„Ако не сакате да завршите во лудница или да ги запознаете своите предци, тогаш секако во ниту еден случај не треба врз себе да извршите трепанација. Јас успеав да ги избегнам овие варијанти само зашто долго се подготвував за овој потфат, бев мотивиран, имав причина да го сторам тоа“. Михаил Радуга, истражувач на соништата од Новосибирск, вака ја објаснува својата постапка во интервју за Телеграм-каналот Life Shot што го даде во јули, два месеци по трепанацијата на черепот што самиот си ја изврши.
Михаил има 40 години, над 50 илјади следбеници на својот канал на Јутјуб, додека снимките од неговите предавање за излезот од телото бележат десетици и стотици илјади прегледи. Една од снимките се нарекува „35 техники за излез од телото“. Но, за време на експериментот на ставање електрода во мозокот, што Михаил ја изврши самиот, за малку не ја оствари и 36 техника. И тоа трајно.
„Од младоста се занимавам со проучување на луцидните соништа, имам објавено голем број научни трудови, водам лабораторија“, вели Михаил во интервјуто. Меѓутоа, ние не успеавме да пронајдеме податоци за неговото образование или за научното звање. Навистина има напишано многу книги за управувањето со соништата кои имаат научнопопуларен карактер. Михаил, сѐ на сѐ, е ентузијаст кој одлучил самостојно да изврши неврохируршка операција.
Неговата цел била да ја „провери претпоставката според која можат да се испратат сигнали директно во соништата, а притоа лицето да не се разбуди, како и да утврди дали за тоа може да се користи кората од големиот мозок“. Михаил не се надевал дека оваа операција може да ја изврши по официјални канали поради ризикот по живот. Според него, не сакал поради него некој медицински работник да сноси кривична одговорност.
„Не сакав да чекам, јас сум фанатик кога станува збор за оваа тема и се одлучив на крајна мера“, признава тој. За самостојно да постави електроди во кората на мозокот, Михаил околу два месеци гледал неврохируршки интервенции на Јутјуб со коментари и вежбал на глави од мртви овни )за експериментите со трепанација му биле потребни 5 глави од овие животни).
„Можеби е опасно, но ако не можам да живеам без ова истражување, можам да се обидам да го изведам“, ова беа неговите аргументи кога на 17 мај 2023 година во својот стан пристапи кон операцијата. Користеше ендоскоп, инструмент кој му овозможи да се оперира себеси и да ја гледа операцијата на екран.
„Операцијата траеше четири часа – имам целосна снимка. Тука се гледа како го отворам мускулот на сводот на черепот, правам отвор во черепот, изведувам трепанација, под тврдата мозочна опна поставувам електроди, изведувам електрична стимулација и шијам. Изгубив околу еден литар крв. Потоа работев уште околу десет часа, како и обично. Затоа што човек не може да заспие по операција. Едноставно се истуширав и продолжив да работам дома“, вели Радуга во интервју за База.
Самото истражување го изврши по операцијата со асистенција на помошник чие име не се наведува. „Спиев со полисомнограф, а научниот соработник ги следеше отчитувањата и, штом ја видел РЕМ фазата, испраќаше сигнали на кората на мозокот. Исто и во луциден сон: држев предмет во раката, соработникот ја стимулираше кората на големиот мозок и предметот ќе ми испаднеше од раката.
Лицето што Михаил го има вклучено во истражувањата не знаело на кој начин е извршена трепанацијата. „Се плашев дека ќе одбие да учествува“, вели тој. Својот потфат го смета за успешен: „Потврдивме дека... може да се стимулира кората на мозокот на човек што спие и тој поради тоа нема да се разбуди, а сигналите ќе продрат во просторот на соништата – тоа значи дека можеме да влијаеме на соништата и дека можеме на човек што спие да му испраќаме сигнали“. Радуга смета дека во иднина ќе може да им помогне на луѓето што страдаат од кошмари, а исто така и дека ќе му го открие на човештвото светот на луцидните, контролирани сништа, за кои смета дека претставуваат одличен начин за решавање психолошки и психички проблеми.
Набргу по трепанацијата електродите започнаа да се вразнуваат во мозокот и Михаил побара помош од професионални хирурзи. Како што објави Life Shot, „лекарите кои од черепот на Михаил Радуга го извадиле чипот изјавиле дека на почетокот мислеле дека станува збор за професионална хируршка интервенција, и дека дури подоцна дознале дека пациентот самиот го извел зафатот“. Според хирургот, Михаил „направил сѐ квалитетно“.
Од операцијата поминаа повеќе од еден месец, а Михаил Радуга продолжува со работата и ни вети „уште амбициозни истражувања“. Жал му е што статијата за својот успешен експеримент нема да може да ја објави во стручни списанија. „Само во некое списание што нема да бара дозвола за истражување. Зашто не можев да ја добијам“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче