K-12 „Жар-птица“, советскиот бомбардер без опашка кој беше жртва на судбината на својот конструктор

Zeichhaus / youtube
Овој воздухоплов се смета за претходник на сите модерни суперсонични авиони.

Трагичната судбина на талентираниот конструктор на авиони Константин Алексеевич Калинин и неговите познати авиони од серијата К уште долго време ќе го привлекува вниманието на љубителите на историјата. Страдањето на еден од најзначајните претставници на техничката елита на земјата во Сталиновите репресии несомнено се одразило врз развојот на советската авијација.

Константин Алексеевич Калинин

Ќе се потсетиме на еден воздухоплов проектиран од конструкторскиот тим под раководство на Калинин во 1930-тите, експерименталниот авион со необичен дизајн без опашка К-12.

Како што пишува порталот Airwar.ru, во февруари 1931 година Научноистражувачкиот институт на Военото воздухопловство, во согласност со новата воена доктрина која предвидуваше модернизација на Военото воздухопловство сили на Црвената армија, изработи тактичко-технички барања за напреден модел на повеќенаменски воен авион. Проектирањето и изградбата на авионот под шифрата ВС-2 му беше доверена на Харковскиот завод за експериментално проектирање на авиони (ХАЗОСС), на чие чело беше Калинин.

Работи на изработка на авион К-12 во Харков

Беше предвидено К-12 да врши функции на лесен бомбардер, извидувачки авион, коректор на артилериски оган, авион за фотографско извидување, па дури и на лесен транспортен авион и авион за брза помош. Брзината што се бараше беше над 250 км/ч на висина од 3000 метри, а долетот со полн резервоар беше 350 километри.

Во првата верзија, единствената интересна работа беше шемата на летечко крило. Во тоа време во СССР, како и во странство, оваа шема ги привлекуваше конструкторите на авиони, но само најхрабрите се фаќаа во костец со неа. Беше неопходно да се земат предвид премногу технички аспекти и, иако пресметките покажаа дека таквата конфигурација ќе донесе значителни предности од гледна точка на брзината, маневарските способности и едноставноста на одбраната, ризикот беше преголем.

Втората верзија на „Жар-птицата“ стана дефинитивна варијанта без опашка и со трапезоидни крилни конзоли со вертикални површини на краевите кои служеа како кормила.

Цивилната верзија беше предвидена за 11 патници, а поштенската варијанта за шест. Заради превозот со железница авионот можеше да се расклопи на делови.

„Калинин“ К-12 беше проектиран за да може да биде управуван од 3 лица. Пилотот се наоѓаше во висока кабина во централниот дел на трупот. Во предниот дел се наоѓаше навигаторот, а во задниот нишанџијата.

К-12 имаше распон на крилата 20,95 метри, должина 10,32 метри и полетна маса од 4200 килограми. Развиваше максимална брзина од 240 километри на час на висина од 3000 метри и со полн резервоар можеше да помине до 700 километри.

Авионот беше украсен со светлите бои на жар-птицата од рускиот фолклор и учествуваше во прославата на Денот на советското воздухопловство на 18 август 1937 година. Во тоа време почнаа и државните тестирања на новиот авион.

За жал, К-12 што се појави на воздушната парада беше единствениот примерок што некогаш беше изграден. Неговиот дизајнер Константин Калинин беше уапсен на 1 април 1938 година. Беше осуден како непријател на народот и стрелан. Тоа ја реши и судбината на „Жар-птицата“.

Не треба да се заборави дека „Калинин“ К-12 влезе во историјата како првиот бомбардер со конструкција без опашка. Во 1998 година, британското списание Air Pictorial напиша за него: „Овој авион беше претходник на сите современи суперсонични авиони“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња