Маријанскиот ров е океански ров (топографска депресија на морското дно) на западот на Тихиот Океан во близина на Маријанските острови. Според обликот потсетува на полумесечина, а долг е 2.5 илјади километри. Токму на ова место се наоѓа најдлабоката позната точка на светскиот океан, која го има добиено називот Челенџерова бездна (според бродот што го има откриено ровот).
Додека просечната длабочина на Тихиот океан е 4 километри, во Маријанскиот ров таа достигнува 11 километри. Притисокот на водата кај дното е 1.100 атмосфери, што е над 1.100 пати повеќе од нормалниот атмосферски притисок на површината на водата. Ова место е послабо истражено од темната страна на Месечината, а го имаат посетено помалку луѓе од оние што полетале во вселената. Меѓутоа, токму поради својата недостижност Маријанскиот ров стана уште еден предизвик за човештвото. Колку е длабок? И може ли на таква длабочина да опстане живот? Тоа беа клучните прашања.
Маријанскиот ров прва го има откриено британска експедиција во 1875 година. Тогаш корветата „Челенџер“ со помош на длабомер утврдила длабочина од 8.367 метри. Примерок од тлото бил темен вулкански песок, а измерената температура на водата не преминувала еден степен. Сите инструменти спуштени во длабочината со длабомер биле извадени скршени или оштетени поради огромниот притисок. Оваа длабочина во тоа време не била најголема на светот.
Генерално целиот свет тогаш бил зафатен со потрагата по „најдлабокото дно“ на планетата, организирајќи крстосувања низ сите познати океански ровови. Една година претходно бродот „Тускарора“ североисточно од Токио пронајде точка длабока 8.513 метри.
Следниот што се обиде да ја пронајде најдлабоката точка во Маријанскиот ров беше американскиот брод „Неро“ (кој се занимаваше со поставување кабли) во 1899 година. Тој измери 9.636 метри во ровот во близина на Гвама, најголемиот Маријански остров. Меѓутоа мерењето со длабомер подразбира бројни грешки како што се оние поради наклонот, деформација на материјалите, истегнување на сајлата и слично.
Повеќе од 30 години подоцна јапонските бродови „Мансуи“, „Косуи“ и „Јодо“ со помош на навигациски сонори „напипаа“ ново дно – речиси 200 метри подлабоко од претходното – 9.814 метри. Сепак, се чинеше дека тоа не е крајот.
Челенџер 2
Слободни извориВо 1951 година штафетата ја презеде новиот хидрографски брод „Челенџер“ (кој го наследи називот на претходно споменатата корвета). Тој со помош на сајла измери 10.830 метри. Тоа беше апсолутен рекорд. Длабочината беше импресивна. Тоа е повеќе од височината на највисоката планина на планетата – Монт Еверест (8.849 метри). Научниците беа уверени: во таа црна бездна, во која не допира сончевата светлина, не може да има живи суштества. Ваквиот став важеше сѐ до советската експедиција.
Кон крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години од минатиот век Советскиот Сојуз, како и многу други земји, беше во потрага по најголемите длабочини на океанот. Оваа задача му беше доверена на „Витез“, главниот брод на советската истражувачка флота. Овој германски брод за превоз на овошје со депласман од пет и пол тони Советите го добија како отштета по војната. Откако беше приспособен за новата намена, тој, почнувајќи од 1949 година, 18 години крстосуваше по Тихиот, Индискиот и Атлантскиот Океан.
Во 1957-1958 година „Витез“ истражи десет просеци во реонот на Маријанскиот ров и ја најде точката со максимална длабочина од 11.022 метри. Рекордот никој го нема соборено до денешен ден. Се смета дека токму тоа е максималната длабочина на светскиот океан.
Витез
Николай Назаров/ТАСС„Во лабораторијата во која се наоѓаат сонорите има голем метеж зашто сите сакаат да присуствуваат на новото откритие“, се сеќава на овој настан еден од учесниците на 25 пловидба на „Витез“ од 1957 година. „Сонорот исцртува стрмен пад на ровот. Линијата на длабочината час исчезнува, час повторно се појавува. Сите со интерес ја набљудуваат линијата: како ќе заврши оваа стрмнина? На крајот рамна површина – најдлабокиот дел од ровот. Се слуша команда: 'Запрете ја машината!'. 'Витез' се заниша на брановите: под неговото дно се пружа бездна длабока повеќе километри. Започнува работата на хидрологот: од отчитувањето на длабоководните термометри и определувањето на содржината на сол на различни длабочини ќе зависи какви корекции ќе бидат направени во однос на податоците од сонорот. Полека минуваат часовите на исчекување. Инструментите се извлекуваат на површината. Останува само уште малку чекање: дали тоа ќе биде 'најголемата длабочина'... Конечно, сѐ е готово, сите пресметки се направени. 'Витез' ја откри максималната длабочина на светскиот океан – 11.022 метри!“
Меѓутоа, оваа трка меѓу истражувачите за неколку стотина дополнителни метри не е најважното нешто по кое трагаа повеќегодишните експедиции. Советските океанографи во оваа пригода направија и многу позначајно откритие.
Пред советската експедиција претпоставките за постоење живот на длабочина од над шест илјади метри беа дел од сферата на фантастиката. Никој не можеше да верува дека живо суштество може да се приспособи на такви услови.
Меѓутоа, „Витез“ успеа да го побие тоа. Со помош на специјални мрежи научниците ги прочешлаа длабоководните ровови на Тихиот океан и во нивните најголеми длабочини открија микроорганизми. Ова ја поби претпоставката дека ниту едно живо суштество не може да преживее под толкав притисок.
А, подоцна, во 1960 година, експедицијата на Швајцарецот Жак Пикари и на Американецот Дон Волш го потврдија советското тврдење за постоење живот во толкави длабочини. Тие направија и повеќе од тоа. На 23 јануари станаа првите луѓе во историјата кои се спуштија на дното на Маријанскиот ров на длабочина од нешто помалку од 11 километри. Батискафот „Трст“ се спушташе на дното на бездната речиси пет часа. На оваа неверојатна длабочина тие минаа 12 минути, и додека јадеа чоколада за да ја повратат силата, виделе како покрај прозорецот на батискафот пливаат ракчиња и риба слична на иверка.
Подводниот апарат Трст
Слободни извориБи можеле да претпоставите дека потрагата по најдлабоката точка на океанот во еден момент е завршена, но тоа не се случи. Всушност, таа фактички сѐ уште трае.
По советската експедиција јапонските хидрографи во 1984 година се обидоа да досегнат до дното на Маријанскиот ров и заклучија дека неговата длабочина е сепак 10.924 метри, што е 98 метри помалку од советските мерења.
Во 2020 година заменикот на генералниот директор на Фондот за перспективни истражувања (ФПИ) Игор Денисов изјави дека е можно мерењата на советскиот брод „Витез“ да не биле прецизни. До ровот повторно беше упатена експедиција. Во ровот беше спуштена современата беспилотна подморница „Витез“ која забележа 10.028 метри. „Ова ни дава повод за размислување: или претходниот Витез неточно ја измерил длабочината, или самото дно се поместило. Сето ова се претпоставки за толкување и за анализа“, рече Денисов.
Подводниот апарат Витез-Д
Прес-служба на Фондот за перспективни истражувања/SputnikМеѓутоа, и во научните кругови засега „новата“ најголема длабочина се третира со скепса.
„Тоа е едноставно несериозно од гледна точка на океанологијата“, смета заменик-директорот на Институтот за океанологија на РАН Андреј Соков. „Во 1957 година советскиот апарат спроведе сеопфатни снимања, што е тешка и напорна работа. Со причина се вели дека океанското дно е послабо проучено од темната страна на Месечината. Во тоа лежи длабока смисла. Тоа е тешка и сериозна работа, сите тие нуркања, проучувања на дното – тоа мора да се прави мошне систематично и одзема многу време. Јас се сомневам дека при упатувањето на апаратот (беспилотната подморница „Витез“) постоела таква задача. Разговарав со ФПИ и не слушнав дека тие се обиделе да откријат некаква најдлабока точка. Задачата била едноставна: да се тестира апаратот. Секако, длабочината не се сменила, тие само се спуштиле и ги провериле координатите. За во 1957 година да се пронајде најдлабоката точка, биле потребни сериозни подготовки“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче