Хибрид на бела и кафена мечка би можел да се појави на северот на Јакутија поради промената на ареалот што го населуваат овие цицачи. За ова за агенцијата ТАСС зборуваше Инокентиј Охлопков, директор на Институтот за биолошки проблеми на криолитската зона на Сибирското одделение на РАН.
Белата мечка е најголемиот копнен грабливец на Земјата. Поголемиот дел од својот живот го поминува во морето меѓу глечерите. Според податоците на Светскиот фонд за дивиот свет, површината на ледената покривка на Арктикот последниве години е намалена за над 30%, што во најскоро време може да доведе до намалување на популацијата на белите мечки за две третини.
Кафените мечки навлегуваат во тундрата. Во долниот тек на реката Колима (арктичката зона на Јакутија), каде што престојуваат белите мечки, почнаа да се појавуваат и кафени. Конкретно, случаи на појава на кафени мечки се забележани во Анабарскиот реон на Јакутија. „Многу е веројатно дека во иднина ќе се појави хибрид на бела и кафена мечка“, вели Охлопков. Претходно ваков случај беше забележан во Канада. Во 2006 година, на Северозападната територија беше забележана необична бела мечка: на нејзиното крзно имаше темни дамки, а муцката ѝ беше со нетипична форма. Ловците го убија животното, а анализата на крвта ги потврди претпоставките на научниците. Тоа беше навистина хибрид на бела мечка и гризли. Во 2010 година, во истиот арктички регион на Канада беше убиена уште една мечка која настанала со вкрстување на следната генерација: хибридната мајка и татко гризли.
Според научниците, на појавата на ваквите хибриди влијаела промената на климата. Наглата промена на временските услови на Арктикот, според податоците на американскиот универзитет „Вандербилт“, доведува до намалување на површината на морските глечери, на кои ловат белите мечки. Од друга страна, од истата причина, територијата достапна за гризлито се шири кон север. Така што ареалите на овие два вида почнуваат да се преклопуваат.
Белите мечки се вклучени во Меѓународната книга на загрозени видови и во Книгата на загрозени видови на Русија. Според проценките на експертите, на светот живеат од 22.000 до 31.000 единки. Поголемиот дел од својот живот белите мечки го поминуваат во морето меѓу пловечки глечери. Нивниот број е во нагло опаѓање. Меѓу главните закани за белите мечки се ловокрадството, намалувањето на површината на морските глечери поради климатските промени и загадувањето на арктичката природна средина.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче