Советското раководство во 1950-тите сакаше да руши рекорди (или барем се обидуваше да ги собори) и во вселената и на Земјата. За да го соборат светскиот рекорд во брзина на копно, советските инженери предложија многу амбициозна идеја: да се направи тркачки автомобил со турбомлазен мотор.
Максималната брзина на копно во тоа време беше 634 км/ч. Рекордот го постави британскиот возач Џон Коб. Советскиот инженер Алексеј Смолин, кој имаше искуство во дизајнирање авиони и тркачки автомобили, сакаше да создаде возило кое ќе достигне брзина од 1000 км/ч.
Алексеј Смолин
Архивска фотографијаСмолин замисли лесен тркачки автомобил со аеродинамична каросерија придвижуван од турбомлазен мотор. Обезбеди поддршка од главниот инженер на познатата фабрика за автомобили ГАЗ и работата почна.
Во 1954 година беше направен првиот автомобил со турбомлазен мотор. Автомобилот-ракета го доби името ГАЗ-СГ3.
За да се постигне минимална тежина, каросеријата на возилото беше изработена од дуралуминиум, метал кој широко се користеше во авијацијата и космонаутиката.
Тркалата на автомобилот беа преземени од авионот-ловец МиГ-15, а моторот од МиГ-17.
Турбомлазниот мотор имаше доволно сила за возилото да достигне 1000 км/ч. Меѓутоа, триењето им предизвикуваше дополнителни проблеми на инженерите.
Најпрвин инженерите мораа да направат соодветни гуми кои можат да поднесат толку голема брзина. Потоа им требаше соодветна писта на која ќе извршат пробно возење. Се покажа дека е многу тешко да се најде соодветна тркачка патека за тоа.
Кога и двата проблема беа решени, дојде денот на првото тест возење.
Во ноември 1954 година советскиот возач Михаил Метељов го врза сигурносниот појас на пистата на воениот аеродром „Горки“ во Нижни Новгород и се подготвуваше за возење.
Како мерка на претпазливост, инженерите му наложија да не надминува 300 км/ч при првото тестирање, иако на ум имаа многу поамбициозна цел.
И покрај сите безбедносни мерки, првото тест возење заврши катастрофално. Автомобилот се разби така што не можеше да се поправи. За среќа, возачот се здоби само со полесна повреда - скршеница на прст на ногата.
Таквото фијаско при првото пробно возење на првиот турбомлазен тркачки автомобил во СССР ја запечати понатамошната судбина на амбициозниот проект.
Така, проектот беше затворен во 1957 година. Осум години подоцна американскиот возач Крег Бридлав му докажа на светот дека може да се постигне целта што советскиот инженер ја постави претходно. Бридлав го забрза својот турбомлазен автомобил „Духот на Америка“ до 600,6 милји на час што е еднакво на 966,5 километри на час.
Денес остатоците од првиот советски турбомлазен автомобил се изложени во Музејот на фабриката ГАЗ во Нижни Новгород.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче