Учесниците во експедицијата под раководство на доцентот на Катедрата за руска историја на Петрозаводскиот универзитет Александар Жулников открија две населби на племето што ги создало беломорските петроглифи, соопшти прес-службата на Петрозаводскиот универзитет.
Жителите најверојатно ги напуштиле населбите поради значителното подигање на нивото на морето. За тоа сведочат предметите за секојдневна употреба пронајдени под голем слој морски песок, оставени набрзина пред околу 6000 години.
„Уште во 1930-тите советските археолози пронајдоа населба недалеку од петроглифите која беше покриена со морски песок. Тогаш претпоставија дека имало некаков потоп, но од локален тип. Ние сега пронајдовме две други населби на древните луѓе и тука откривме керамички садови покриени со морски песок. Сопствениците веројатно го оставиле кога ја напуштале населбата пред потопот“, коментира Александар Жулников.
Историчарот објасни дека во моментов нема причина да се зборува за тотален карактер на древниот потоп, но водата брзо надоаѓала и тоа можело да има врска со глобалните климатски промени.
Според него, натамошните истражувања ќе бидат насочени кон утврдување на размерот на потопот. Податоците би можеле да бидат корисни и за археолозите и историчарите, како и за климатолозите. За прогнозирање на временските промени е важна целокупната слика за климатските промени во далечното минато - додаде шефот на експедицијата. Додека другите резултати од ископувањето би можеле да ја прошират миграциската карта на древните луѓе на северот на Русија.
„Откривме садови со орнаменти во вид на ромбоидни вдлабнатини, како и сад со шара од отпечатоци од чешел во вид на лакови која потекнува од областите зад Урал. И понатаму останува прашање како овој сад се нашол во Карелија, но сега во секој случај е јасно дека овие племиња имале врска со територијата зад Урал. Експедицијата пронајде и голем број врвови на стрели од кремен кои стигнале овде од подрачјето на северна Двина (денешен Архангелск, стотици километри од Беломорскиот реон)“, објасни Жулников.
Експедицијата исто така успеа да утврди дека местата каде што се врежани беломорските петроглифи биле семејни светилишта. Имено, древните луѓе не основале населби толку блиску до племенските верски центри. Но, цртежите сигурно имале магична функција и биле користени за повикување на добра среќа во ловот и риболовот, истакнува научникот. Што значи дека се направени од мали групи луѓе за секојдневна употреба.
Комплексните истражувања на археолошките локалитети ќе придонесат за реконструкција на историјата на миграциите на племињата во VI-V милениум п.н.е. на северот на Русија и откривање на значајните климатски процеси од тоа време, заклучува Жулников.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче