Импресивната футуристичка конструкција се наоѓа во близина на градот Истра во Московската област. Овој научен капацитет е изграден во 1968 година. Во тоа време тоа беше таен објект, а по распадот на Советскиот Сојуз долго време беше напуштен.
Официјалното име на објектот е „Капацитет за испитување на Високонапонскиот научноистражувачки центар на Серускиот електротехнички институт“. Но, меѓу народот го доби едноставното име „Теслин трансформатор“.
Тоа е еден од најмоќните високонапонски генератори во СССР. Можеше да генерира напон еднаков на производството на сите електрани во земјата. Но, тоа траеше само околу сто микросекунди.
Основната намена на капацитетот е тестирање на отпорноста на молњи и силното електромагнетно празнење кај електричните инструменти и авионите. Ваквите испитувања беа спроведувани со цел да се проучи делувањето на струјата врз различни објекти. На пример, овде беше симулиран удар на молња во авион, по што беа проучувани последиците од таквиот удар. Молњите беа од многу мали до огромни, кои ја имитираа оваа појава во природата.
„Теслиниот трансформатор“ во градот Истра всушност нема никаква врска со изумот на Никола Тесла. Објектот го доби таквиот назив поради извесната сличност со изумот на овој научник, но функционира според поинаков принцип.
Капацитетот се состои од три огромни каскади на трансформатори, платформа и помошен објект. Најголемата кула е всушност најмоќниот генератор, способен да генерира електрично празнење од 9 милиони волти. Ваков напон имаат вистинските природни молњи. Кулата е Марксов генератор (изум на германскиот инженер Ервин Маркс од 1924 година). Електричната енергија се испраќа до мала сфера поставена над платформата, а вештачката молња удира во предмети поставени под сферата. Еднаш, со помош на овој генератор беше добиена молња долга 150 метри.
Додека најфотогеничниот дел од конструкцијата, толку омилен меѓу фотографите - каскада трансформатори со напон од 3,6 милиони волти и уредот со постојан напон од 2,2 милиони волти - никогаш не генерираа молња. Тие се користеа за тестирање на далноводи и проверка на отпорноста на различни кабли.
По распадот на земјата и намаленото финансирање на науката, уредот за тестирање повеќе не се користеше. Денеска целиот полигон е во сопственост на државната корпорација „Росатом“, на влезот има чувар. Меѓутоа, фабриката практично не се користи, бидејќи процесот е исклучително скап.
Но, поради својот футуристички изглед, местото е многу популарно меѓу фотографите, љубителите на екстремните авантури и научната фантастика. Спаѓа меѓу најнеобичните места и објекти во Московската област.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче