Првата и последна советска туристичка подморница (ФОТО)

Олег Кулешов
„Нептун“ беше тестирана во студените води на Северниот леден океан за да ги забавува туристите во топлото Карипско море.

По Втората светска војна Советскиот Сојуз беше признат светски лидер во проектирањето и производството на воени подморници, но дури кон крајот на 1980-тите, во пресрет на распадот на земјата, во него почнаа да размислуваат за создавање туристичка подморница.

Првата советска подморница за туристички екскурзии, „Нептун“, беше спуштена во вода во Северодвинск на 18 септември 1990 година, а наредното лето тестирана во Белото море.

„Нептун“ беше долга 28 метри и широка 4 метри. При нуркање на длабочина од 40 метри (нејзиниот максимум беше 60 метри), подморницата можеше да се движи со брзина до 2 наутички јазли (3,7 километри на час). Меѓутоа, таа никогаш не излегуваше на море при лоши временски услови со поголеми бранови.

Екипажот го сочинуваа три лица: капетан, механичар и стјуард-водич. „Нептун“ можеше да прими до 40 патници, на чие располагање беа 22 прозорци за набљудување. Подводната екскурзија траеше еден час.

Туристичката подморница, тестирана во студените северни води, требаше да се користи во топлото Карипско море. Затоа во 1992 година Конструкторското биро „Рубин“ и Северното претпријатие за машиноградба („Севмаш“) потпишаа договор со италијанската компанија „Кортина“, која поседуваше туристички комплекс на еден карипски остров.

По неколку години работа во егзотичниот регион, „Нептун“ се врати на север за поправка и надградба. Но, сопствениците проценија дека проектот повеќе не е исплатлив и се откажаа од понатамошното користење на подморницата.

Првата (и последна) советска туристичка подморница беше закотвена во Северодвинск долги години. Меѓутоа, неодамна се појави идеја да се префрли во Москва и да се претвори во кафуле-музеј.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња