктор Савиних (десно).

ЦУП успеа да воспостави далечинска контрола над станицата по само седум дена, а космонаутите ги вршеа своите вообичаени активности.

„Сојуз Т-14“ се врати на Земјата на 21 ноември 1985 година, а „Саљут-7“ продолжи да работи во орбитата во автономен режим.

Работниот век на вселенската станица „Саљут-7“ се приближи кон крај во 1990 година и затоа започна нејзиното спуштање. Висината се намалуваше за 6-8 километри дневно. Ноќта помеѓу 6 и 7 февруари 1991 година „Саљут-7“ навлезе во горната атмосфера со брзина од 30000 км/ч, каде набрзо целосно изгоре.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња